Нешто убаво е на пат да се случи во Штип

Дали зад една благородна намера „писка“ конфликт на интереси?

Нешто прекрасно е на пат да се случи во убавиот македонски град Штип. Сдружението „Сплотени срца“ доби како подарок земјиште за изградба на дом за лица со посебни потреби. Но, убавиот гест на човекот, кој го подарува земјиштето е помрачен од бирократијата со која секој еден од нас ја имал „честа“ да се судри барем еднаш во животот. Благодетелот не е некој анонимен богат чичко од Америка, туку познатиот штипски лекар и поранешен претседател на Советот на Општина Штип, д-р Влатко Миташев.

Намерата на г-нот Миташев е повеќе од благородна. Човекот прави нешто, што ретко кој би го направил во овие „скотски“ времиња во кои, за жал не живееме, туку преживуваме. Помислете само, колку луѓе што ги познавате би подариле земјиште за да се изгради нешто толку убаво и потребно. Не се многу, нели? Ама за доброто на луѓето со посебни потреби вреди. Со овој потег д-р Миташев со право може да конкурира за наградата „Човек на годината“, ако во Штип, воопшто се организира ваков симболичен конкурс.

Голема среќа имаат штипјани, со ваков сограѓанин, кој да не забораваме беше и на висока позиција во нивниот град. По се изгледа потполно заслужено. Но!!! Знаете дека и во најубавите реални и измислени приказни има по едно големо НО!!!

Целата таа приказна околу земјиштето мириса малку на конфликт на интереси. Претседателот на Советот на Општина Штип потпишува договор за купопродажба на општинско земјиште со истата општина, додека со неа раководи г-н Илчо Захариев. И двајцата се членови на иста партија, а не се слушнале муабети дека се испокарани. Многу фино нели? Претседателот на Совет имал во план да гради дом за стари лица, ама ете планот не му се остварил и сега земјиштето „виси“. Истото станало негова сопственост преку договор потпишан со Општината, во која зазема висока функција. Нема ништо сомнително овде. Тоа, за условите во кои сме навикнати да живееме може да се нарече нормална практика. Игра на „на ти го-дај ми го“. Ништо ново под сонцето.

Но (ете уште едно но), играчите се сменија и сега некој, како да брза да се ослободи од нешто. Не велам дека во овој случај е токму така, ама наликува. Јас само размислувам.

Убавата намера на Миташев може да се разгледа и како еден вид „индулгенција“ кај новиот „папа“ во Штип, младиот и симпатичен градоначалник Благој Бочварски. Како би изгледало тоа? Нешто од типот: „Градоначалниче, еве за да не ви ги вади очите, моето земјиште од 1200 хектари во населбата Баби, јас ќе го подарам на здружението „Сплотени срца“, а после општинските советници наместо по цел ден да си „чепкаат“ во нос, ќе изгласаат измена во договорот што јас го потпишав со Општината додека и бев претседател на советот и заедно ќе направиме едно добро дело“. Тоа е фер понуда, доколку се разбира, се случила на ваков начин. Пак велам, јас само размислувам и не тврдам ништо.

Има и друг момент. Можно е, и самиот градоначалник на Штип, пак ќе речам младиот и симпатичен Благој Бочварски да ја има дадено идејата за подарокот. Тоа би изгледало некако така: „Ало, докторе, абе имаш една парцела, што си ја „среди“ додека беше претседател на Советот, а твојот сопартиец Захариев беше градоначалник. Па да измислиме нешто околу тоа“… Човек може да си направи еден куп филмови. Но јас не верувам дека Миташев и Бочварски се таков ков на луѓе. Тие се стари штипјани, аристократи.

Бочварски например со аристократски молк ја одмина таа убава намера на д-р Миташев. Да, можеше да одржи прес и да праша: „Дали има конфликт на интереси во фактот што претседателот на совет на една општина, купува општинско земјиште во договор со истата општина?“, ама кога ќе размислам поубаво, зошто би го направил тоа? Тоа не е толку важно нели? Ете разговарале, и сега се е во рацете на општинските советници, од кои се бара „минимален“ напор, а имено да ја изгласаат измената на договорот за купопродажба, за да може здружението „Сплотени срца“ да раководи со подарениот имот.

Драги општински советници што чекате? Направете го потребното!!!

Автор: Атанас Величков

Извор: Трубина.мк

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*