НАТО како алиби

функционирањето на правната држава, борбата со корупцијата, цивилната контрола на безбедносните служби…решавањето на овие прашања е заради нас самите!

Политичкиот и воен сојуз кој во годините по Студената војна постепено се трансформираше во она што НАТО го претставува денеска, има силно влијание во глобални рамки кои ги надминуваат границите на неговите формални земји членки.

Јапонија, Австралија и Нов Зеланд, Ирска,Финска, се дел од таа група на земји.Тие формално не се членки ,но имаат серија на договори за соработка, размена на информации од безбедносен карактер, соработка во областа на наменската (воената) индустрија, кризниот менаџмент, мировни мисии и редица други полиња во рамките на колективната безбедност.

Низ сложената структура на НАТО на дневна основа се собираат,обработуваат и разменуваат огромен број на информации меѓу земјите членки и земјите опфатени со програмата Партнерство за мир, на пример.

Сето ова ги надминува активностите предвидени со чл.5 кој се однесува само на земјите членки и кој досега стапил на сила само по нападите од 9/11.

Македонија своите врски со НАТО ги почна во 1995 год.кога се приклучи кон програмата Партнерство за мир. Од 1999-та Македонија е дел од Акциониот План за Членство во НАТО. Придонесот на Македонија во рамките на НАТО операциите во Косово и Авганистан официјално е препознаен.

Политиката на отворена врата останува камен темелник на понатомашните активности врзани со проширувањето на самата организација, или со унапредување на постојните договори за соработка со низа земји. Македонија, покрај востановувањето на демократските вредности како трајни форми на функционирање на своите институции, го има и т.н. проблемот околу името.

Транспарентноста никогаш не била одлика на политиката во Македонија, затоа е многу тешко да се процени сериозноста на дипломатските “напори” врзани со мисијата на Метју Нимиц. Ке се задржам на следниве впечатоци.

Неретко нашите политички првенци оставаат впечаток во јавноста кога зборуваат за потребата или (непотребноста) од полноправното членство во НАТО, како тоа да ќе ги отстрани сите слабости во државава. Етничките разлики, корупцијата,деловната клима, владеењето на правото, слободата на медиумите, објективноста и транспарентноста , ова е само мал дел од она што одеднаш ке се промени. На подобро!?

Се разбира, повеќето од нас знаеме дека ова воопшто не е вистина. Кога македонските безбедносни служби масовно ги прислушуваат сопствените граѓани, кога избраните и именуваните државни функционери отворено и безобразно ги кршат законите, кога членовите на судската власт фалсификуваат службени документи, кога ќе се случи трагедија како онаа од 6-ти август 2016 при поплавата во скопско, кога…

Ова е само дел од пакетот на прашања кои имаат секојдневни импликации врз нас граѓаните и се неизоставен дел од реформите кои мора да се спроведат независно од динамиката на активностите врзани со проблемот за името. Да, недвосмислено тврдам дека Македонија треба да биде полноправна членка на Алијансата, и да исто недвосмислено тврдам дека кај дел од политичарите во Македонија постои скриено задоволство од состојбата врзана со името на земјава. Само во овие услови тие ги имаат своите “5 минути слава” и удобно едрат на ветрот наречен стабилност пред демократија.

Најавите од Брисел врзани за регионов, покрај традиционалната германска воздржаност во поглед на демократскиот капацитет на “политичките елити” меѓудругото и во земјава, отвара простор за надеж дека можеби наближува времето во кое треба да бидат “збришани” традиционалните политички “партнери” кои предолго беа оставени комотно да ги “уживаат” плодовите од своето политичко делување според принципот-победникот зема се,-следствено, победникот однапред е амнестиран за од секаква одговорност.

На домашната политичка сцена долгогодишните “политички партнери” кои и немаат што повеке да понудат освен менувањето на местата на вртелешката, отсуството на реформи, заздравувањето на институциите, неможноста (или одбивањето) да се справи со очигледната корупција во највисоките политички кругови (најчесто во сопствените редови) ваквите најави им се единствената можност за опстанок. Од типот- без нас не се може.

Македонската јавност сепак покажа дека има сила, можеби и побавно, но сепак ја покажа, дека нема да биде во иднина нем набљудувач на она што го прават “долгогодишните реформатори” кои имаат сила и воља да реформираат се, освен себе си!

Економските показатели сурово ни ја отсликуваат реалноста, куповната моќ на граѓаните е слаба, компромитираниот политички систем нема многу простор и понатаму да го компензира отсуството на правната држава преку слабостите на системот на јавната администрација. Времето на закани за етничка или било каква дестабилизација на земјава и регионот одмина, понудата за интеграција на регионов е премногу значајна за да биде оставена во рацете на “пироманите” кои дење глумат дека се “пожарникари”

Автор: Ѓорѓи Трендафилов

Извор: Трибуна.мк

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*