До математичарот и експертот за економија: Макотрпно работиме за нашето лепче, за разлика од Вас, политичарите!

Тажевме, а потоа славевме. Христос воскресе, навистина воскресе. На тој голем настан, најголем христијански празник, двајцата “лидери“ на најголемите македонски политички партии, наместо пораки за мир и единство решија да не труат повторно со политика, сакајќи да ни покажат нам, граѓаните, колку многу тие се грижат за нашата сегашност, ами и иднина.

Арно, ама, во тие нивни загрижени изјави и меѓусебни преписки и држење лекции за економија како да заборавија да си споменат за нивните грешки и неуспеси од изминатите 27 години, па, решија да си разменат по некој збор за тоа која партија и кое раководство придонело повеќе за економијата во Република Македонија (веројатно мислејќи на некакви успеси, ако веќе такви постојат).

Па така, премиерот Заев како човек кој направи “вистински реформи“ во судството, медиумите, здравството, образованието итн итн.. истакна дека е толку многу паметен и добар во економијата, што би можел дури до сабалје да му држи лекции на лидерот на опозицијата.

Овој пак, другиов “лидер“ наместо мудро да ја премолчи грешката на Заев за тоа што во текот на најголемиот христијански празник се обидува повторно политички да поентира, но и да ја замајува македонската јавност со дневно-политички преписки, се реши веднаш да му возврати со негова “лекција“ како професор.

И повторно слушаме – народот, народот, па народот. Ама запнале со тој народ. Па економијата, криминалот, теророт, политичките прогони, евро за Вице, евро за тој, за оној и што ли уште не… и доаѓа моментот – задолженост! Чекај, кој збори за задолженост? ВМРО-ДПМНЕ…? Ауу, мајката!

Читам и си велам – не е можно! Дојде ред ВМРО-ДПМНЕ да збори за задолженост, да искажува загриженост за состојбата во економијата, за тоа дека младите се иселувале, за тоа што луѓето не биле насмеани, среќни, немале високи плати итн итн… чекај дечки, па нели економијата беше топ до лани, нели бевме први во светот, бизниси на секаде, високи плати, прекрасно здравство,среќни, насмеани луѓе. Вие сакате да ни кажете т.е да не убедите дека за само 12 месеци СДСМ успеа се да сруши во државата? Но, нејсе. Го разбираме лидерот на опозицијата. Задачата на опозицијата е да критикува и да нуди решенија за подобро утро, со цел нели да се врати на власт, а потоа… можеби повторно ќе заборави на ветувањата до граѓаните, но и критиките искажани до своите претходници. Истото она што го направи сега премиерот Заев. Тие критикуваа, нудеа решенија, но дури беа во опозиција. Сега работите малку се сменети. Затоа и го разбираме Мицкоски. Тој не е виновен што неговиот претходник Никола Груевски се залета, мислеше дека е семоќен и може вечно да владее, па направи кармакаша во сите ресори во државата.

И сега, после делењето лекции еден на друг, лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ се реши неговите пратеници да ги врати во Собранието на Република Македонија, а прв чекор да им биде гласање на недоверба на владата. И повторно, читам, и не можам да им се изначудам. Си велам, добро има ли пилот во авионот? Па каква црна интерпелација поднесувате, каква црна недоверба ќе гласате кога уште своите внатрепартиски редови ги немате исчистено? Половина од вашето раководство го смета за Претседател уште Груевски, а пола од членството им е страв (или пак срам) да признаат дека се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ! Со кои тоа пратеници Вие господине Мицкоски планирате да изгласате недоверба на оваа Влада? Со 41 пратеник?

Но, нејсе. И тука Ве разбираме. Не знаете како да им објасните на членовите (кои уште се во филм дека Македонија е најстара и дека сме најпаметни во цел свет) дека морате да се вратите во Собрание за да функционирате нормално како политичка партија која сака да се “реформира“ и врати на власт, па морате преку вакви постапки да му се јачате на Заев, иако реално во моментов немате сила и моќ за такво нешто, па го одбирате веројатно најбезболниот начин за да поминете и кај членството, а од друга страна да му овозможите на политичкиот противник да го тера она што го зацртал – решавање на спорот за името (а потоа нели вината за тоа да падне кај извршната власт а вие од сето тоа да поентирате).

Од друга страна, премиерот Заев по една таква состојба уште покомотно би се чувствувал во премиерското столче, бидејќи на тој начин, преку неизгласувањето на недоверба на Владата, ќе и покаже на јавноста дека тој е оној кој што има дупло поголем рејтинг од Вас, кој има стабилно мнозинство, а евентуално преку проширување на истото, би придонел и за поголема поддршка за “реформските процеси“ (кои некако доцнат во целава оваа ситуација) како и за решавање на деценискиот спор за името меѓу двете земји.

Затоа, господине Мицкоски. Ве разбираме и го поздравуваме потегот што пратениците ќе се вратат во Собранието. Ако не, за друго, барем за парите кои ги земаат од граѓаните. Не е фер и коректно спрема своите граѓани, чии што претставници во законодавниот дом се тие, да седат дома и да земаат плата (1500 евра месечно). Вака, барем ќе ги гледаме на собранискиот ТВ канал дека барем се обидуваат преку викање од говорница и стискање на фамозното копче за гласање, истите тие 1500 евра некако да ги заработат, бидејќи ние, обичните граѓани, макотрпно го заработуваме нашето лепче, за разлика од Вас, политичарите!

Пишува: Гоце Милошовски

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*