Петар Колев: Функцијата пратеник е личен избор а не кралска титула!

Функцијата пратеник е личен избор а не кралска титула! Внимателно ги следам размислувањата во насока како да се оптимизираат трошоците кои апсолутно вулгарно, арогантно и невоспитано ги прават нашите народни избраници. За да бидам сфатен правилно уште во почетокот на моето излагање сакам да потенцирам дека функцијата пратеник во собранието на Р. Македонија е личен избор на поединецот, а не кралска титула. Секако веќе оваа така лоша имитација на парламентарна демократија на данакоплатецот му е дојдена преку глава. Неможам да сфатам зошто некој упорно сака да ги штити привилегиите и конформизмот на политичките елити. До кога пратениците ќе ги третираме како особено национално богатство кое недај Боже да треба да плати нешто од сопствените и така доста високи лични доходи.

 

Во ред, согласен сум дека треба да се бара модел за оптимизација на трошоците и сакам да ја споделам и мојата идеја како граѓанин, но и како политичар. Собранието може да набави 6 микробуси со по 20-25 места кои ќе ги пушти на редовни линии од изборните единици до Собранието и обратно. Така патуваат и моите родители на работа, татко ми во едно јавно предпријатие кое е во катастрофална состојба, но тоа е друга тема, а мојата мајка во приватна конфекција. И тука не гледам никаква трагедија. Илјадници луѓе во земјава патуваат со организиран транспорт на работа.

 

Ако на некој од народните избраници не му се допаѓаат условите за патување, може слободно да си патува со личниот автомобил на своја лична сметка, секако платите им се доста високи и можат да си го дозволат тоа. Исто на овој начин патуваат доста наши сограѓани на работа. И се разбира ако и ова не е во ред, тогаш можат слободно да си изнајмат стан во главниот град. Кириите, гледајќи им ги личните примања кои се многу над средните во нашето општество, нема да им се огромен проблем. Се разбира ако и ова не е во ред, тогаш слободно може да си побараат друга работа. Во многу сектори има доста слободни работни места. А може и да отидат да поработат сезонски надвор од Македонија како што работат многу наши сограѓани. Почитувани дами и господа политичари, пратеници, министри итн. политиката е местото каде се дава за општеството дел од знаењето, искуството, трудот и здравјето, а не печалбарска тезга. Ако не ви се допаѓа слободно сменете професија. Затоа ние од ГДУ апелираме за смена на изборниот модел. Една изборна единица, отворени листи и намалување на бројот на пратениците на 60. Оваа политичка тезга еднаш засекогаш треба да ја затвориме, а клучот за тоа е кај вас почитувани мои сограѓани.

Пишува: Петар Колев (член на ИК на ГДУ)

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*