2 совети за „преживување“ кои секој македонец треба да ги знае

Го слушам премиерот како дава изјава за ангажирањето на Џезаир Фекали алијас Командант Хоџа како соработник на Владата во борбата против радикализмот. Слушам, гледам и не ми се верува. Командантов според премиерот, имал прекрасно искуство кое може да им послужи на Владата доколку се појават екстремистички групи а првиот човек на владата вели дека овој Хоџа има искуство и познавање со луѓе кое може и те како да и помогне на Република Македонија и на владата, а преку неговиот ангажман чесно да заработи за леб на своето семејство.

 

Да не беше трагично, ќе беше смешно!

 

Човекот кој во 2001 година учествувал во воениот конфликт против македонската држава, во која загинаа припадници на македонските вооружени сили денеска ќе работи во Владата на државата која беше нападната од неговата единица, а истиот ќе ја извршува функцијата – соработник за анти-радикализам! Се јави и командантот Хоџа. И тој е на иста линија со премиерот – ќе работи во Влада, за да може да преживее. Бре, мајката. Па колку ли искуство треба да се има за да може туку така да те пикнат у Влада, за да придонесеш за безбедноста и мирот како и градењето на едно општество за сите а притоа да немаш никакво друго искуство, туку само она од 2001 кога си бил командант на единица против воените сили кои ја бранеле државата, во чија Влада сега ти ќе бидеш соработник за безбедноста на истата. Мислам, дали си верувате во ова што го зборите?

 

ПУКАЈ ПРОТИВ ДРЖАВАТА, ЗА ДА ДОБИЕШ ФУНКЦИЈА!

 

Г. Премиер! Бидејќи искрено верува(м)в во промените кои ги најавивте, кога велевте – живот за сите, поголеми плати, подобро здравство, поквалитетно образование, пониски трошоци за граѓаните, не мислев дека истите ќе дојдат со назначување на поранешни команданти на ОНА или УЧК во Владата како соработници кои би можеле да помогнат во борбата против радикализмот! Пази, Хоџа ќе помага во борбата против екстремистите! Го споменувате зборот – чесна работење за да заработи леб за себе и семејство, или од негова уста кажано – за да преживее! Па оттука би Ве прашал: Што е за Вас чесно? Чесно е командант на УЧК од 2001 да работи во Влада за да заработи леб за себе и своето семејство? Е сега, замислете. Да не испадне дека ги бранам Дурловски, Јовановски и другите кои намерно или ненамерно се ставија во функција и одработуваа за ВМРО-ДПМНЕ на 27 април, но ако тие се терористи, тогаш што е командант Хоџа?

 

И ако овој господин со 36. 000 плата ќе преживува, тогаш што ќе правиме ние обичните смртници со по 12. 000 денари или пак оние кои се невработени?

 

Едниот начин за да се преживее (живее) во оваа наша држава е овој, додека друг и тешко да постои, освен ако не има среќа некој да се вработи во приватна компанија каде што би заработувал сума на пари задоволителна за еден нормален живот. Другиот начин веројатно е да заминете во Софија каде што би покренале постапка за бугарско државјанство, каде што ќе морате да имате трпение година дена дури да заврши процедурата и потоа со европски пасош во рака да ја барате вашата среќа или начинот за “преживување“ надвор од татковината!

Пишува: Бранко Димитровски

 Порталот „Поглед.мк“ се оградува од изнесените ставови на авторот

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*