Ништо не е заборавено, но е поминато

Дојде уште еден 8 септември, величествениот датум во нашата историја. Не знам кој колку е информиран за настаните на тој датум, но им го ценам знаењето на тие кои што знаат повеќе за него. Веќе 26 години живееме во независна држава чии што темели беа удрени на истиот овој датум пред 73 години. Ова е нешто за кое само малкумина се информирани. Судејќи по таа помалку позната информација кај повеќето граѓани, овие 11 години живеевме во духот на старите структури кои што ја уништија таа млада држава пред 73 години. Оттогаш се случувале многу репресии, затворања по зандани заради пропагирање Независна Македонија, сè со цел да се има соживот меѓу сите заедници во бившата СФРЈ. Денот на независноста значи човек да се потсети на минатото за кое неговите предци сведочат, кои им овозможиле на следните генерации да имаат мирен сон, а тие да се гордеат со тоа што живеат во слободна земја.

Секоја годишнина со истите ритуали се прославува. Барем како што доликува на еден народ со дигнитет, треба да се оддаде почит на загинатите херои на младата нација, но и до видните интелектуалци кои што беа затворани во апсана од страна на Тито, човекот по кој што копнее народот и денес, но во последните 11 години, тој копнеж по старата елита олигарси е со поголем интензитет. Можеби често забораваат тие дека самостојниот и слободниот живот кој што го уживаат е добра цена, само затоа што во раководството има лажни патриоти кои ниту најмалку не се интересираа за каузата на Македонија. Тоа е навиката која во нивната лоза била пренесувана од колено на колено, а таа е да уживаш слободен и лесен живот и да се препуштиш на земските задоволства. Таа елита секако ја заборава жртвата на нејзините предци. Забораваат дури и оние кои молат дома за парче леб, со исклучоци. Имено режимот кој надвладеа многу повеќе отколку што сме мислеле дека надвладеале нивните претходници, 11 години ни го зајадуваа ткивото кое го градевме со години, го квалификуваа југословенството како најголемиот благодет. Истите тие „патриоти“ ни се претставија како добри момчиња во 2006, а сосема спротивното се покажа кога дојдоа на власт. Од друга страна, за време на режимот многу повеќе се охрабрија да коалицираат со ДУИ, односно терористите на УЧК и како граѓани нас да нѐ понижуваат, слушајќи ги Американците и нивните барања. Токму „патриотите“ го угнетуваа суверенитетот на државава натопена во крв, која од слични луѓе пред 73 години беше уништена. Доказ за тоа се одобрувањата на неколку акти предложени од ДУИ, меѓу кои е амнестијата на хашките случаи, воведување закон за употреба на албанскиот јазик и назначување на командант од УЧК за Министер за одбрана. Тоа ние не го забораваме, ниту пак го простуваме. Сега и новата влада го назначи некогашниот Министер за одбрана од УЧК за Претседател на Собрание. Неговиот избор за Претседател на Собрание, и покрај фактот што е грозен избор, сепак е легитимен. Не велам дека секој граѓанин сакал да биде истиот тој некогашен министер кој што убивал македонски бранители сега да биде вториот човек на државата. Како и да е, јас никогаш нема да се помирам со фактот што и новата влада е во коалиција со истите тие луѓе, чии што коалициони партнери до вчера го крадеа народот и со неговите пари градеа споменици и Барок, а што е најважно од сѐ, принудија речиси 200.000 да си ја напуштат родината. Меѓу тие иселени можеби има и мои другари, роднини или блиски. Како последица на тоа, денес гледам како некои мои другари бегаат што подалеку од земјава и ме убедуваат мене дека колку подалеку сум од земјава, толку подобро било. Би плачел и јас за нив, па дури и на моменти вреди да се пренагласува нивното иселување, затоа што политиката, па дури и медиумската изопачена пропаганда ја тера популацијата да го напушта својот дом.

Така и овој 8 септември го дочекавме во единственото светло во темнината. Тоа го велам, затоа што еден крвав режим оставивме зад себе. Зад себе оставивме уште многу тешки и лесни мигови кои извесно време ме фаќаат на емоции. Градиме иднина, но го забораваме минатото, за жал или како што би рекол Џака: „Ништо не е заборавено, но е поминато“. Се надевам дека нема да се заборави режимот, барем како важна поука. Моето лично мислење се темели на продолжение на стариот груевистички режим, бидејќи еден човек на минатиот режим е сега на позицијата Претседател на Собрание. Тоа барем од непартиски аспект означува само промена на кормиларот на режимот, а не рушење на режимот, па така и Шарената Револуција се бунтуваше против истиот човек за сега да го слави како легитимен избор. Да не се заборават оние што ја овозможија независноста на ова парче земја. Да не се заборави и лажниот патриотизам на Груевски.

Пишува: Војдан Џилвиџиев

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*