Поздрав од Македонија

Да се биде Mакедонец, тежина и надеж. Тежина поради минатото, надеж за иднината.
Токму таа надеж ме тера да размислам, да се потсетам на минатото. Не така одамна, на ова поблиското. Зошто победнички пораз? Зошто вината за тоа, кај најмалку виновните? Зошто е забрането да се праша за виновникот? Седам и си мислам, зошто стана грев да си бидам вмровец? Грев ли е да си ја сакам ВМРО ДПМНЕ?
Вмровецот не знае за назад! Не смеам да помислам да се откажам од Идејата и Делото на Организацијата! Ја добив во аманет од дедо ми и татко ми, ми напоменаа, чувај ја сине повеќе од себе си, повеќе од своите очи, и оставија во аманет на децата, а тие на внуците!!!
Комшијата, исто од ВМРО, ми кажа дека наши членови побарале реформи во ВМРО ДПМНЕ. Се налутив, па тие знаат ли што прават, предавници, платеници… Дома, жената исто ми зборува за нив. Доаѓа синот и вика, ги виде ли оние од УМС, што се дружевме? Бараат реформи во ВМРО. Се јави ќерка ми од студии, вика тато конечно тргна нешто во ВМРО, конечно некој да понуди алтернатива. Гледам во икона и си викам, можно ли е и моите деца да се предавници? И син ми ли? И ќерка ми ли е платена од душманите? Што се случува, со што ги манипулираат децава?
Вечерни вести, гледам нашите од ВМРО. Си викам е вака треба, е овие дечки се нашите, овие пораснаа во партија, овие треба да кажуваат за реформи, а не некои платеници таму! Погледнува син ми, тато еве ги, овие се реформаторите, овие бараат промени во ВМРО ДПМНЕ! Останав занемен, што се случува, ако овие дечки ги осудував, каде е срамот? Кој да се засрами? Како можев да се посомневам во своите чеда? Па ова се нивните другари, па со нив заедно пораснаа по комитетите!
Слушам, зборуваат дека Република Македонија мора да се развива како демократска држава, а тоа е единствено можно само ако нашата ВМРО ДПМНЕ е демократска партија. Кажуваат дека за да опстои Македонија во овие тешки времиња, потребно ни е стабилно ВМРО ДПМНЕ! Недемократската внатрешна поставеност на органите на ВМРО ДПМНЕ, претставува една од основните причини која ја обезличува нашата партија. Не е прифатливо нашето ВМРО да биде изолирана партијата на домашната и меѓународната политичка сцена. Остануваат на аманетот од нашите предци, кои се бореа под истиот предзнак во своето време, сакале одлучно да одиме по патот кој води кон просперитет на нашата Македонија. Објавиле Декларацијата за демократизација и модернизација на ВМРО ДПМНЕ, која била патоказ кој нуди конкретни решенија за излез од сегашната состојба. На цел глас викаат не сакаме победнички пораз, прифаќаме само победа! Не сакале состојба во која и победите претставуваат пораз, а пријателите непријатели. Предложиле нашата партија да го врати загубеното, да започне една нова ера за уште посилна ВМРО ДПМНЕ. Само така брзо ќе ја добиеме честа, повторно да раководиме со државата.
Поминуваат деновите. Мора демократизација внатре во партијата, проблемите мора да ги средиме, мораме сите членови на партијата преку заедничко дејствување да создадеме посилна ВМРО ДПМНЕ, за Македонија да биде посилна. Секој од нас има право да побара подобро утре, сите ние сме рамноправни членови на партијата, бидејќи ние вмровците сме ВМРО ДПМНЕ. ВМРО ДПМНЕ е силна поради нас, членство. Членовите мора да имаме централно место во партијата. Мора да размислиме за она што го предлагаат реформаторите, тие предлагаат суштински реформи во партијата, да започнеме со промена на Статутот, за ние членовите да ги донесуваме одлуките во партијата. Мора ние сами да ги избереме нашите претставници во телата на ВМРО ДПМНЕ.

На една средба со дел од предлагачите на реформи, ми дадоа Декларација за демократизација и модернизација на Партијата. И новиот Статут, каков би бил. Прво, викаат дека во ВМРО ДПМНЕ секој ќе имаме право да си кажеме што мислиме, не само вака по дома, туку и на состаноци на МК, ОК, секаде. Второ, дека со новиот Статут ќе гарантираат еднаквост и недискриминација на сите членови на партијата. Дека особено ќе се почитува трудот на нас, што сме цел живот активисти, кои сме се вложиле себеси во изградбата на ВМРО ДПМНЕ. Така и треба, јасно да се знае што права и обрски имаме, без никој да може да не ограничува во изразувањето на нашите идеи и активности. Трето предлагаат да се воспоставува правилото на непосреден избор. Сами да гласаме при изборот на Претседател на ОК, Собрание на ОК, за делегати на Конгрес, дури предлагаат, ако треба, идниот лидер да го избереме сите ние, на кутии да гласаме во општинските комитети. Ако не изберат нас за членови на Собранието на ОК, сами ќе одлучиме кој ќе биде Претседател на тоа Собрание, кој ќе бидат наши претставници во ЦК на Партијата, сами ќе одлучиме кој ќе ни бидат кандидати за градоначалник, советници, па дури и за пратеници. Нема да знаат за кого сме гласале, нема да се плашиме од директорот или од градоначалникот, гласањето ќе биде тајно. И кога ќе избираме функционери и кога ќе одлучуваме за битни работи во ОК и во ЦК, ќе се гласа тајно, зад паравани. Конечно веќе еднаш на раат да одлучиме без закани и уцени.

Ги прашувам, што ако истите пак се наредат на десет функции во ОК? Нема, Статутот веќе ќе гарантира, а не ветување на збор, едно лице – една должност во партијата. Ќе си имаме и претседател на ОК и претседател на Собрание на ОК, а и други членови кои ќе не претставуваат во ЦК. Предлагаат Претседателот на ВМРО ДПМНЕ да не биде веќе Претседател на ЦК на ВМРО ДПМНЕ, членовите на ИК нема да бидат членови на ЦК. Исто така, нема веќе истиот човек на функција и во партија и на државна позиција. Предлагаат неспоивост на партиската и државната функција. Еден од реформаторите со огромна енергија, објаснуваше дека мора секој да си сноси индивидуална одговорност. Нема само привилегии за функционерите, туку и обврски, особено лична одговорност при извршување на тие обврски. Нема веќе само еден е заслужен за победите, а сите ние сме виновни за поразите. Секој ќе си сноси лична одговорност и во секој момент, ако прави грешки, ќе можеме да го смениме. Вака како што беше до сега, дел од функционериве ја злуопотребија својата моќ и себеси се наметнаа, како единствено тие да можат да бидат главни во партијата и во државата. Мора да се ограничи моќта на партиската елита. Другиот зборуваше за транспарентност во работењето. Дури и зачленување во партијата да биде јавно, а не како до сега, преку ноќ стани член за вработување. ВМРО е многу повеќе од тоа. На што личи нашава партија што ја создававме. Не смее веќе да се повтори.

Тоа значи дека нема кој било да ја претставува нашата партија во јавност и во институции? Ќе почнеме ли конечно да форсираме личности со личен интегритет, да се гордееме со нив? Нема веќе секоја недела различен став на лидерот и на функционерите? Ќе се појават ли конечно нови лица во партијава? Ќе почнеме ли да го цениме квалитетот на нашиве деца што пораснаа во ВМРО? Ќе дојде ли конечно некој човек од централен штаб со авторитет кај членовите на партијата, а не пратеници кои не знаат зошто ги испратиле по општински комитети?
Да брат, во Статутот ќе стои дека во иднина одлуките за кадровската политика ќе се носат транспарентно, пред членовите на ВМРО ДПМНЕ, но и пред целата јавност во Република Македонија. Интегритетот на поединецот ќе биде најважен, за од него да се промовира професионалец, решение за било која позиција во државната. Човек без интегритет е човек без кредибилитет да побара шанса. Нашата идеја, за ВМРО ДПМНЕ како партија, беше да бидеме народна партија, а не приватна партија на пет луѓе. Реформаторите на ВМРО ДПМНЕ нудат поединци со интегритет, свој на своето, борци за своето, кредибилни да побараат одговорност од политичката конкуренција. Реформаторите ја истакнуваат внатрепартиската солидарност како најважна од се. Солидарни да бидеме кон сите, солидарни кон себе си. Викаат дека не постои целосна правда, но мора да биде фер. Повикуваат на солидарноста помеѓу сите нас, членовите на ВМРО ДПМНЕ, и тоа не само што ветуваат, туку тоа да биде и статутарна обврска. Не секогаш лице кое стигнало до висока државна позиција е најквалитетното и најзаслужно решение на партијата. Но, истото тоа лице, мора да биде целосно солидарно кон останатите членови на партијата, кои веројатно имаат и поголеми заслуги за победите. Едноставно брат, обврзани ќе бидеме меѓусебно да си помогнеме, како вредност која стои во темелите на нашата ВМРО.
Реформаторите нагласија, твое е сам да одлучиш. Не мора нас да не слушаш, тие сами така кажаа, секој сам и слободно да одлучи, дали ќе ги подржи или не реформите.

Станав без збор. Не можев да се вратам дома. Се засрамив од мојот сомнеж, прво во своите деца, а после и во реформаториве, што ги познавам години од ВМРО ДПМНЕ. Еве и да лажат, ако сето ова го стават во новиот Статут на ВМРО-ДПМНЕ, тоа ќе има голем позитивен ефект. За сите ќе биде убаво, и за нас во базата и за раководството на Партијата. Раководството во иднина ќе добие полн легитимитет и легалитет да одлучува, но и одлуките ќе имаат поголема тежина и значење, а ние ќе бидеме целосно вклучени во процесот на избор на раководството, но и во процесот на донесување на одлуките. Новиот Статут на ВМРО ДПМНЕ, ваков каков што го предлагаат реформаторите, ќе делува исклучително мотивирачки кон сите, да се приклучат во новата победа на ВМРО ДПМНЕ.

Идејата не излегува од глава! Сигурно дебатата носи конкуренција на мислењето, а тоа пак донесува квалитетни заклучоци. Секако дека ВМРО ДПМНЕ ќе биде помудро после отворена дебата. Донесувањето на мудри заклучоци ќе донесе решенија за сите наши проблеми. Дојдов до најважното, дека реформите ни се нам потребни, членовите на нашата ВМРО ДПМНЕ, дека реформите ќе предизвикаат процес на реизбор на органите и телата на партијата, процес кој конечно ќе дозволи и ние да кажеме и да одлучиме како понатаму.

Син ми беше на состанок на ОК. Се врати вознемирен. Тато, се плашам дека ќе ги изгубиме локалните избори. Претседателот на ОК се прашува како ќе правиме митинзи, кога половина раководство е со кривични пријави и секој ден мораат по судови? Викаат дека ќе сме имале некој кандидат за градоначалник, кој не е наш член и секогаш бил против ВМРО, човекот бил со некои бизнис врски со некој од централа. Листата за советници пак ќе ја составеле од „горе“. Тие од каде знаат кои сме добри, а кои лоши кандидати?“ Неколку Претседатели на МК се приклучиле на барањето за реформи во Партијата и јавно кажаа на ОК дека бараат реформи и дека бараат средба на ОК со реформаторите. На мене ми се пријатели, јас ќе им се јавам да видам што да се прави, кој пат да се фати.

Кревaм глава! Доста е! Надеж има, секако! Каде, ако не внатре во ВМРО! Сам ќе се борам за своето, ете тоа ќе направам! И ќе се изборам! Одлуката е една, ВМРО ДПМНЕ мора да продолжи понатаму! ВМРО ДПМНЕ не е и не смее да биде ничија своина, таа е наша на вмровците! Ние ја создадовме, ние ќе ја одбраниме! Ќе чекорам заедно со храбрите и одлучните, чекорам за РЕФОРМИ во мојата, нашата ВМРО ДПМНЕ, чекорам за иднината на моите, нашите деца, ЧЕКОРАМ ЗА МАКЕДОНИЈА.

Пишува: Петар Богојески

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*