Отец Партениј: Не живееме во комунизам и Црквата има право да го каже својот став за важните прашања во општеството

Порталот Поглед разговараше со Игуменот на манастирот Св Јован Бигорски – Отец Партениј.

 

ПОГЛЕД: Оче Партениј, колку блиску/далеку е современиот Македонец од духовноста и верата како целина?

 

На сите анкети досега кои се однесуваат на религиозноста, македонскиот народ, односно Македонецот, главно се изјаснувал како религиозен. Тоа покажува дека тој, сепак, верува, има извесна побожност, сака блискост со Бога. Можеби тоа се должи на нашата географска близина со големиот духовен центар Света Гора Атонска; на она непрекинато христијанско предание кое преку нашите претходници стигнало и до нас и, секако, на сите историски околности на Црквата во минатото; на нашето автохтоно монаштво, кое го имало во голем број во светогорските манастири, а и овде во Татковината, во некогаш добро организираната помесна Црква, со домороден клир. Ова предание на македонското монаштво се одржало сѐ до пред стотина години. Ваквата духовност во нашите традиционално православни семејства, се разбира, тешко може да исчезне или избледнее. Несомнено тоа е и причината што народот кај нас претежно се декларира како побожен. А колку навистина Македонецот денес е суштински блиску до православната вера, тоа е веќе друго прашање. Веројатно нашата Црква би требало посериозно да се зафати со мисијата на што позасилена евангелска проповед кај народот, бидејќи општо познато е дека, иако луѓето се изјаснуваат како верници, тие многу слабо ги посетуваат богослужбите, учествувајќи во светотаинскиот живот на Црквата, и имаат недоволно или скоро никакви познавања за нашата вера.

 

ПОГЛЕД: Во Светото Писмо е запишано дека „вистината ќе ве ослободи“. Се плаши ли Македонецот од вистината и дали е навикнат според Вас да НЕ биде слободен?

 

Треба да се запрашаме, и како поединци и како народ, дали дејствително ја бараме вистината или, пак, на неа гледаме само философски, како на некаква апстракција, релативизирајќи ја и исклучувајќи Го Бога, како што направил Понтиј Пилат, римскиот прокуратор кој дозволил Господ да биде распнат. Имено, тој Го прашал Христа: „Што е вистина?“, веројатно оспорувајќи го постоењето на апсолутната вистина и, се разбира, не добил одговор. Вистината стоела пред него, но тој не ја спознал, бидејќи не ја барал на дејствителен начин и искрено. Христос е Единствениот Кој во историјата на овој свет кажал и тоа на дело го посведочил: Јас сум Патот, Вистината и Животот (Јован 14,6). Единствено Он, како наш Спасител, може во секој поглед да го поведе човекот кон неговата потполна слобода. Толку нѐ почитува како слободни битија, и никогаш не ѝ се наметнува на нашата слобода и слободна волја. Затоа, во духовна смисла, Вистината е само Христос. Општо гледано, човекот треба да биде вистинољубив, дали во однос на религиите, барајќи ја секогаш искрено вистинската вера, или, пак, во однос на било што друго во овој свет, секогаш држејќи се до неа – до вистината која ослободува во духовна или световна смисла на зборот. Со други зборови, Вистината е патот по којшто секогаш треба да одиме, и како поединци, но и како народ; таа е и една прекрасна добродетел што треба секој од нас да ја негува. И никогаш не е добро да се прикрива, или извртува, зашто, според една наша стара поговорка, вистината секогаш излегува на виделина.

 

ПОГЛЕД: Вашите иницијативи и активности како духовен старец на монашкото братство во Бигорската света обител, како и на сестринствата во женските манастири под Ваше духовно раководство, се општопознати, но и покрај вашето благородно и богољубиво залагање, бевте нападнати од одредени кругови после објавувањето на вашиот став како духовна институција, во врска со договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија. На што се должат според Вас тие напади и кога ќе се научиме на нашите најблиски соседи да  гледаме како на браќа, а не како на непријатели?

 

Водени од вистинољубивоста и искрената љубов кон нашиот народ, го поддржавме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Р. Бугарија. Но кога станува збор за нешто што е поврзано со нашата национална историја, низ сите тие, со години наметнувани пропаганди и историски фалсификати, вистината не е лесно да се пробие. Нашето кажување некои го сфатија како поддршка на одредена политичка партија, некои, пак, како атак врз македонската нација. Оттаму имаше и индивидуални напади, но, сите бевме сведоци, не изостана ни партиската агитациона машинерија. Во овие напади, пред сè, се покажа длабокото непознавање на сопствената историја кај нашиот народ, и таквата жална состојба е разбирлива, бидејќи е последица на споменатава систематска пропаганда што трае со децении. Темелите на нашата државност ние ги поставивме во комунизмот, што е во секој случај една голема придобивка за нас како народ, но не треба да заборавиме дека тоа беше едно тоталитарно општество, кое со монструозни методи ги бранеше своите интереси, уништувајќи ја самостојната македонска интелигенција. И во тој период едноставно не беше возможно, со оглед на околностите во кои се наоѓаше нашата Татковина, историјата да се изучува објективно. Страшно е што таквиот приод кон историјата продолжи, како по некоја инерција, и после 90 – те години, кога веќе тој режим насекаде се распадна и Македонија стана самостојна држава. Нашето општество не успеа да собере сили да се помири со својата историја, или поточно, да направи една историски издржана и фактографски оправдана национална платформа, која ќе му даде имунитет на националното македонско чувство. Дури и во последнава деценија сме сведоци на уште една, исто така мошне интензивна етапа од извртувањето на историјата, на едно неосновано поистоветување со нешто што ни е туѓо и несвојствено како народ, и сето тоа создава збунетост, паника кај луѓето, а и пречи во меѓународната интеграција на земјата, што, пак, ја става нацијата во опасност. Дефинитивно, нашата демократија е ставена пред еден тежок испит. Сега, кога тоталитарните уредувања се анахрони и треба да останат само дел од минатото, е вистинскиот момент нашата држава да се посвети и да смогне сили за национално помирување со сите личности и процеси од нашата историја и во соработка со сите чинители на општеството, да направи таква издржана историско-национална платформа, која ќе се темели на факти. Само тоа може да помогне оваа нација да се одржи и да се надева на иднината. Во спротивно, македонизмот, ваков каков што е, и кој особено својот ужасен лик го дефинира во последните години, е еден монструм кој, налик на митолошкото грчко божество Хронос, ги јаде своите деца. Пример, живееме во време кога електронската технологија и интернет комуникацијата се многу високо развиени и младите, како и оние позаинтересираните, многу лесно добиваат пристап до историски извори и информации, кои до пред скоро не можеа да ги најдат во образовниот систем или во медиумите. Доаѓајќи во допир со нив, тие, разочарани, или се полнат со фрустрации и комплекси, или стануваат нешто друго, а не Македонци.

Со нашите соседи со векови сме живееле заедно, без граници. Најпрвин во рамките на Византиската Империја, а потоа и во Отоманската, што довело до тоа нашите истории, во многу аспекти да се испреплетуваат, нашите култури да се толку блиски, што слободно можеме да кажеме дека во многу сегменти на културното живеење, било да станува збор за музиката, уметноста, или нешто друго, сите ние на Балканот имаме големи сличности. Затоа треба да се престане со сите оние нешта кои нѐ разделуваат, особено, како што нагласивме погоре, со  трендот на присвојување, односно ставање ексклузивитет на историјата. Тоа е голема грешка. Секако и нашите соседни браќа треба да покажат разбирање, со оглед на тоа дека после толку долга пропаганда и вршење геноцид врз нашиот народ, чудо на Бога е како тој опстојал, направил своја држава и ја возобновил својата Црква. Што се однесува до источниот сосед, бугарскиот народ, мораме да признаеме дека, гледано од историски, културолошки и јазичен аспект, тој е нашиот најсроден соседен народ. Бугарија, пак, како држава досега се покажала  најпријателски расположена кон Македонија, за што треба да ѝ бидеме благодарни. Тоа недвосмислено го покажуваат и многубројните историски факти до денешно време. Во контекст на оваа тема, би сакал да го истакнам и мошне длабокото и прогресивно мислење на многумина упатени и учени луѓе од двете држави, дека претераните крајности без расудување, можат само уште повеќе да наштетат во односите меѓу двете држави и да го зголемат јазот на меѓусебните недоразбирања. Така, на пример, калкулирањето со бројот на бугарското малцинство во Македонија врз оснoва на количеството издадени бугарски пасоши е, навистина, нереално. Верувајте, од лично искуство знаеме дека повеќето Македонци, иако се иматели на бугарски пасош, не само што немаат бугарско национално чувство, туку, напротив, поради незнаење се особено нетрпеливи и тонат во омраза против бугарскиот народ. Исто така, штетно и надвор од стварноста е негирањето на некои историски процеси што самостојно се одвивале во Македонија. Во тој контекст, на пример, не може да се негира и занемари реалното постоење на македонскиот јазик, што се развил и кодифицирал како резултат на историските околности и веќе 70 години самостојно и институционално се развива во една засебна држава.

Мислам дека она што сега ни е суштествено потребно, и на Македонците и на Бугарите, е едно историско помирување, односно сите да ја прифатиме новата реалност, но и да си го прегрнеме сето она што историски нѐ поврзува меѓусебно. Никако не смее да се допушти нахално, присилно менување или мешање во националното чувство коешто низ годините се формирало, оти тоа повторно би довело до несакани последици и ново страдање. Всушност, ваков постепен развиток на националното чувство и јазик низ историјата на народите не е нешто ново во светот. И Австријците, на пример, се длабоко свесни во себе дека имаат силно испреплетена историја со Германците, но денес, сепак, во најголем дел се чувствуваат како Австријци, имаат своја посебна држава и се развиваат самостојно. Мислам дека искреното спроведување на Договорот од двете страни води во тој позитивен правец на меѓусебно разбирање и зближување.

 

ФОТО

 

ПОГЛЕД: Слични напади Ви се случија и после објавувањето на видеото во кое група монаси од манастирот го пеат Маршот на македонските револуционери „Изгреј зора на свободата“, марш создаден за потребите на историското ВМРО во 1923 година, а воедно со тоа и прва химна на Р. Македонија испеана на првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 г. Дали според Вас тие напади се должат на историското незнаење од страна на пошироките маси или во случајот се работи за координиран напад од страна на кругови кои се заинтересирани народот во Македонија да остане во канџите на туѓите пропаганди?

 

Веќе кажав дека главната причина за таквото однесување на дел од нашиот народ е непознавањето на историјата и особено пропагандата зачинета со лажен патриотизам. Така што народот денес, заведен и лишен од вистинските историски факти, се наоѓа во една очајна состојба. Свесни за ова, ние никому не се лутиме за навредите, туку ги разбираме и со љубов ги прегрнуваме сите. Тоа со химната во нашиот манастир не се случи за првпат, туку се прави со години наназад. Секогаш кога правиме богослужба на големиот национален празник Илинден, а и на други национални празници, правиме и молитва наречена Доксологија, на која се молиме за предците и за Татковината и по правило, според типикот на Црквата, во тие моменти се изведува и националната химна на државата. Освен нашата сегашна државна химна, во чест на нашите пожртвувани предци, ние ја пееме и химната на првата македонска држава, онаа со која било отворено Првото заседание на АСНОМ, кога е и втемелена нашата денешна Република. Впрочем, добро познати се родољубивите и патриотски ставови на многумина учесници во АСНОМ, ставови што тие, во периодот што следел, ги платиле со своите животи, или со страшни измачувања по затворите и логорите на удбашка Југославија, така што оваа држава, која неволно се најде во рамките на Југословенската Федерација, е втемелена врз безбројните жртви на нашиот народ. Е, оваа година, изведбата на првата македонска химна се поврза со нашата јавна поддршка на Договорот и нормално се појави, како и секогаш при вакви случаи, етикетирање од типот: „предавници“, „изроди“, „измамници“ итн. Истото се случи и после моето интервју за бугарскиот портал Фактор.бг, кога извесни личности без да се размислат, без некои дури и да го прочитаат текстот интегрално, веднаш започнаа со давање квалификации, навредливи коментари и плукање, што, за жал, е вообичаена пракса кај нас. Иако во голема мера незапознаени со историските вистини, некои, сепак, си дадоа за право да расудуваат за нашите мотиви па, ако сакате, дури и за тоа дали имаме право на став по тоа прашање – како да станува збор за некоја комунистичка диктатура во која Црквата треба да си седи мирна и безгласна во најмалиот ќош од општеството. Во врска со ова би додал дека нам, пред сè, главна грижа ни е духовното восовршување, личното и на ближните, и токму во таа грижа спаѓа и љубовта кон сопствениот народ. Едноставно ревноста за вистината понекогаш не те остава мирен, па мораш да истапиш. Искрено се надевам дека со тек на време оваа ситуација ќе се смени и дека нашата нација, поточно нашата држава и сите нејзини компетентни институции, дефинитивно ќе сфатат дека веќе нема простор за тоталитарни општества, дека работите треба да се менуваат, дека едноставно треба да се сообразиме со историската фактографија на светот, а во однос на нашата нација. Јас постојано напомнувам, зборувам за тоа колку е голема неопходноста од создавање на една таква национална платформа која, во најдобар случај, треба да се постигне со консензус на политичките партии, и дека, помеѓу другото, тоа е единствениот спас за нашата нација и Држава.

ПОГЛЕД:  Би сакал да се вратиме назад на Вашите и на активностите на братството во манастирот. Една од најблагородните ваши иницијативи е лечењето на луѓе кои се зависници од голем број пороци на современото живеење. Раскажете нешто повеќе за тоа.

 

Ние се потрудивме, како луѓе од Црквата, што повеќе да послужиме на нашите ближни, што е впрочем и задача на секој Христијанин – колку што може повеќе да послужи на својот ближен. Низ историјата Црквата секогаш тоа најдобро го правела, примајќи ги и духовно одморајќи ги сите, според зборовите на Спасителот Кој вели: Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам (Матеј 11,28). А и некако природно е за човекот во животните бури секогаш да бара прибежиште при Бога, при Христа, Кој е лекар на душите и телата. За оваа наша активност во однос на лекување на зависниците ние многупати сме зборувале, но во оваа прилика ќе кажам дека најважното е тоа што многу млади луѓе, гледајќи ја таа голема жртва што братството ја прави кон ранливите категории на луѓе во општеството, и воопшто целокупниот наш труд и посветеност во мисијата, стануваат верни членови на Христовата Црква. Секако, морам да додадам, дека ниту јас ни братството сметаме дека доволно правиме на овој план. Секогаш може многу повеќе и се молиме на Бога да ни дава сили и понатаму верно да Му служиме на Бога и народот Божји.

 

ПОГЛЕД: Како Црквата може да им се спротивстави на предизвиците, што со себе ги носи современиот свет и „модерното“ живеење?

 

Православната Црквата низ историјата надживеала многу општествени уредувања. Особено во последните стотина години, таа преживеа страшни гоненија во сите православни земји во комунизмот. Несомнено нејзиниот авторитет и успех се должи најмногу на просветлението Божјо и дејствувањето на Светиот Дух, но исто така и на поведението на нејзиниот клир меѓу верниците. Така таа особено преуспевала секогаш кога била опслужувана и пазена од херојски души, кои биле подготвени не само за материјални и телесни жртви, туку и за душевни, кои се можеби и најтешки. Такви жртви се смирувањето еден пред друг, негледањето само на својата сопствена корист, поставувањето на доброто и напредокот на Црквата пред својот личен напредок, жртвувањето како добар пастир на овците Христови… Лекот, без двоумење, се наоѓа во рацете на Црквата. Кога клирот и верниците ќе се држат заедно до Светото Предание, тие во Црквата навистина ќе се чувствуваат безбедно и спокојно, бидејќи таа е единственото место на спасението од предизвиците, што со себе ги носи современиот свет и „модерното“ живеење, кои, секако, не се малку.

 

 

ПОГЛЕД: Што треба да направи духовенството за народот да се врати во Божјиот храм и да не го сфаќа одењето на Богослужба како „обврска“ само за време на големите христијански празници?

 

. Денес имаме многу примери во Македонија, како одредени монашки братства, а и некои добри свештеници, привлекуваат огромен број на верни. Тоа се случува секогаш кога свештениците или монасите во секој поглед се држат строго до преданието: и во служењето, и во однесувањето, и во облекувањето – накратко во сето она што го препорачува Православната Црква. И затоа народот ги преполнува нивните цркви и манастири, па колку и да се тие оддалечени од нивното населено место, токму таму сакаат да ги посетуваат богослужбите. Ова покажува дека народот има свој духовен критериум – кај ваквите свештеници и монаси го препознава православното Предание, со љубов го целива и го следи. Верниците, пак, кога ќе ја разберат пораката на Евангелието, големата полза од богослуженијата, особено од Светата Литургија, посетата на богослужбите веќе не ја чувствуваат како обврска, туку напротив – со љубов учествуваат во нив. Црквата денес треба особено да се пази од секуларизацијата, бидејќи световниот дух суптилно сè повеќе навлегува во сите сфери на црковното живеење. Најлесен начин да се избегне тоа е строгото држење до Светото Предание, што ќе нѐ сочува духовно и  душевно здрави од налетот на модернизмот, кој насекаде се пропагира и предлага како начин на живот. И доколку не му пристапиме селективно, тој ќе нанесе голема штета на нормалното морално битисување на современиот христијанин.

 

ПОГЛЕД: Што е она што може да го спаси овој народ од духовно и биолошко изумирање и како да дојдеме до клучот на нашиот опстанок?

 

Од примерот на европските земји, гледаме што се случува со нацијата кога злото на либерализмот ќе го преземе местото на традиционалните морални вредности и христијанските начела, кои ја издигнаа до таа мера европската цивилизација. Тие народи што некогаш го дефинираа човештвото на културен, уметнички, економски и политички план, сега, соочени со таква страшна морална и духовна криза, се ставени пред опасноста од изумирање. Не смееме никако да ја повториме нивната грешка и да допуштиме било какво напуштање на христијанските традиции – бракот, семејството – и сè друго што е темел кој ги соединува сите во една благородна општествена градба. Во тој поглед Црквата носи голема одговорност, не само кај нас, туку и воопшто во светот, бидејќи не државните закони, туку Црквата ги впишува моралните начела во срцата на луѓето. Имено, ако нивото на моралната свест на луѓето е пониско дури и од некогашните пагански сфаќања, тогаш државните закони не само што се немоќни да го зачуваат моралот, туку во последно време и се менуваат во прилог на ниските човечки страсти. А доколку, пак, луѓето се раководат според христијанските морални начела, тогаш и државните закони се сообразуваат со христијанскиот менталитет, така што луѓето без принуда, ами доброволно и од љубов ги пазат. Затоа слободно можам да кажам дека токму православното Христијанство е онаа сила што треба да го поведе светот по патот кон подобра иднина. А таа иднина може да биде само со и преку Оној Кој може да ги собере сите во една здрава заедница на љубовта – Троичниот Бог.

ФОТО

 

ПОГЛЕД: За крај, каква е Вашата порака, кон мирјаните?

 

Им порачувам на мирјаните што повеќе да ја бараат вистината, и таа ќе ги ослободи. Нека читаат и учат повеќе, нека се сакаат повеќе помеѓу себе, според зборовите на Спасителот: Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг (Јован 13,34). А политичките партии, пак, нека не бидат причина за поделби на народот, онака како што сега ни се случува. Деновиве имав прилика да слушнам еден политичар кој за партиите се изјасни како за сервис на граѓаните. Тоа многу ми се допадна и навистина би сакал нашите граѓани токму така да гледаат на партиите, бидејќи тие за тоа и постојат – да им го направат подобар животот на граѓаните. И за крај, би додал дека граѓаните не би требало сентиментално да се приврзуваат за партиите, бидејќи тоа прави нереално да гледаат на работите и така полесно да бидат изманипулирани, а тоа погубно се одразува на иднината на целиот народ.

6 Коментари

  1. Марјан Тодоровски

    Многу длабоко и реално согледување на нештата! Отец Партениј покажа дека е човек на просветлението, широкоград, историски многу добро поткован, родољубец, со одлична перцепција на историјата, но и реален поглед кон сегашноста. Вистински духовен водач на народот!Храбар сведок на вистината, која, како што самиот се изрази е „патот по којшто секогаш треба да одиме, и како поединци, но и како народ“. Луѓето како него се големо богатство за македонскиот народ и држава. Секоја чест!

  2. Уште едно храбро, искрено и пред се вистинољубиво интервју на о. Партениј. Отецот ги детектира проблемите во нивната суштина и со полно право констатира дека она што не подрива како нација и ја чини нашата наука инфериорна и несериозна е нејзината податливост кон градење на сомнителни, неретко фалсификувани историски факти и сосема погрешни нарации. Ако во времето на реал – социјализмот имаше оправдување за склоноста кон овие псевдоисториски тенденции, „страшно е што таквиот приод кон историјата продолжи, како по некоја инерција, и после 90 – те години, кога Македонија стана самостојна држава. Дури и во последнава деценија сме сведоци на уште една, исто така мошне интензивна етапа од извртувањето на историјата што ја става нацијата во опасност “.

    Историчарите, и не само историчарите, до вистината за минатото единствено можат да дојдат со консултација, научна критика и верификација на сите достапни извори. Проблемот кај нас е во тоа што се премолчуваат историските факти содржани во документите, дел од нив фрагментарно се читаат, а извесен дел од нив, за жал, се фалсификуваат. По дефиниција “историски факт е нешто што се случило во минатото и оставило траги во документите. Документите, пак, мора да се основното средство на историчарите за реконструкција на историските настани и процеси“. Во овој контекст, она што е „прескокнато“ и сеуште се „прескокнува“ во нашата фела се барањата на научната методологија историчарот безусловно да ги избрише сите предрасуди и однапред создадени мислења. Доколку строго не ја користи методологија својствена за историската наука тогаш историчарот се доведува во ситуација неговите дела да наликуваат на романчиња. Затоа научникот мора да пристапи кон документите со целосно отворен ум користејќи научна критика не само кон историските извори, туку многу повеќе кон пишувањата на колегите (особено оние кои пишувале и пишуваат политички ангажирана историја). Само тогаш ќе има наука. Сето друго напишано е за „внатрешна“ употреба кое кај колегите од странство предизвкува урнебесна смеа и неизбежен потсмев. Како последица на ова „страда“ сериозносноста на македонската историска наука, но во исто време се создава слика за Македонците како „незрела“ нација склона на псевдоисторија.

    Затоа сосема се согласувам дека „сега е вистинскиот момент нашата држава да се посвети и да смогне сили за национално помирување со сите личности и процеси од нашата историја и во соработка со сите чинители на општеството, да направи таква издржана историско-национална платформа, која ќе се темели на факти. Само тоа може да помогне оваа нација да се одржи и да се надева на иднината. Во спротивно, македонизмот, ваков каков што е, и кој особено својот ужасен лик го дефинира во последните години, е еден монструм кој, налик на митолошкото грчко божество Хронос, ги јаде своите деца“.

  3. molam na odgovor.i drugo vie ne ste istoricar.molam ostavete ja istorijata na istoricarite.i sega li ti tekna za istorija od kako se prodavate na bugarskata crkva za samo da ve priznae? pa neli presvetiot DUH ve ima priznaeno?blagodaram od napred. blagodaram od napred.

  4. Za koja istorija?Za onaa vecnata, nema Makedonci ima samo Bugari? Na taa mislite li?Molam nemoj da mi ja kratite porakava , kako onaa pogoresto koja ne ja dadovte cela . Blagodaram.

  5. Do gospodinot partenij, do komentatorot, gospodin dragan i do najgorniot komentator, gospodinot marjan todorovski.Za koja itorija mislite,za onaa kade goce vika “sickite boleduvame” od ista bolest,ili deka bil ucitel bugarski ili deka bil vojnik bugarski? Toa go znaeme i mnogu drugi raboti ne mislite deka samo vie ste “istoricari”.Pa i zaev rece isti narod sme so bugarite. Dane slucajno i gospodinot zoran zaev e bugarin?Vie ste cule li za onaa srpskata izreka,politika zivi ljudi guta?Dejcite cistokrvni makedonci kako sto pisuva misirkov se kriea zad bugarskata maska,ne zaboravajte ja onaa srpskatas,politikata lugjeto zivi gi golta.Aaaaaa znam sega na koja istorija mislite na onaa od 18 i 19 vek koga Bugarskata crkva namesto ISUS HRISTOS da go propoveda, propovedase nemilosrdno deka Makedoncite se Bugari?Da go citiram Golganov?Aj posto ste “istoricari”nema da go citiram, sigorno znaete sto kazuva Golganov, za nafrlenite orli vrz duhot Makedonski.Ili mozda za Jane Sandanski,od edna tiranija da ne vlezeme vo dguga, bugarska tiranija?I da ne citiram dokumenti od arhivi nenene ne makedonska arhiva nego bugarska kako kristalno i jasno Makedoncite se kazuvaat kako i samo kako Makedinci.Do gospodinot partenij i gospodinotmarjan todorovski.Aj ve molam kazete ja vie taa istorija koja sto e falsifikuvan?Zboruvate, a ni eden mal falsifikat ne kazavte iako ste navodno ja poznavate istorijata. A poznato e vo svetot deka ogolemi falsifikatori od bugarite nemalo i nema.Do gospodinot partenij.Kako bugarija se pokazala prijatelski kon makedonija, koja na sekoj nacin dali so pasosi ili so bugarskata naucna umetnost ili preku vas i preku makedonskata crkva i preko mnogu drugi pravci, neumorno nastojuva na asimilacija na makedonskiot narod i sve sto e makedonsko?Bugarija ne prizna prva? Ne, toa ne e priznavanje.Bugarija uste ne ja ima priznaeno republika makedonija.Koga bugarija ke priznae sve makedonsko togas i samo togas,nikako podrugo, moze da se zboruva za doblizuvanje na dvata mnogu razlicni narodi.Gospodine partenij sto e so vas?

  6. Zaboraviv nesto da kazam.Gospodine partenij ako tolku mnogu ni pomaga bugarija i ne saka ( a taa ljubov e otrovna ke kazam zasto) zosto ne ne prizna kako narod i jazik i kultura i istorija?Posto kako sto razbiram, od vasite odgovori vie tvrdite deka ne sme bugari, se nadevam ne sum siguren no se nadevam deka vistinski mislite deka sme poseben narod.E koga sme poseben narod a bugarija tolku ne saka i pomaga zosto ve prasuvam ne ne priznae?Znaete kakva ljubov i kakvo pomaganje e bugarskoto?Vo vtorata svetska vojna so ubistvata na makedonskiot narod da go asimiliraat ne uspea ( babami e svedok i site drugi stari deka bugarite bile naj brutaln, i toa gospodine partenuij ne e propaganda socijalna od tito, toa se fakti od makedonci od mojata baba) pa sega pokusavaat so lazna ljubov, judejska ljubov i so lazno pomaganje za da ne izmamat, za da ne ublazat, za da ni stvorat simpatija pa posle otkako toa ke se sredi, ke ja vidite vie gospodine partenij bugarskata ljubov i pomos

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*