Службениците се повлекоа-слугите останаа

И Србите веќе не се тоа што беа. Едно повлекување не можат да изведат како што треба. А беа времиња кога се корнеа штекери, ако се сеќавате. Денес во XXI век работите стојат далеку поинаку. Поцивилизирано. Си ги собираат парталчињата и дим да ги њама. Сепак во душата на измачениов македонски народ болен од тешка форма на стокхолмски синдром, ваквото повлекување не може да не предизвика реакција. Македончето, чиј мозок е моделиран со многу силна пропаганда и не на последно место прогон и ликвидација на сите кои мислат поинаку е во траур.

Моите мисли се со Љупчо Златев. Пуленот на Латас, со такава љубов работи за српската идеја во Македонија, што понекогаш се чудам, дали случајно Љупче не е некој праправнук на Василие Трбиќ. Истиот тој Љупче го оставија, а можеа да го повлечат, како заслужен борец против татарската и шиптарската пропаганди.

Србите не го повлекоа ни другар му на Миро Лазански, ама барем за него е разбирливо, оти нема кому да ги остави козите и шарпланинците.

За Мирка знам кога ќе се повлече, тогаш кога ќе стаса аберот од Москва.

Во листата на ожалостени, не можам а да не го спомнам и „независниот експерт“ Тони Науновски, тој исто така не доби повик за повлекување. Го оставија овде за да има кој да им прави друштво на Јанко Бачев и Стефан Влахов Мицов.

Според последните информации, Србите ни прават „контра“ заради кандидатурата на Косово за влез во УНЕСКО, се шпекулира дека, ако Македонија гласа ЗА, Србија ќе ги прекине дипломатските односи со својата Јужна бановина. Која трагедија? Камо среќа Македонија да го поддржи Косово, па да видиме дали, по прекинот на дипломатските односи со Белград, планетата земја ќе продолжи да се врти.

Драги мои, фатени во небрано лозје од повлекувањето на српските дипломати, „патриоти“. Нема потреба од драматизирање. Јас знам дека многу ви се насобра, не беа Тирански платформи, не беа Договори за добрососедство, ама издржете. Ако не знаете како, прашајте ги тие кои 100 и кусур години, генерација по генерација ја врват својата Голгота кон исконскиот сон: Независима Македонија. Тие издржаа, ќе издржите и вие. Сосема за крај ќе ве замолам, немојте вашата неписменост и ограниченост да ја облекувате во убавите алишта на патриотизмот. Патриот бил Дрангов, кој оставил жена и деца во 1903 г, за да дојде во Македонија и да поведе чета за време на Илинденско-Преображенското востание. Патриот бил Гоце, „бугарскиот бандит“, кој беше избришан од белградските власти. Вие не сте и никогаш нема да бидете како Гоце и Дрангов, затоа што сте изгубени души, и додека сами не се пронајдете никој не може да ви помогне.

Пишува: Батко Тане

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*