Ја заборавивте Народна заради забавниот Амди кој мафташе со морковот

Денешново ја прелеа чашата! Штотуку се вратив дома, седнав на компјутер, и оп, читам извршната власт на Република Македонија добива кадар кој што ќе добие одговорни позиции, а преку нели неговото „знаење“ и „капацитет“ ќе придонесе за развој на оваа наша мила и напатена татковина. Станува збор ниту помалку, ниту повеќе за лицето кое мафташе со морков во рака на митинзи и до пред само 12 месеци го поддржуваше Никола Груевски и седеше во скутот на ВМРО-ДПМНЕ.

Како член на ВМРО НП кои активно се бореше за борба против власта на Никола Груевски, почнувајќи од 2008, па се до неговиот пад,читајќи ја денешната одлука за вклучување на Амди Бајрам на одговорни позиции во државата, не можев а да не се навратам назад, на сите активности кои беа преземени првенствено од нашиот претседател Љубчо Георгиевски, а потоа и од самите членови и симпатизери на таа партија кои важат за „стари вмровци,“ а кои во 11 годишното владеење на Груевски беа најидеолошките критичари на неговото владеење, како и учесници во процесот на негово рушење од власт.

Имено, за да потсетам дека ВМРО НП е конструктивна опозиција уште во 2010 година, ќе цитирам дел од реакциите и соопштенијата на партијата од тоа време: 

–  Премиерот Никола Груевски, со последниот настап, уште еднаш, по којзнае кој пат, покажа и докажа дека не живее во реалноста, повторно ја лажеше македонска јавност и ја продолжи политиката на популизам и лажни ветувања.

– Затоа му порачуваме, час поскоро да распише избори и да даде отчет пред гласачите, па ќе види дека народот мисли поинаку од него и од неговите експертите, тендерџии и фамилјарци, во спротивно ќе остане сам, како и на прес – конференцијата.

Овие реченици доволно укажуваат на тоа каков став имаше ВМРО НП по однос на владеењето на Никола Груевски, а подоцнежното коалциирање со СДСМ во 2013 и давање поддршка на тогашниот лидер на СДСМ Бранко Црвенковски ја покажа одлучноста на нашиот лидер за што побрзо да се симне Груевски од власт, а преку тоа да придонесеме ВМРО-ДПМНЕ да се ослободи од стегите на груевизмот, но и конечно, да се случат промени кои ќе донесат развој за европски просперитет на Република Македонија. Нашата поддршка на тогашната опозиција и покрај многуте понуди од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, ја дадовме и во 2014 каде што самостојно излеговме на избори, а нашето учество на истите, како и нашата кампања, беше насочена токму против тогашната извршна власт, а со цел нејзино конечно ослабнување.

 

На тој пат продолживме и во 2016 година каде што нашиот лидер ја предводеше коалицијата „ВМРО за Македонија“ во која беа партијата Обединети за Македонија на Љубе Бошковски и партијата Достоинство чиј предводник беше Стојанче Ангелов. На локалните избори во 2017 година ние членовите и симпатизерите на ВМРО НП дадовме максимална поддршка во 90 % од општините на Република Македонија, на кандидатите на СДСМ и покрај тоа што нели овде немаше некаков посебен политички договор, со што ставивме печат на тоа дека ние сме овде да дадеме наша безрезервна поддршка за целосно демонтирање на груевизмот во ВМРО-ДПМНЕ и во Македонија, а преку неговиот пад и целосните промени да придонесеме за една поинаква Македонија во која ќе предничи квалитетот, но и ќе се цени трудот на сите граѓани, без разлика на нивната верска, национална или политичка припадност.

 

Оттука, сакам да потенцирам дека нашите заложби беа за меѓусебно зближивуање и почитување, меѓутоа не на начин на кој што ние ќе бидеме отфрлени на страна, а ликови како Амди и компанија ќе бидат вклучени во процесот на реформи кој беше долго најавуван од владејачката партија СДСМ.

Затоа, господине Премиер, размислете добро што правите. Процесот на реформи мора да биде направен со луѓе кои имаат искуство во минатото, со луѓе кои од 98-2002  година покажааа дека знаат како се води една држава, луѓе кои сакаат Европска Македонија, луѓе борци кои не потклекнаа на режимот на Груевски, дури и кога им беше најтешко! Не смеете да дозволите луѓе како Амди или Џезаир Шакири алијас командант Хоџа да бидат на одговорни позиции, додека луѓето кои се бореа против Груевски, а имаат капацитет и структура која може да придонесе за процесот на реформи, да бидат отфрлени на страна, бидејќи некој од вашата политичка партија ве советува дека тие не заслужуваат да бидат вклучени во тој процес. Покажете доблест кон членовите на ВМРО НП кои рамо до рамо со Вас се бореа за пад на Груевски. Колку ова побрзо го разберете како добронамерен совет, толку подобро ќе биде и за вас. Бидејќи утре, утре ќе дојдат и нови избори, а ние вистинските вмровци дури тогаш можеме да го покажеме нашиот вистински капацитет, ами и гнев…

Испратено до редакцијата на Поглед.мк од членови и симпатизери на ВМРО Народна Партија

 

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*