Побарај помош од пријател

Оперскиот пејач Игор Дурловски и актерот Владо Јовановски не се терористи, едноставно одлучија да се најдат во одредено време, на одредено место и сега ќе си ги трпат последиците. Не велам не, напротив дури верувам дека сѐ што изјавиле или направиле, било исклучливо од патриотски чувства, но и патриотизмот има потреба од оддржување на неговата хигиена. Инаку веќе не е патриотизам.

Во играта „Кој сака да биде милионер“ има една опција „Јави се/побарај помош од пријател“, па се чудам на кој пријател може да се јави македонскиот патриотизам, ако неговото манифестирање носи кривична пријава според членот 313 од КЗ, кој го уредува делот за „терористичкото загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Нешто не штима нели?

Груевски вели дека се работи за политички прогон и побара итно ослободување на уапсените. Истиот тој Груевски откако се врати од Виена, ноќта по крвавите настани во Собранието побара насилниците да бидат исправени пред лицето на правдата. Ете ги исправија, и еден оперски пејач и еден актер веќе се во притвор. Лоша е работава не чини.

Инаку уметничкиот дел беше една од поентите во одбраната на нештото, што сакаш да го одбраниш, а не се брани. Демек тие биле уметници, па не можеле да бидат терористи. Тоа ли беше нивната улога? Уметнички осигурачи? Да „грмнат“, па вие после да си ја терате агендата? „Ете апсат уметници, а криминалците ги пуштаат на слобода“. Ако Игор и Владо се јават на таков пријател за помош сега, кога се во страшна ситуација, само ќе си го потрошат џокерот.

Има една стара бугарска (иш сатано) мудрост, ќе се обидам да ви ја пренесам во најоригинален вид: Кога ќе се преврти колата (се мисли на запрежна таква), патишта многу, или кажано поедноставно: откако ќе се направи бељата се појавуваат еден куп бескорисни опции да си ја спасиш кожата. Тука се опциите, на дофат, ама бадијала. Такво нешто им се случи на Игор и на Владо, на уметниците, кои сега ги теретат за тероризам. Тие немаат пратенички имунитет, никој не направи интервју со нивните домашни, во кое да се подвлече нивниот патриотизам, тие едноставно се уметниците, кои одлучија да го покажат својот патриотизам на еден многу наивен начин и беа „пуштени низ вода“.

Во меѓувреме на Македонија и се случува еден друг вид на тероризам, што нема врска ниту со Тиранската платформа (против која протестираа пејачот и актерот), ниту со договорот за добрососедство со „KLETITE TATARI“, ниту со законот за јазици, ниту дури со молбата на МПЦ-ОА да стане „црква-ќерка“ на Бугарската Православна Црква. Вчера телевизија Телма објави дека за девет месеци починале 185 бебиња. Грозниот просек покажува дека умирале по 20 бебиња месечно или речиси по едно бебе на ден. Тука патриотизмот манифестиран преку шетање низ улици против странски платформи како да ни паѓа во вода. Оваа платформа си е наша и никој не ни ја наметна, сами си ја наденавме, затоа виновно молчиме. Ситуацијата е страшна и не, немаме пријател од кого да побараме помош за да ја решиме. За мирна глава, го туркаме проблемот под тепих, по стара македонска традиција и се зафаќаме со решавањето на други далеку поневажни проблеми.

Ги гледам партиските ботови од едната и другата страна како си ги мерат на социјалните мрежи. Терористи, криминалци, лопови, чуда… додека децата наши гаснат како свеќи на ветар. Тоа не е патриотизам драги мои и вие не сте патриоти, бидејќи како што напишал еден голем бугарски поет и револуционер- Христо Ботев во неговата песна „В механата“:

„Ще да пия на пук врагу,

на пук и вам, патриоти,

аз вече нямам мило, драго,

а вий… вий сте идиоти!“

Мислам дека нема потреба од превод и објаснување. Нели?

Пишува: Батко Тане

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*