ИНТЕРВЈУ П. Богојески: „Да гледаме на сегашноста низ призма на иднината“

 

Г. Богојески, повеќе од месец дена сте заменик генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ, а во периодот пред тоа имавте дадено низа најави за реформирање на партијата, потреба да се изгради силна структура, демократски уредена, ограничен мандат на третиот претседател на партијата, измена на статут и негово дополнување, избор на претседателите на ОК од самите членови на партијата. Што од сето ова, се исполни по доаѓањето на Мицкоски на претседателската функција во ВМРО-ДПМНЕ!?

Исправени сме пред историската одговорност да го отвориме патот на Македонија кон просперитетна иднина. Секој во својата област на дејствување. Ние од ВМРО ДПМНЕ имаме значителна одговорност во таа насока, не само како најголема политичка партија во земјава, туку и како поединци, кои сме се определиле да го продолжиме Делото на Организацијата. Тоа е исклучително голема одговорност. Ако имаме таков пристап и ако погледнеме низ ваква призма на работите, многу полесно ќе го реализираме она за кое сме говореле во минатото. Не само јас, туку и многумина од нашата Партија сме ја согледале потребата од брзи и темелни реформи, со цел унапредување на функционирањето на истата. Новиот Статут е генерално изработен. Остана отворено прашањето за избор на локалните органи на партијата и асоцијациите. Во истиот се вградени низа напредни решенија, дел автономно внатрешни предлози, дел се преземени од статутите на нашите сестрински партии, членки на Европската народна партија. Мислам дека новиот Статут ќе биде за кратко време донесен од страна на ЦК на ВМРО ДПМНЕ. Во оваа форма во која е изготвен, можам да потврдам дека се што наведувате во Вашето прашање, има свое решение. Можеби некои работи се одвиваат побавно, но она кое морам да го апострофирам е тежината на тој процес и реалното имплементирање. Практичната примена на статутарните одредби се многу повеќе од само техничко донесување на истите. За се е потребно време, особено за ваков процес на демократизација, модернизација и европеизација на политиките и практиките. Ние излегуваме од еден тежок период и сега е потребна совесна и посветена работа на секој член на Партијата, со цел брзо да закрепнеме и да се реорганизираме. Членовите го очекуваат тоа. Но најважно е што граѓаните на Република Македонија ќе ни дадат целосна подршка, само ако истото го констатираат како веќе направено. Во таа насока остануваме да дејствуваме. Резултатите за постигнатото се најдобар одговор за критиките. А постигнато е доста во поглед на промовирањето на новите политики и базичните програмски определби. Да оставиме простор да зборуваат делата.

Колку новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ во кое сте и Вие, како Заменик – Генерален секретар на партијата, се независни од поранешното раководство на партијата!? 

За мене е исклучително поважно да бидат ислушани и реализирани напредните идеи и проекти, отколку било каква позиција во партиската организација. Не е во ред ако за нештата се убедуваме преку празни зборови. За сите активности, намери, чесни или нечесни, само направеното ќе биде најдобра потврда. Од нас тоа го очекува и домашната и меѓународната јавност. Очекуваат дела, а не зборови. Времето ќе докаже. Во овој момент разработуваме неколку исклучително напредни проекти, кои ќе донесат дополнителна вредност на партијата, како од организациски, така и од програмски аспект. Ќе наведам само два од нив „Активни презентери“ и „Кредибилна критика“, проекти во кои активно учество ќе земат стотици наши активисти на волонтерска основа. Тоа се процеси кои бараат време, но и посветеност. Ќе успееме.


Многу често го користевте терминот “Обединување“.
Како Вие го гледате “Обединувањето“ од ваш аспект? 

Ние како ВМРО ДПМНЕ имаме силна идеолошка традиција во себе. Секако дека немаме и не треба да имаме монопол врз Идејата на Организацијата, но како најсилен носител на истата во модерно време, имаме најголема одговорност да дејствуваме обединувачки. Во таа насока и претседателот Мицковски истакна мислење и повика на обединување. Сега на потег се сите оние кои сметаат дека треба да се повикаат на таа покана. Партијата е во периодот за ажурирање на базата на членовите. Тоа е активен процес, отворен за секој оној кој некогаш бил член на ВМРО ДПМНЕ или можеби сега сака за прв пат да се зачлени. Тоа е совршена можност за обединување. Секој треба да го избере својот пат. Нашиот е јасен и едноставен, тоа е патот на ВМРО. Јас лично стојам на страната на големото обединување и повикувам во таа насока да започнеме да дејствуваме, сите ние кои себеси се идентификуваме со ВМРО. ВМРО ДПМНЕ е отворен политички субјект за учество на секој граѓанин на Република Македонија, без разлика на национална или верска припадност.

Вие нагласувате дека ВМРО ДПМНЕ е отворена за сите граѓани. Што со албанците и со проблемот кој го отвори донесувањето на Законот за употреба на албанскиот јазик.

Време е да започнеме да гледаме на сегашноста низ призма на иднината. Само така ќе донесеме издржани решенија, кои ќе не надживеат нас самите. Ако оставиме минатото силно да влијае на сегашноста, тогаш само создаваме конфликти. ВМРО ДПМНЕ нема ништо против унапредување на правата на сите граѓани на Републиката, секако и на албанците. Но, за разлика од СДСМ, ние сме за реални придобивки за сите граѓани. Не за популистички мерки и неспроведливи решенија. Можностите во македонското општество треба да извираат од статусот граѓанин на Републиката, а не од националната, верската или било која друга припадност. Токму затоа во повеќе наврати истакнувам дека концептот на СДСМ „Едно општество за сите“ во себе е длабоко утопистички, неиздржан, реприза на комунистичкиот „Братство и единство“ и како таков создава нус појави, баш како Законот за употреба на јазиците. Тоа е концепт кој создава конфликти, историски потврдено, со тоа и апсолутно е неприфатлив за Република Македонија. Тој е целосна спротивност на граѓанскиот концепт, на концептот на индивидуалецот, оној кој извира од нашата идеолошка матрица на ВМРО. Тој концепт не ни носи европската иднина на земјава, туку ни ја враќа „југословенската судбина“. Ние сме за Закон кој ќе донесе реални придобивки за сите албанци во земјава. Имаме силни аргументи кои стојат на страна дека предлог законот не треба да се донесе во ваква форма, аргументи и од материјална и од процесна природа. Многу се да ги наведуваме тука. Тој не е квалитетно решение, промовира етно – шовинизам, а со тоа е и неприменлив. Секако, доколку СДСМ има чувство за сензибилноста на овој период, особено на политичката сцена, и доколку навистина се посветени на спроведување на реални реформи во сите сегменти од општеството, тогаш на опозицијата ќе гледаат како на партнер, а не како на напријател. Па и во врска со Законот за употреба на јазиците. Истиот треба да се врати во почетна фаза на изработка, да се изгради национален консензус на сите политички фактори во земјава, и македонски и албански, но и на другите заедници, и да се донесе взаемно прифатливо решение, кое ќе остане како трајно и ќе биде „лична карта“ за македонската демократија.


Колку, според Вас,
немилите настани во Собранието, кога се носеше законот за јазици, придонесоа до дополнително непријателство помеѓу пратениците?

Секогаш насилството се враќа со насилство. Секогаш има акција, потоа реакција. Секако дека реакцијата треба да биде избалансирана по интензитет и форма, соодветна на акцијата. Но мораме да имаме предвид дека непочитувањето на процедурите и демократските практики во Собранието на Република Македонија ни ги донесоа црните понеделник, четврток, а сега и црната среда. Се надевам дека ќе бидеме сведоци на бел вторник или петок. Морам да признам дека сум многу разочаран од демократскиот капацитет на политичките субјекти. Процесот на донесување на Законот за употреба на јазиците е крајно неприфатлив и бара подигнување на свеста на секој чинител во македонското општество. Тоа е практикување на управувачко насилство врз Уставот и законите на нашата Република. Тоа е суспендирање на Републиката. Не е прифатливо поведение и не може да помине. Се надевам за кратко Собранието повторно ќе ја „празнува“ демократијата и ќе го поврати изгубениот кредибилитет пред домашната и меѓународната јавност.

Има ли ВМРО-ДПМНЕ капацитет да ја врати старата идеологија на партијата? 

Немаме потреба ништо старо да враќаме назад. Напротив, треба да промовираме нови модерни политики и на дело покажани практики. Не знам што подразбирате под стара идеологија на партијата, за да можам соодветно да одговорам. За мене идеологијата на ВМРО ДПМНЕ е тесно врза со наследената идеолошка традиција од историското ВМРО и модерната програмска платформа на Европската народна партија, чија членка сме ние денес. Бидејќи политичките идеолошки разлики ми се омилена тема, а сум работел на истите за научни цели, морам да истакнам дека ВМРО ДПМНЕ немала сериозен проблем со идеолошката платформа, која формално е донесувана во континуитет на сите наши конгреси во минатото. Ние имаме проблем со политичките практики. Кога би се вратиле назад, длабоко во минатото на зародишот на политичките групации, сите ние во Република Македонија, согласно нашите практики, би припаднале во групацијата на популарите. Но ние, за разлика од СДСМ, имаме историско наследство кое е изворно од Македонија и за Македонија. Врз база на истото, ние имаме единствена можност да се повикаме на нашата автентична, посветена борба за слобода и човечки правдини. Врз база на таа борба почива и целата „западна“ политичка мисла и практика, па со тоа и ние природно припаѓаме во таа матрица.

Кој е Вашиот став по однос на заладувањето на дипломатските односи на Република Македонија со Руската Федерација?

Има три факти во таа насока. Прво дипломатијата постои за да решава конфликти на мирен начин, а не да ги создава истите. Злоупотребата на дипломатскиот статус во насока на нарушување на безбедноста на земјата домаќин, е пракса која се казнува во целиот свет. Второ, македонската државност делумно се темели на изградените партнерски односи со САД и земјите од ЕУ. Со оглед да немаме повисок национален интерес од тој да ја зачуваме државноста на Македонија, процесот на продлабочување на тие партнерства со „западниот“ свет е без алтернатива. Трето, ние сме десничари и ние ја имаме солидарноста највисоко во нашите вредности. Тогаш да се биде солидарен со своите пријатели и партнери е наш приоритет и дневно поведение.

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*