Две глутници и едно јагне

Тропна ли правдата со сета своја жестина на клупата во судницата со затварањето на врвот од началството на МВР и пратениците од парламентот кои се дел од крвавиот 27 Април? Ќе почекам исход од судењето и до тогаш нема да се осмелам да навлегувам во нивната вина ни во тоа дали се тие повеќе криви од оние кои ја демолираа канцеларијата на Иванов. За тоа постои Кривичен закон кој ги подредил делата според нивната тежина.

Навивачките групи кои денес навиваат и се ситат на притворањето на осомничени лица, нема да го подобрат демократскиот амбиент на нашава држава, за кој се стремевме кога му рековме на Груевски, ДОСТА Е. Реприза во ниските нагони, во жестењето по противничка крв, моменти на еуфорија и ситење не сакавме. И во овој случај, како и во многу други, народов наш ненајаден, на кого џебот не му тежи повеќе од 78 денари на ден, се претвори во порота. Не за да си го подобри својот мизерен статус. Туку за да се додвори на своите вождови кои го оставија со 78 денари во џебот на ден. Сите оние кои негодуваа на сцените како братот Љубе лежи на бетон со пиштол на главата, како Томче Кежаровски го вадат од домот како терорист на Ал Каеда, и како полицијата тепа студенти во Универзитетска библиотека, денес споделуваа слики како затвореник од другион табор, нели, се шета во истражниот затвор, кој кревет им се паднал,или што ќе биде на менито за доручек, ручек и вечера во Истражниот. Во нормални држави, каква целиме да бидеме ние, освен иницијали и две кратки вести околу настанот, вакви подлости и мизерии немаше да има.

Овие денови целокупната машинерија на двата чопора се дигна во служба на своите елити. Едните плачат заради некаков си реваншизам, а другите поливаат отров сакајќи да се претстават себе како борци за правда. Борците за правда не ги замислувам со закрвени заби а исто така и оние кои се декларираа себе за потомци на ВМРО, не ги замислував за толкави плачи-тралала. Чекајте бе батиња. Не е заборавено вашето време и како тоа вие го правевте. Оставете и простор на оваа држава да живне, затоа што од вашите притисоци, таа е пратена на Интензивна нега. Хибернира заедно со свеста на овој народ, која нема да се промени се додека двата чопора за секогаш не згаснат и ранетото тело на оваа наша татковина не се дезинфицира од убодите на нивните кучиња. Тешко на нас обичните смртници кои одиме на суд без големи помпи. Блазе си и на таа држава која има мир на раат да ги санкционира таквите престапници.

Двата чопора не ги видовте кога Македонија имаше зрела причина да извади народ на улица. За 185 мртви новороденчиња за само 9 месеци. За доделената парична помош на државата Косово за убијците на 8 полицајци. За радиоактивниот отпад по нашите депонии. За лековите од Сирија, од базата на Исламската држава со која не трујат веледрогериите. За немањето инсулин по клиникиве и за немањето Министер за здравство веќе неколку месеци. Народов се сепна на некој си Орел-споменик дигнат во Мала Речица. Пријателчиња мои. Македонија нема да умре од тој постамент и бетониран орел кој подеднакво слабо лета како што и слабо рика нашиот лав. Сите станавме врапчиња, мачиња, во шепата на овој систем кој не претвори во восочни кукли кои треба да се бунтуваат само за НИВНИТЕ потреби. Слободата на нивниот г’з е доведен во прашање,а не опстанокот на државата. Таа е одамна пропадната и завиена во црно од душичките на оние дечиња кои никогаш не излегоа од болничките инкубатори. Замреа мегафоните на оние кои не потсетуваа каква кланица ни се болниците. Влегоа и тие во чопорот и навиваат за притворите и долгогодишните робии.

Ве лажат дека државата ќе пропадне, а таа по пропадната не може да биде. Оној Хрватски воен ветеран испи отров во судницата во Хаг за да не ја чуе пресудата за своите дела на боиштето. Кој е нашиот излез за да не го гледаме повеќе овој хорор филм? Те молам само Боже, држи ме подалеку од глутницата и остави ме сам да чекорам. Далеку од нив сум човек. Чувствувам и болка и радост и среќа. Што ли чувствуваат сега тие, кога преку ноќ измутираа и станаа безгласни букви? Нора? Васиљ? Огненче? Кај сте бе мајкини? И не можам да си одговорам на прашањето, каков морален, етички, правен и економски пад доживеавме овие 10-15 години, кога пред исто толку години, бевме првата и земја за пример во регионов? Зошто толку слепо им се покоривме ним кога се само реприза и копија еден на друг? Зошто трчаме по оние кои не успеаа барем малку да го подобрат нашиот животен стандард овие 10-15 години?

Вчера се прошетав покрај течението на реката Вардар и низ есенскиот пејсаж се пуштив во набљудување на мојата околина.Видов на кејот на Вардар еден детски цртеж. На него имаше птици, зеленило, сонце и трева.Чиста детска душа. Се прашувам, за колку години, тоновите на тој мал уметник ќе затемнат и неговите прекрасни бои ќе почнат да личат на сенки?

Напиша: Булеварко

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*