17.8 C
Skopje
Thursday, March 28, 2024

ИНТЕРВЈУ АДРИЈАНА ИЛИЕВСКА ВЕЛКОВСКИ, РАДИОЛОГ ВО ДЕЛЧЕВО: Нов клинички центар во Штип е од пресудно значење за пациентите од помалите градови во источна Македонија!

ПОГЛЕД: Доктор Адријана Илиевска Велковски, Вие сте дипломиран Специјалист по радиологија, од каде желбата за радиологијата?

– Желата за радиологијата некако постепено ми се наметна после 7 години работа како доктор во Итната Медицинска Помош , каде јасно и евидентно се потврди дека навременета и точна дијагностика е од пресудно значење за понатамошниот тек на лекување и успехот на истото, каде во многу случаи истата за жал беше непостоечка. Радиологијата е очите на медицината, медицинска гранка која во последната деценија се наметна како неопходна и најбитна гранка во дијагностиката и од круцијално значење е инвестирање и унапредување на истата.

ПОГЛЕД: Како изгледа една работна недела на Д-р Адријана Илиевска Велковски како радилог во помал град како Делчево?

– Веќе 3 години сум радиолог во ЈЗУ Гоце Делчев -Делчево каде работам на нативни графии, ехо на абдомен и кабинет за дојка.

Секојдневно сум сведок на двојно поголемите проблеми кои ги имаат пациентите од малите градови како Делчево, но и Берово, Пехчево, М. Каменица па дури и Виница, кои имаат се помал пристап до услугите од јавното здравство.
Термини за различни дијагностички процедури (ехо, КТ, МР, мамографија, Пет скен, гастроскопија, колоноскопија) е скоро невозможно да се најдат. Доцниме со дијагностиката, а со тоа и со лекувањето.

Потребата од нов Клинички Центар во Штип (кој би ги опфатил градовите од истокот) како и комплетно реновирање и екипирање на Општата Болница во Кочани и инвестирање во здравствените домови во малите градови, е од пресудно значење за пациентите. Скопските клиники се преоптерени и не се во можност да одговорат на потребите на пациентите од заборавениот исток.
Работиме со најранливите категории, со повозрасно население чии фамилии се во странство, со заборавените од државата, со пациенти кои немаат врски во Скопје,со пациенти кои немаат доволно финансиски средства да се лекуваат во приватното здравство, со пациенти кои чекаат со месеци слободен термин, пациенти кои немаат превоз до Скопје и истите оправдано се чувствуваат маргинализирани и изневерени од системот.

ПОГЛЕД: Доколку би можеле да наведете неколку позитивни работи, а неколку негативни работи во однос на функционирањето на здравствениот систем воопшто од гледиште на медицинскиот персонал?

– За жал како дел од здравствениот систем веќе 14 години, се помалку наоѓам позитивни работи.
Потребата од доктори специјалисти и доктори во Итна Меицинска Помош, потребата од нова и современа апаратура како и редовно сервисирање и одржување на веќе постоечката, немање на обвластени сервисери, како и немањето на постојани обуки на медицинскиот персонал е алармантна. Да не ја заборавам и потребата од универзален колективен договор и унифицирана плата.

Моменталната ситуација во здравството е алармантно лоша. Сведоци сме на гротесни скандали како онкологија, модуларната болница во Тетово и мн други, кои неповратно го оцрнија и извалкаа белиот мантил.
Скептицизмот и недовербата во очите на пациентите се сосема оправдани, ние повеќе не сме ниту херои ниту спасители, дигнитетот на професијата доктор е уништен.
Ќе зборувам од срце, згрозена сум од апатијата, негрижата и неспособноста на круцијалните фигури во здравствениот систем, кои не изневерија нас медицинскиот персонал а најмногу пациентите. Јас како поединец, исто како и многу мои колеги доктори, технолози,медицински сестри се трудаме да го дадеме максимумот од себе, нашето време и знаење, но тоа не е доволно, мора овој систем да се реновира и промени од корен, да биде во служба на и за пациентите, а да овозможи услови за квалитетна и непречена работа на белите мантили.

ПОГЛЕД: Каков совет би им дале на идните доктори на медицина?

Би сакала моите идни колеги да бидат дел од јавното здравство. Ни требаат доктори, ни требаат ентузијасти, ни треба нивното знаење и желба да ги променат работите на подобро.

Искрено, ќе се судрат со нефункционален здравствен систем кој ги изневери и пациентите и медицинскиот персонал, ке се соочат со оправданото незадоволство и недоверба на пациентите, секојдневно ќе се борат со мислите да заминат или во приватно здравство или во странство. Но хуманоста и емпатијата, кои се пресудни за оваа професија се нераскинлив мотив да се остане, да се помага, јавно да се зборува и критикува. Ние сме гласот на пациентите и во овие тешки времиња треба да бидеме најгласни и најтранспарентни.

поврзани објави

- Advertisement -
- Advertisement -

Последни објави

- Advertisement -