Перцепцијата за ВМРО-ДПМНЕ

Изгубени во простор и време, без реална политичка стратегија за удар врз нивниот политички противник, без реална понуда, идеја и решение за проблемите на граѓаните како и подобрување на нивниот животен стандард, најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ полека но сигурно ќе почне да го топи своето гласачко тело.

Доколку продолжат со овој тренд на глумење на премиерот Зоран Заев од страна на новоизбраниот претседател Христијан Мицкоски повеќе од сигурно е дека кај граѓаните, наместо позитивни, ќе се добијат негативни поени кои подоцна со сигурност ќе се изразат на следен изборен резултат.
Мицкоски како нов лидер, освен одржаните пресови за акцизата на дизелот и најавените „бомби од медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ, а за кои по нивното објавување беа окарактеризирани како петарди, нема никакви други активности и акции со кои може да се кажи дека Мицкоски цврсто гази на политичката сцена во Република Македонија.

Од друга страна, го гледаме однесувањето на неговиот претходник Груевски, кој уште се надева дека ќе го крене својот рејтинг и дека политички ќе се одржи со споредбата од неговите “проекти“ како премиер наспроти заложбите на премиерот Заев. Тие негови обраќања, дали преку фејсбук или преку изјави за медиумите, носат само уште еден голем минус за партијата ВМРО-ДПМНЕ, која мора да се одважи и да расчисти еднаш засекогаш со груевизмот! Секако, тоа не е лесна задача и затоа ќе имаме разбирање за Мицкоски. Но, граѓаните нема да имаат. Кај граѓаните на Република Македонија има една лоша перцепција за тоа што е ВМРО-ДПМНЕ денеска. Тие не гледаат реална понуда за подобар живот во ВМРО-ДПМНЕ бидејќи знаат, почувствуваа и слушнаа како се однесуваше екс лидерот на таа партија за време на неговото 10-годишно владеење.

Перцепцијата за ВМРО-ДПМНЕ уште е дека е партија на луѓе кои личните бенефиции и бизнисот им е пред политичките решенија кои би можеле да придонесат за подобра иднина на народот, на луѓе кои жестоко, дрско и безобразно се пресметуваат со своите неистомисленици и критички настроени интелектуалци, политичари, бизнисмени, медиуми, на луѓе кои оставија неквалитетно образование, здравство, на луѓе се способни да уништат се што е против нив, па макар било и македонско, на луѓе кои местеа избори, на луѓе кои не донесоа поубав живот за граѓаните на Република Македонија.

Ова актуелно раководство има историска задача, тешка задача пред себе, но ќе мора да се исправи и пред своите, да ги поправи грешките на претходниците, да се извини за нивните грешки и да каже – Да, тие направија грешки, но ние сме подготвени да ги исправиме, да понудиме искрена и реална опција која ќе се бори со многу труд за подобар живот за граѓаните на Република Македонија. Се дотогаш, се дури не го сторат ова, се дури ВМРО-ДПМНЕ го демне сенката на Никола Груевски, се дотогаш ќе тоне, а на секои наредни избори ќе доживеат уште потежок пораз кој ќе придонесе за оваа партија да биде трета политичка сила во македонскиот политички простор.

Пишува: Гоце Милошовски

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*