Студентите мизеруваат, додека политичарите мудруваат

Околу студентските домови се креваше голема фама последниве неколку години. Студентите исфустрирани почнаа јавно да ги кажуваат и изнесуваат на виделина своите проблеми и да раскажуваат за мизерните и бедни денови поминати во државните установи наменети за сместување на идните академски граѓани кои еден ден ќе треба да се вложат во активниот развој во Македонија. Токму тие луѓе доаѓаат да студираат и поради нивната финансиска можност (неможност) се принудени да се сместат во државните студентски установи додека пак некои од нив делумно информирани се возбудени од очекувањата што си ги замислиле гледајки некој филм / серија од другите држави. Но и едните и другите остануваат со подотворена уста од ужасот… Некои плачат додека пак другите се воздржуваат кога ќе видат кај се нашле и со што се треба да справуваат. Еве ви еден прост пример: студентите што веќе седат во домовите и се запознати со ужасот и сликата, „бркаат“ луѓе, се молат за да им се додели истата соба од претходната година за да не бојадисуваат и реновираат се од почеток.

А за ваквото „разубавување“ на тој амбиент, во моментот кога ти доаѓа се живо да испотепаш, се појавуваат „тетките и чичковците“ (кои имаат роднини на високи позиции или пак едноставно се симпатизери на владеачката партија во дадедниот период), кои можат да ти „помогнат“ за доделувањето на собите. Тие со нивната ограничена пред се човечка доблест а да не зборуваме за образовно ниво,те гледат право во очите и те подучуваат како да се справиш со проблемите, на пример ако ти тече вода во вецето од катот над него да влегуваш со чадор… И откако ќе се изнашегуваат со тебе, го добиваш клучот и почнува твојот студентски живот… Слободно може да се каже дека ако не фатиш некоja болест од хигиената што владее таму, почнувајки од главниот влез па се до храната, стекнуваш челичен имунитет.

Дигнатата прашина во медиумите за мизерниот и макотрпен живот на студентите конечно допре до ушите на дотичните политичари па решија со тешка волја да го одобрат проектот за реновирање на студентските домови. И како се останато во нашата држава имаше реновирање ДА, но ПОВРШНО! За да ја добиете вистинската слика треба само да појдете во државните студентски домови и се ќе ви стане повеќе од јасно!Сепак мора така да се работи, инаку како би останала половина од буџетот за лични цели… би било голем срам во Македонија ако си на власт а да не крадеш и не си главен во сите криминални зделки!
Е тоа е за протестирање, драг мој напатен народе!Додека ние меѓусебе си ги вадиме очите и бистриме политика, „господата“ на топлите фотелји манипулираат со нас. Вистинските нереди и проблеми во државата ги прикриваат,измислувајќи си непостоечки проблеми и одејќи со контра удари на опозицијата како рушење /местење споменици ,менување имиња на улици и сл, и најмногу со воведување на нови закони кои ќе им одговараат за понатамошно дејствување во бурната транзициска политичка кариера. Народе, ова е бубашвабата во твојата компир манџа, а ти продолжи да си мислиш дека за се се виновни нашите комшии или марсовците.

Автор: Александра Трнковска

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*