„Чесното“ заработено лепче на командантот ќе ги стимулира младите да ја напуштат Македонија

Невработени во Р. Македонија се 218. 601 граѓани, од кои 43, 612 се со високо образование

Според податоците на Државниот завод за статистика за 2017 година активното население во Република Македонија брои 952. 644 лица од кои вработени се 734.043, а 218.601 лица се невработени.

Од нив 43. 612 се со високо образование, што значи дека споредбено со претходните податоци од истиот завод за статистика говорат дека бројот на невработени со високо и средно образование е во пораст.

Колку чини високото образование на едно дете?

 

Веројатно, кај секого различно, но генерално станува збор за исклучително високи трошоци. Почнувајќи од плаќање за сместување во студентски дом или приватен смештај, сметки за струја, вода, храна, направените трошоци за превоз, книги.
Ако на сето тоа се додадат и потребите на младите студенти како што е излегување односно социјализација во општеството, на кино, театар, спортување, посета на фитнес центри, вечера или ручек, како и повремени забави се добива една сума на пари кои не така лесно може да ги издвои секое македонско семејство.

Студирањето носи свои позитивни и негативни страни. Позитивните секако се оние дека учите и се усовршувате во професијата која ја имате изберено за студирање, учите, секојдневно посетувате настава со цел утре да станете професионалец во својата струка, а преку тоа да дадете и придонес за едно ефикасно општество. Негативните, секако доколку немате поголем кеш за приватен престој, во Република Македонија, се тоа што ќе плаќате престој во руинирани студентски домови, со мизерна храна, неквалитетни услуги, мувлосани ѕидови, скршени врати и прозорци, прокиснати тавани и тоалети.

Најчесто после дипломирање младите образовани кадри велат вака – јас дипломирав, а вие ми барате искуство за да прашам „повелете, што ќе се напиете“, или „што ќе порачате“? 

За жал, македонската сурова реалност е токму таква. Денеска тешко може да се најде достојна работа и со факултет, а камоли пак за работа без факултет! Дека не е се така штетно, лошо, да не речам катастрофално во нашата држава, не потсети премиерот Зоран Заев кој во текот на вчерашниот ден излезе со една многу интересна изјава за вработувањето на својот нов советник или ако сакате – соработник за анти-радикализам во Владата на РМ. Имено, премиерот рече – Шаќири (алијас командант Хоџа) има многу деца, најдовме начин како на чесен начин да си заработи лепче за фамилијата, тој има ГОЛЕМО искуство и познавање и може да помогне ако не дај боже се појават некакви екстремни групи.  И веднаш во увото одзвонува зборот – НАДЕЖ! Да, да! НАДЕЖ!
Надежта последна умира, но сепак умира! После една ваква срамна изјава и одлука на премиерот кој требаше да носи промени, младите кои се бореа до последно со надеж дека СДСМ ќе донесе вистински промени за поквалитетен живот наспроти катастрофалната политика на нивниот претходник Никола Груевски, ја губат и последната тронка надеж дека нешто во оваа држава може да тргне на добро!

ГОЛЕМО ИСКУСТВО ПРИДОНЕСЕ НА ЧЕСЕН НАЧИН ДА СЕ ЗАРАБОТИ ЛЕПЧЕ СО ПЛАТА ОД 600 ЕВРА

Хоџа – Добив функција во Владата за да преживеам!

Заев – Му дадовме функција за да на чесен начин заработи лепче за своите деца!

Две “интересни“ изјави. Првата на „жртва“, втората на „добродетел“. 

Втората и срамна! Да, премиере Заев! Срамна! Многу од граѓаните имаат деца. Некои заминаа и не се ни вратија, други пак останаа со надеж дека нешто ќе промените и ќе понудите поинаков живот за сите! После една ваква изјава, после една ваква скандалозна одлука за врбување на командант на ОНА од 2001 година, ниту помалку ниту повеќе, туку во Владата на Република Македонија како ваш соработник за анти-радикализам на државата против која се кренал со оружје, секој еден млад човек со завршено високо образование веќе нема да се двоуми дали да остане или да замине од државата!

Ние имаме невработени родители со години, луѓе со завршено високо образование, самохрани и невработени мајки, социјални случаеви кои со години мака мачат да го истераат денот и месецот до крај, како што велите вие, со лепче на масата! За сето ова време тие пак си ја сакааа татковината и никогаш, ама баш никогаш не помислија да и наштетат! Очигледно, требало! Требало да се кренат со оружје против својата татковина, за да денес земаат 600 евра плата за да можат да „преживеат“

ЛАЖНАТА НАДЕЖ Е КАКО ЖИВА ПЕСОК… КОЛКУ ПОВЕЌЕ СЕ ПОТПИРАШ НА НЕА,ТОЛКУ ПОВЕЌЕ ПРОПАЃАШ ВО НЕА ! Затоа, совет до браќата и сестри Македонци – не верувајте им на политичарите, не практикувајте да си давате лажна надеж! Барем не овде, не во нашата чудесна Македонија!

Автор: Безнадежен македонец

Порталот Поглед се оградува од ставовите на авторите. 

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*