ИНТЕРВЈУ: КРИСТИЈАН ВЕЛИНОВСКИ -ТАЛЕНТ ОД МАЛИ НОЗЕ: Желбата ќе ја претворам во реалност!

Младиот фудбалски талент Кристијан Велиновски од Делчево кој игра за добро познатата „ФК Академија Пандев“ од 20 јуни 2016 година, а кој има само 18 години, е новата надеж на македонскиот фудбал. 
Велиновски, веќе три години напорно работи за да ги оствари своите соништа и да се изгради во професионален фудбалер, кој би можел да се носи со најдобрите, не само во Македонија, туку и во светски рамки.

Тој на своја 15. годишна возраст заминува од својот роден град Делчево, во Штип, каде што тренира и настапува за ФК Брегалница – Штип цела една сезона, а потоа на 16. години го облекува дресот на ФК Академија Пандев, каде што игра за младинскиот тим.

ФОТО

Од каде желбата за фудбал?
– Како помали сите ние имаме одредени желби, кои сакаме да бидат исполнети од нашите родители. За празници обично ни се поклонуваат подароци. Јас како помало дете, секогаш сакав да добијам подарок поврзан со фудбалот – топка, дрес, копачки или било што друго. Уште од мали нозе излегував на игралиштето каде што постојано игравме фудбал со моите врсници, а често и со постарите луѓе од мојот град.

Кога започнаа првите тренинзи на Кристијан Велиновски како фудбалер?

– Моите први тренинзи, мојата прва фудбалска едукација започна во фудбалскиот клуб од Делчево – ФК БРЕГАЛНИЦА каде што на моја 11 годишна возраст почнав редовно да го посетувам стадионот. Благодарение на Душко Петровски и Дејан Михаилов, ги научив првите важни основни работи кога станува збор за фудбалот. Тие преку својата програма за едукација донесоа нов елан за фудбалот во Делчево.

Велиновски во разговорот донесе уште една убава вест за неговата кариера. Тој пред само два дена дебитирал во дресот на прволигашкиот тим на „ФК Академија Пандев“ против „ФК Скопје“.

– Морам да го изразам моето задоволство што тренерот и управата ми укажаа доверба да настапам за првиот тим на нашиот клуб. Тоа е особена чест, но и поголемо искуство за мене како фудбалер кој уште се развива и цели кон подобра иднина во фудбалскиот свет.

Со клубот од Струмица Велиновски зема учество на интернационален турнир одржан во Прага во 2017 година, каде што настапуваат против светски познатите екипи Евертон, Спарта – Прага, Лестер, Алтинорду.

Какво е вашето искуство од ланскиот турнир во Прага, каде што настапавувате против младинците од познатите Евертон, Ѓер, Лестер ..

Тоа беше моето прво клупско патување надвор од државата. Таму игравме против доста искусни и познати тимови, меѓутоа и се носевме со нивната тежина и популарност. Посебно задоволство од тој турнир ми е што постигнав гол против тимовите на Ѓер и Лестер, но она што ми е најважно е што успеавме да покажеме дека не само што можеме да се носиме со вакви клубови, туку можеме и да бидеме подобри од нив.

Кој е вашиот омилен фудбалер? 

Еден Азар.

Кој е вашиот сон во фудбалскиот свет?

Мојот сон нескромно ќе кажам е да го облечам дресот на Челси, да ги бранам боите на клубот за кој што навивам. Се надевам дека мојата напорна работа, мојот труд ќе придонесе еден ден да го постигнам тоа ниво и да заиграм во Премиер лигата.

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*