Ова не е каубојски филм

Политичката партија предводена од Али Ахмети, што меѓу другото се нарекува Демократска Унија за Интеграција треба конечно да созрее, да стане демократска и да работи за вистинска интеграција. Од самото свое создавање оваа партија е дел од власта како основен фактор кај албанското гласачко тело. И така веќе без малку 14 години (во периодот 2006-2008 г. ДУИ беше во опозиција). Али Ахмети се покажа како солиден играч. Тој точно знае, кога да го крене својот глас и кога да биде потивок од монаси кои дале ветување за молк. Ахмети е играч, ама му е време веќе да „заплива во тренерските води“. Да им ги истегне ушите на своите непослушни момчиња. Да им објасни дека како лидер на партија која е фактор на македонската политичка сцена, не може да си дозволи околу него да се случуваат инциденти, како оној од пред речиси 3 години, кога беше убиен Џемаил Реџепи- командант Шќипоња и вооружената пресметка од синоќа, што заврши со еден убиен и двајца повредени.

Според тоа што го објавија повеќето медиуми Наим Реџепи (партискиот функционер, кој беше убиен синоќа), бил најсериозен кандидат за лидер на партискиот огранок на ДУИ во Куманово. Таков бил и командант Шќипоња… кој рече дека историјата не се повторува?!

Дали Ахмети ја губи контролата врз својата партија? Дали некој сака да му покаже на командант Али, дека неговиот збор не тежи со иста сила, како што тежеше во времето околу 15 септември 2002 г. и потоа? Можеби пак кадрите на ДУИ се навикнати така, каде што не може со збор, почнува да пее калашот? Не!!! Не сакам да верувам во таа последната можност. Премногу ми е комитска, а времето на комитите одамна заврши. Сега на мода се кодошите!!!

Функционерите на ДУИ кои за секој случај си носат по еден автомат „Калашников“ во гепек, треба да сфатат дека Македонија не е филмско студио, што произведува вестерни. Пресметката кај O.K. Корал-от во Тумбстон, Аризона е супер интересна приказна, ама таа се случила пред 137 години, и не, Мала Речица не е ОК Корал, така да некој треба бајаги да си ги смири страстите. Тука одговорноста паѓа целосно врз рамењата на главниот шериф. Тој треба да воведе ред. Тој ужива во власта и тој е одговорен за тоа, каков партиски кадар им нуди на неговите поддржувачи, и каков функционерски кадар ни нуди нам, останатите граѓани на РМ. Ако шерифот не може да се носи со таа одговорност, најдобро за него е да се повлече, бидејќи ако не го направи навреме, каубојците лесно можат да станат отпадници. А отпадникот со „калаш“, не може да биде контролиран.

Автор: Атанас Величков (Батко Тане) – Tribuna.mk

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*