Кога јагнињата ќе стивнат

Кога политичките водачи во една држава ќе се дрзнат да се воздигнат над обичниот народ во налик на вождови и деспоти, блажен е секој борец за слобода кој ќе се бунтува и негодува. Нашите животи не се и не може да одат во пакет со рејтинзите и борбите на политичарите кои се борат за власт. Секогаш нивните битки поминуваат преку обичниот народ. Политичарите се оние кои тропаат на нашите врати пред избори но многу брзо го забораваме тој податок. Повеќегодишната борба против една елитистичка, клиентелистичка, корумпирана и тоталитарна власт не смее да биде загубена со давање можност на новата, да стане иста таква.

Имам доем дека народот во Македонија е со профил да биде газен во тоталитаризам затоа што Македонецот е тој што ги глорифицира и воздигнува во ранг на тотеми, своите лидери. А нашите лидери имаат свое работно место. Фунцкионери се, за тоа земаат плата а народот суди и пресудува. Народот е жирито, судија и порота кој ќе пресуди, како и колку работеле тие фунционери. Точка! Политиката не е и не смее повеќе никогаш да биде прашање на живот и смрт.

Политичарот не е и не смее повеќе никогаш да биде нашиот херој, кој ќе го тетовираме на кожите. Колку повеќе ги глорифицираме, толку повеќе им го даваме правото да станат наши богови и секојдневие. Многу пострашно од бунтот против еден систем е молкот кој владее од некогаш големите бунтувници за правда и слобода. Никој веќе не поставува прашања за екцесите во болниците, за запалените возила и истрелите по улиците и за загадениот воздух и за криминалците кои ја украдоја нашата иднина.

Медиумите повеќе не се заинтересирани да зборуваат за задолжувањата а довчерашните борци за слобода и правда, немаат повеќе мотив да се борат против тие медиуми, затоа што од нивниот PR расте рејтингот на идолот. Нема целосна санкција и правда ако се наградат соучесниците на оние кои го разделија, раскараа и поделија народот. Лицемерно е како што е лицемерен и молкот на оние со хаштагот Протестирам, кои стивнаа како јагниња пред Велигден.

Детронизацијата на моралот оди во пакет со црпењето бенефити од двојните стандарди. За тоа немаат вина политичарите, туку сите оние кои им се поклонуваат и им ги целиваат нозете, ним. Со селфиња и пофалби за нив, пак се трча по привилегии, вработувања. Оние кои не знаат да пушат, се најхендикепираните. Кое е нивното чаре? Да научат да пушат или да се отселат? Сите вие што се боревте за департизација и деполитизација на општеството а од политичарите правите богови, ги фалите по колумни и им се додворувате, сте непријатели на таа борба!

Доста ни е од нови Каракамишеви, Божиновци, Пандовци и слични. Систем кој сака да биде правичен нема да ги рани и пои ваквите, туку ќе се сврти кон кадарот кој е квалитет, чесен, професионален. Се останато е и ќе биде бледа копија на она кое вчера го сменивме и против кое се боревме…

Пишува: Булеварко

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*