Гоцевите идеали

Одбележавме уште една годишнина од смртта на Гоце…

Го плукаме неговото дело секој ден, без око да ни трепне, а тие што упорно се борат неговите име и дело да не се користат за прикривање на ништожноста што не опкружува веќе се толку малку што можат слободно да се стават во графата „статистичка грешка“.

Остана ли нешто неподелено во Македонија?

Навистина ли го разбираме светот како што го разбирал Гоце?

Можеме ли ние да се натпреваруваме културно со другите? Им бегаме на повеќе полиња, ќе речат оние удирачине во гради, што верглаат како расипани плочи колку голема е Македонија, без дури да го мрднат малото прсте за да создадат нешто за нејзино добро. Така е најлесно. Покриј се на завет под сенката на Македонија и мавтај со ликот на нејзиниот најголем син.

Дали сте свесни дека, ако го следевме заветот на Гоце, Македонија ќе беше далеку поубаво место за живеење?

Денес немаше да бидеме поделени на патриоти и предавници, на „антички“ и словени, на шарени и тврдокорни. Најстрашното е што не се ни трудиме да го разбереме човекот Гоце. Даскалот што проповедал борба за правда и револуционерот кој упорно го барал најдоброто за своите луѓе.

Денес сите знаеме како да го искористиме Гоце, без дури на момент да не се исплашиме од неговата големина. Обичен човек бил од крв и месо, ама визионер, кој знаел како да ја „вбризга“ желбата за подобро утре на луѓето околу него. Тоа е тоа што го прави идеолог и апостол на револуционерното дело во поробена Македонија.

Најубавата песна напишана некогаш за Македонија, е дело на еден од најблиските пријатели на Гоце, Пејо Јаворов, и е посветена токму на него, на даскалот од Кукуш. Во „Хајдушки песни“ и покрај тоа што се зборува за „сабја халосија“ и „пушка огнебојка“, основниот мотив е љубовта.

Ние не можеме ни да љубиме како Гоце. Одамна романтизмот не е на мода. Заборавете на се друго. Обидете се да разберете како љубел Гоце и после ќе ви станат јасни многу работи.

Допрен од Господ…

Да Гоце е токму тоа, обичен човек допрен од Бога. Нема друго објаснување за неговата харизма и влијателност. Меѓу илјадници мажи и жени кои се ставиле во услуга на Делото, најпрв стои даскалот од Кукуш. Немало потреба да се појавува на избори или со камата да го гради и брани својот авторитет. Едноставно бил прв меѓу рамните, па макар и никогаш официјално да не застанал начело на Организацијата.

Денес ќе се испотепаат некои за функции, за да добијат тежина…

Денес истите тие „лесни“ луѓе се сеќаваат на Делчев само кога треба да се појават на кадро, како му се поклонуваат. Денес истите тие жедни за власт и моќ луѓе својата евтинија ја покриваат со гоцевите идеали. Ги валкаат, допирајќи ги со своите прсти, но за жал не можат да ги разберат. Токму поради тој факт, Македонија тапка во место. Гоцевите идеали во кои многумина се колнат, собираат прашина во аголот на нашата бутафорна дневна соба, претрупана со непотребен мебел. Време е да го исфрлиме непотребниот мебел, бидејќи е толку неупотреблив, што не го бидува ни за донација.

Да им создадеме простор на гоцевите идеали, па ако се најде некој јунак да ја победи црната чума, можеби и тие навистина ќе заживеат.

Автор: Атанас Величков (Батко Тане)
Извор: Трибуна.мк

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*