100 ДЕНА БЛАДА

Пишува: Тања Каракамишева Јовановска

 

Поминаа 100 дена како Заев блада за некакво враќање на парите кон граѓаните, за некакви функционални институции, враќање на правната држава, економски развој на државата!?

Наместо враќање на парите, на граѓаните за само 100 дена им се одземаа 170 милиони евра од девизните резерви на земјата, и уште нови 170 милиони евра во форма на кредити. 340 милиони евра за само 100 дена. Рекордни 3.4 милиони евра дневно потрошени пари од „реформската Влада“ без никаков отчет и одговорност плус оние што редовно ги трошат, а кои се проектирани во редовниот државен буџет. Наместо враќање на правната држава, граѓаните добија правен хаос и правна лакрдија во државата. Илјадници незаконски разрешувања на членови на управни и надзорни одбори, разрешувања на директори на јавни претпријатија спротивно на постапката утврдена во законите, илјадници деградирани вработени во јавната администрација, симнати на работни позиции неколку скалила подолу спротивно на Законот за административни службеници, нови вработувања без соодветни квалификации, со фалсификат дипломи и уверенија, деградирани судии на кои им се симнува имунитетот за искажан личен став и мислење и за професионално донесени одлуки што согласно Устав е недозволиво и неприфатливо.

Враќање на правна држава со делување на СЈО како партиски огранок на СДС. Враќање на правна држава каде ни Устав се ферма, ни закон се тркала. Враќање на правна држава каде предлог-закон за употреба на јазици што нема никаква врска со ниту еден европски акт се става на „брза лента“ за негово донесување спротивно на Устав и спротивно на собраниски Деловник. Враќање на правна држава каде судството е во паника и страв од странични и директни притисоци и закани од власта, каде претседател на Совет на јавни обвинители дава оставка токму од истите закани и притисоци само што е исплашен да каже дека е така. Враќање на правна држава каде закани, уцени, притисоци вриштат од сите страни, каде шизофренијата и лудилото започнуваат од главната госпоѓа во Владата, а завршуваат со конкретни стапови и секојдневен мобинг на работните места. Враќање на правна држава каде во каубојски стил се убива сред бел ден и инстантно се заташкуваат случаи небаре се работи за смрт на црв, а не на луѓе, се молчи за смрт на деца без никаков срам и грам одговорност, се избира на дивјачки и примитивен начин претседател на Собрание и никому ништо, се гази по темелните вредности на уставниот поредок како врз грозје во буре и повторно никому ништо. Важно Заев блада за правна држава и за владеење на правото!

Заев блада како Македонија била едно општество за сите во кое Уставот и законите важеле и се применувале за сите на еднаков и недискриминаторски начин, како воопшто и да не се случила онаа чалам изјава од неговиот пратеник дека партиската книшка на СДС ќе била втора лична карта во земјата од која ќе се црпеле привилегии и корист!?

Поминаа 100 дена како Заев блада дека ги затоплил односите со соседите, го надминал спорот со Бугарија, само што не го решил проблемот за името со Грција!? Блада како во Македонија нема да се бркале странските инвеститори, и како секој бизнисмен ќе добие еднаква можност на конкурентскиот пазар!? Блада дека пензионерите само што не го добиле ветеното покачување на пензиите, а ранливите категории граѓани минималната плата од 12.000 денари!? Блада како Македонија е ставена на „брза лента“ за членство во НАТО и ЕУ, само што се чека на Нимиц да понуди решенија за името на државата!?

Блада дека во Македонија секој ќе остане на своето работно место согласно професионалните квалификации и системот на заслуги!? Веројатно „шарените“ се најголемите професионалци во државата за работните места во Владата. Блада како државата нема прекумерно да се задолжува, како ќе имаме раст на индустриското производство, како ќе има нови инвестиции, нови автопатишта, нови капитални инвестиции!? Блада како во образованието ќе се менуваат закони преку отворени, демек ширум отворени дебати за укинатите Кембриџ програми!? Блада како во Македонија нема да сме примиле мигранти!? Блада дека, всушност, нема Стратегија за мигранти 2017-2027, и нема никакви акциски планови за нивно населување во земјата. Демек општините си бладале со референдумите, а Заев прави се референдуми да нема!? Од многу бладење и стравот е голем, а?

Блада како на државата и е неопходен Договорот со Бугарија, промена на македонскиот идентитет, заедничка историја со Бугарите, промена на учебниците за децата!? Блада како Македонија ќе ги започне преговорите за членство во ЕУ, а од таму ни сигнал, ни абер!? Блада за некакви реформи во правосудниот систем, блада за некакво заокружување на легислативниот дел од Рамковниот договор!? Блада за легитимни институции, блада за одговорни институции и државни органи!? Блада за отворена Влада и дијалог со опозицијата и со граѓаните!? Блада за спречување секаква форма конфликт на интереси, а секојдневно на терен се случува крш од судири на интереси. Кршот нема кој да го регулира!

Блада за просперитет и развој во услови на драстично намалување на индустриското производство и на ниту еден сработен проект со економски предзнак. Блада за некакви подобри услови на живот за младите, без ниту еден проект во таа насока.

100 дена нова Влада, 100 дена само бладање!

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*