Штипска маја за замајување

На членовите на Дипломатскиот клуб од Скопје (некаква невладина организација ќе да е) им текна да дадат еден паметен предлог- аеродромот „Александар Велики“ да се преименува на Киро Глигоров. Топ идеја и дадена баш на време. Доста го тупевме со покачувањето на цената на нафтата, со убиството на Мартин Јошев и со разноразни други тотално неважни теми за општеството. Покрај предлогот на Дипломатскиот клуб се појавија и редовните досетки за тоа како треба да се вика скопскиот аеродром. На мене лично најмногу ми се допадна онаа на урбаната легенда Булеварко, кој напиша дека на аеродромот најмногу ќе му одговара името „Неповрат“.

Пошо сеа стана актуелна темата за предлогот за покачувањето на буџетот за патни трошоци на пратениците, не е лошо да се активира муабет или да се даде некоја веома врло паметна идеја и за еден друг штипјанец. Кај него приказната барем е јасна. Работел за Бугарите и во едно интервју неколку месеци пред да почине кажал дека Македонците се Бугари. Сеа да има некој паметен и да предложи армискиот полигон Криволак да се преименува во Центар за воена обука „Иван Михајлов“, ќе настане лудило. Тука има муабет за 2 недели во перспектива. Ќе се јават дежурните патриоти од миленковата раса, ќе се јават и „борците“ за правда и мир од другата страна на фронтовата линија. На никој нема да му текне да се запраша: „Абе овие нели немаше да бидат како Силванева Бонева???“. Не беше многу одамна кога еден „влијателен“ твитерџија бомбардираше со досетки за дотичната пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Сеа истиот тој твитерџија и не е толку гласен, пошо е згрижен, а во Македонија маките траат се додека не те згрижат некаде па макар и да е со договор на дело.

Тука е моментот да потсетам дека ќе се набавуваат и нови возила за потребите на Собранието. Не верувам дека ќе бидат со бугарски таблички, бидејќи бугарските таблички се наменети за тие кои фатиле или сакаат да фатат „фитиљ“ од државата. Пратениците се на друго ниво, тие сакаат да фатат магла само тогаш кога ќе осетат дека некој може да им побара сметка за постапките. За несработеното и за потрошеното.

Толку за денеска драги мои, а ако се чудите со какви коли ќе се подновува возниот парк на парламентот, верувајте дека автомобилите нема да бидат ништо поевтино од мерцедес или ауди. Се работи за ниво, што за жал ако не го имаш по ген, колку и да се мачиш не можеш да си го купиш со пари, па макар и некој друг да ти ја плаќа сметката и курназлкот.

Пишува: Батко Тане

 

 

Еден коментар

  1. Dobra paralela so Krivolak.

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*