Ѓорчев: Дали Анѓушев влезе во политиката за преку тендери и државни привилегии да си ги исплати долговите?

Кочо Анѓушев да не се крие зад партиските соопштенија на СДСМ и да одговори дали тој имал долгови во висина од 26 милиони евра, пред да стане вицепремиер и дали е влезен во политиката со цел исплата на тие долгови, преку тендери и државни привилегии, порачува Владимир Ѓорчев, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

-Дали човекот кој што СДСМ ни го презентираше како успешен бизнисмен има милионски долгови и преку кредити преживува во бизнисот? Дали станува збор всушност за не толку успешен бизнисмен, туку за човек кој што единствено го води бизнисот преку кредити и задолжувања? Го пресликува ли Кочо Анѓушев начинот на работа со своите фирми и при државното работење, преку државата која секојдневно се задолжува? Економскиот рецепт на Кочо Анѓушев донесе долгови за целата држава преку работата на Владата во која што Кочо Анѓушев е втор човек, односно вицепремиер. Секое семејство само од почетокот на оваа година, само од 1-ви јануари 2018 година е задолжено за нови 1.200 евра. 1.200 евра нови долгови само од Нова година до сега. Безидејноста и неспособноста да се управува со економијата е евидентна. Анѓушев или нема волја, или едноставно не знае да ја води економијата. Оваа негова влада има 0% раст на БДП во 2017 година, има пад на градежништвото за запрепастувачки 20%, а зголемувањето на цените е секојдневен доказ дека Анѓушев едноставно не се разбира од економија, истакнува Ѓорчев.

Тој прашува дали Анѓушев ја гледа економијата на државата само за средство за бизнис заработка и личен профит?

-Имено веднаш по стапувањето на функцијата вицепремиер, фирмата на Кочо Анѓушев почна да добива тендери од државата, а владата ослободи од царински давачки увоз на јонско литиумски акумулатори, кои единствено ги користи фирмата на Кочо Анѓушев во Македонија. Значи владата на Кочо Анѓушев ги намалува царините и давачките за фирмите на Кочо Анѓушев. Дали ова е случајно или не? Во моментите кога Анѓушев почна да лицитира со имиња за Република Македонија, Горна, Долна, Северна, Источна, Западна или слично, како можно решение на спорот кој Грција го има со Република Македонија, уследи информацијата дека токму неговата фирма за трговија со струја е можно да биде продадена на грчкото електростопанство. Анѓушев исто така како и неговиот шеф Зоран Заев нема капацитет да ја води економијата. Резултатите покажуваат дека Анѓушев и Заев во изминатиот период од 10 месеци покажаа дека не знаат да ја водат државата. Економијата тоне, а граѓаните се повеќе и повеќе се соочуваат со немаштија, со оваа економија која што тоне. Државата оди надолу. Економијата евидентно и секојдневно оди надолу. Цените одат нагоре. Оваа безидејна и неспособна власт едноставно треба да си замине. Граѓаните заслужуваат подобро. Граѓаните го заслужуваат она што им беше ветено. Граѓаните очекуваат да се исполни она што безброј пати беше кажано од Заев, Анѓушев и останатите. Се случува токму спротивното, порача Ѓорчев.

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*