ДО МИЦКОСКИ: Никој не сака да те држи со сила ако самиот сакаш да се давиш, но пред да се удавиш, сакаме да го чуеш нашиот пријателски совет

 

Под влијание на Груевски и неговите контакти со барем половината од сегашното раководство, како и под притисок од извршната власт, новиот лидер на партијата Христијан Мицкоски ќе мора да го измени својот политички курс во изнаоѓањето решение за ослободување на ВМРО-ДПМНЕ од стегите на Груевизмот и создавање едно ВМРО, кое ќе има свои автентични политики кои ќе бидат  својствени за самиот политички субјект како десничарски во политичкиот простор во државата.

Во таков тон треба да бидат и идните политики на моторот на таа партија, тоа секако нели е ИК и ЦК, а потоа и ОК на партијата, со цел да ја запознаат македонската јавност дека ВМРО-ДПМНЕ е променето и “да го врати уверувањето“ за чист вмровски пристап во кого ќе има демократија, слобода на мислење, говор, изразување, човечки правдини, слобода да се критикува и мисли поразлично од лидерот – нешто кое веројатно се изгуби во текот на владеењето на Груевски како прв човек на партијата.

Во барањето решение и излез од оваа партиска криза, за која многумина уште не се ни свесни, за да се дојде до идеалот за Македонија каква што сакаат десничарите и вмровците во Република Македонија, партијата најпрвин ќе мора да расчисти со онаа флоскула дека се во ВМРО почнува и завршува со Никола Груевски, притоа обезбедувајќи им на своите членови “бесплатна едукација“ за тоа што е ВМРО, за каква организација станува збор, за што се бореле во текот на историјата, но и што значи ВМРО-ДПМНЕ како партија и каква улога имала во создавањето на Републиката во 90-тите години. Стремежот за слобода на партијата која долги години не беше слободна мора да биде пред сите други чекори кои ќе ги преземе новото раководство.

 

Новото раководство има историска задача – за последен пат да се обидат да ги убедат граѓаните на ВМРО-ДПМНЕ дека партијата која ја создаваше Независна Македонија уште не го загубила своето достоинство и авторитетот на четирите свети букви В М Р О. Доколку Мицкоски скршне од овој пат, тогаш тој како човек на кој му е дадена шанса да ја очисти дамката која му е оставена на ВМРО-ДПМНЕ благодарение на неговиот претходник Никола Груевски, тогаш тој ќе биде оној кој може да внесе расцеп во партијата, а со тоа полека да доведе и до нејзино конечно уништување (нешто за кое многумина би се радувале).

Затоа, според зборовите на најголемиот водач на ВМРО Тодор Александров кој пријателски го советувал П. Чаулев за погрешното поведение во преговорите и објавувањето на Мајскиот манифест на штета на македонското ослободително дело, осудувајќи го што не го заштитил човечкото достоинство и авторитет на ВМРО, пријателе Мицкоски, како најискрен вмровец, кој сака да го види В М Р О обединето, сплотено, единствено ти порачувам: „Никој не сака да те држи со сила, ако ти си решил самиот да се давиш, но сакаме, пред да се удавиш, да го чуеш нашиот последен другарски совет“.

Нашиот совет е следен – Според сите проценки, според сите случувања во државата, според сите грешки на владата предводена од СДСМ, за жал, се уште не можеме да констатираме дека граѓаните на Република Македонија имаат поголема доверба во Вас, отколку во нив. Имено, ВМРО-ДПМНЕ како партија ја има најголемата недоверба кај граѓаните од нејзиното формирање. Натамошното опстојување на ВМРО-ДПМНЕ ќе стане неподносливо и опасно, доколку новото раководство на чие чело сте Вие, не преземе сериозни мерки за да ги парализира и ограничи влијанијата на Груевизмот на партијата, односно да го спречи неговото идно “самоволие“.

Преку автентична политика, која мора да ги затопли односите со помалите десничарски партии, со сите вмровци во Република Македонија, Вие како човек кој може да ги смири раскараните “браќа и сестри“ од десницата можете да влеете надеж дека во Република Македонија ВМРО нема да згасне. Колебливото однесување само може да го наштети вашиот авторитет во партијата како нејзин прв човек и истото може да го отежни процесот од излегување на една внатрешна криза и атмосфера на недоверба меѓу членовите и меѓу нејзиното раководство. Заострените односи со струите кои не мислеа како Груевски, мора да бидат сослушани, што мислат, како размислуваат, какви идеји имаат, а потоа истите доколку нудат добри политички решенија да бидат послушани со цел посилно и помоќно ВМРО-ДПМНЕ.

Конечно, Вие ја имате улогата и на човек кој мора да обединува, а не да разединува како својот политички претходник Никола Груевски кој веројатно поради своја лична суета и не трпење на критика избрка многу вмровци од партијата, а дел од нив со своите постапки и репресии кон нив преку разноразни жестоки пропаганди ги натера сами да ја напуштат партијата, притоа лепејќи им етикета на национални предавници, луѓе кои го предале ВМРО и својата татковина и народ.

ВМРО-ДПМНЕ мора да расчисти со анти-европските политики, со анти-нато политиките, со анти-бугарските политики, со русофилите во внатрепартиските редови, со тезата дека се почнува и завршува со Македонија.
ВМРО-ДПМНЕ мора да им се извини на луѓето кои претходното раководство се обиде да ги избрише од историјата, не само на партијата, туку и од историјата на државата. Еден од нив е и Љубчо Георгиевски, кој на многумина им ги отвори портите во политиката, а чие лик и дело е оцрнето благодарение на вашиот претходник Никола Груевски.

Вие, како лидер морате да покажете отворена борба за враќање на ВМРО ДПМНЕ на нејзината идеолошка матрица, да дадете простор за една структурна анализа, за конечно да се добие некоја лична одговорност, не само на оние кои што ќутеле на погрешните политики, туку и на оние кои ширеле лаги, манипулации, омраза, демагогија, манипулирале со цел нивно опстојување на тронот во ВМРО-ДПМНЕ и во државата.

 

 

Пишува: Бранко Димитровски

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*