Алелуја, скопската пожарна ќе се поднови, а со името до кај сме?!

Скопските пожарникари после 25 години ќе добијат возило со противпожарни скали. Најавено е и купување на други четири нови возила. Па што да кажам освен, арно им текна. Среќници се пожарникарите, на тие храбри луѓе кои нѐ спасуваат секој ден, конечно им дојде редот. Претходно на листата беа осетливите стомаци на функционерите, кои ако не се лажам со државни пари јадеа бизони, коњи и други скапи „шумски ѕверки“. Командирот на Противпожарната бригада не ја пропушти можноста да и’ се заблагодари на новата градска администрација, ама и што друго му останува на човекот, 25 години чекале луѓето за да дојде и нивниот ден „Д“.

За време на комунизмот во соседна Бугарија, ако не си припадник на црвената номенклатура (буржоазија) ќе си чекаш и до 10 години за една Лада жигула, (всичко си има процедура, ако ви текнува на муабетот). Испаѓа дека во Македонија во време на плурализам, за нешто толку важно, како што е возниот парк на пожарникарите (во случајот скопските), се чека и по 25 години. Не сакам ни да си помислам каква е ситуацијата во провинцијата, сигурно не е за фалење, како например, фактот дека сме ( или бевме ) на второ место во листата на Doing Business.

Вчера медиумите објавија еден занимлив факт. Во возниот парк на скопската пожарна бригада има возило, што годинава ќе слави половина век, и замислете уште е во употреба. Ете ви едно нешто што трае подолго од спорот за името. Да не сум слушнал некој да го „трола“ медијаторот Нимиц, дека 25 години посредува, а уште ништо не посредил. Имало и полошо. Но, не губете надеж, возилото е исправно и не сака да се предаде.

Приказнава со полавековното возило, ме потсети на една сторија од автобиографски карактер. Моите родители добиле како подарок за нивната свадба фрижидер. Тоа се случило во далечната 1971 година. Фрижидерот „даде фира“ пред неколку години (ако не се лажам во 2013-та). Ладилникот верно и служеше на мојата фамилија повеќе од 40-тина години, и денот кога истиот се расипа беше објавен за црн ден за кланот Величкови. Моите (возрасни) родители испаднаа во паника. Што ќе прават сега??? Нивниот „верен другар“ ги напушти без збор и со мирис на скиснато гравче (чорба, пошо тавче-гравче е за буџовани). Кај пожарникарите случајот е сосема друг, тие гарант со олеснување ќе го дочекаат „пензионирањето“ на нивниот 50 годишен другар, одговорен за гаснењето на пожари од лесно запаливи течности. Ја повикувам новата градска власт, да го замени и овој „ветеран“ со нов достоен наследник (веќе не е ни време, оти одамна тоа требало да се случи). Колку и да е исправно возилото, треба да замине во заслужена пензија, оти ова возило не е направено за курназење низ град, туку е направено за да спасува животи. Нели животот дојде, не го оставајте да изгори во пожар предизвикан од лесно запалива течност.

Бидејќи претпоставувам дека некои интернет патриоти „на дување“ ќе речат: „Татарине, да не се поарни?“, брзам да ги информирам дека „Татарите“, „браќата“ Срби, „Усташите“,„мрзливите“ Црногорци и Словенците (што ни го украдоа ајварот), веќе во целост го имаат обновено возниот парк на своите противпожарни единици. Се разбира тоа е така, бидејќи наведениве немаат спор за името со Грција. Ради овој спор, немаме време да се концентрираме на приоритетите. Меѓу најважните приоритети секако е и целосната обнова на возниот парк на македонските пожарникари (значи на цела територија на Македонија, не само во Скопје). Силно се надевам дека сега бастионот на опозицијата, Кавадарци, ќе возврати на „ударот“ на Петре од Скопје и исто така ќе земе нови возила за противпожарната единица во главниот град на Тиквешијата. Е вака да им текне некогаш да премерат к*р никој нема да им се налути, ама тоа е…

PS: Им посакувам на пожарникарите од цела Македонија здравје и се молам на Господ да ги чува. Тие се храбри луѓе и заслужуваат многу поразличен третман од тој да бидат „на листата за чекање“, позади ојадените функционери.

Автор: Атанас Величков

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*