„Нивните деца“ се подобри од вашите деца!

Познатиот бугарски рапер Ицо Хазарта има една многу јака нумера насловена „Мојот хип-хоп е многу подобар од твојот хип-хоп“. Нешто слично може да се каже и за децата на „елитата“ и децата на обичната раја. „Нивните деца“ драги мои, се многу подобри од вашите деца. Токму поради таа причина вашите деца ги гледате преку камера на Skype, а „нивните деца“ сите заедно ги гледаме како главни ѕвезди во медиумите. Мислам дека нема потреба да спомнувам имиња, бидејќи овде за секое дете се знае чиво е.

Имате право да бидете лути. Имате право и да најдете оправдување за горенаведениот факт. Ги имате сите човекови права на светот, затоа ако не ви е гајле, игнорирајте. Така е најлесно.

Се сеќавате ли на она симпатично дете Марко Чаласан? Батево прави растур на компјутери. Има еден куп сертификати од Мicrosoft. Успешна приказна. Поима немам каков е ставот на неговите родители за проектот „Скопје 2014“, за бомбите на Заев, за СЈО, за настаните во Собрание од пред една година, за Тиранската платформа, за договорот со Бугарија, за сексуалниот живот на медитеранската фока-монах и на уште еден куп болни за македонската јавност прашања.  Можеби немаат потреба да ја оптеретуваат јавноста со своето присуство. Сигурен сум дека немаат потреба да бидат нечиј адвокати за да станат советници некаде, а пак нивниот Марко, да биде згрижен  на „државно“ и да чека договорот за приверемено вработување, да му биде надограден со договор на неопределено. И такви ги има во Македонија, едноставно не се бутат пред очите на јавноста и не чекаат ништо за возврат од некој или од државата како целина.

Дали знаете од што најмногу имаат потреба луѓето, кои не се блиски до ниедна гарнитура и ги испратиле своите деца по белиот свет? Не, тие немаат потреба од разбирање, сочувство или сожалување. Им треба солидна интернет врска за да не им кочи видео повикот остварен преку алатките за комуникација. Звучи грозно и вулгарно нели? Имаат среќа тие родители. Никој не бара од нив објаснување, а тие немаат потреба да се оправдуваат. Нивните деца се далеку од државните столчиња и се снаоѓаат сами, колку што можат далеку од ова лудило овде.

Фактот што „големите“ бараат сигурна иднина под капата на државата за своите наследници, зборува лошо за самата држава. А токму „големите“ имаат претензии дека ја градат државата, па сега сами направете си го заклучокот, како си ја завршиле работата „градежниците“.

Фактот што „малите“ треба да скапуваат по митинзи и други партиски собири за да добијат работа „ја шетам метлата од едниот до другиот крај на улицата“, исто така кажува многу.

Децата на „големите“ влегуваат во трката на 100 метра со пречки, на 50-тиот метар од патеката и во нивниот коридор нема пречки. Децата на „големите“, не смеат да бидат стигматизирани поради тоа. Тие можат да изберат дали да бидат сериозни луѓе или лигљиња кои чекаат се на готово, ама не можеле да ги изберат своите загрижени родители. Затоа ве молам немојте да ги мразите децата.

Децата на „големите“ изгледаат подобро, мирисаат поубаво и напредуваат побрзо, тоа е непишан закон. Нивните дипломи вредат повеќе од дипломите на оние што потекнуваат од рајата. Нивното работно искуство може да се „штелува“ според случајот. Нивната фамилија вреди повеќе од сите никому непознати фамилии, што можам сега да ви ги изредам по случаен избор.

Децата на „големите“ немаат никаква вина. Немојте да ги мразите. Тие се само дел од целата слика. Малите бркаат врски за да станат како големите. Играта е јасна и проста како игра на дама. Нема многу за филозофирање. Нема потреба и од споредби од типот: „А вашиве што правеа…“?

И нашите и вашите се иста сорта ( да не речам нешто друго со три букви ). Ако не ми верувате, сетете се само каде се и што прават вашите деца и каде се и што прават децата на големите. Тоа е сосема доволно.

Автор: Атанас Величков
Извор: Трибуна.мк

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*