Генчов: Фамозната евроатланска агенда не смееше да биде дел од процесот на договорот за името и идентитетот

Еден од попознатите политички аналитичари Александар Генчов во изјава за порталот Поглед во однос на актуелната ситуација, по исходот на референдумот вели дека тој во повеќе наврати предупредувал дека е огромен ризикот на процесот на договорот за името и идентитетот да му се придодаде евроатланската агенда на Македонија.

– Ни оддалеку не сакајќи да се навраќаме на анализи во стилот НА ОВА ПРЕДУПРЕДУВАВ но навистина не можам да не кажам дека за истиов овој портал и за некои други предупредив дека е огромен ризик на процесот на договорот за името и идентитетот (да, да и за идентитетот) да му се придодаде евроатланската агенда на нашата земја.

Не треба никој да ме потсетува на мантрата од типот дека се тоа условите кои што ги налага ЕУ и НАТО што го знам добро но стојам на ставот дека таа евроатланска интеграција (со сиот релативитет на таа кованица) не требаше да се закачи и да биде заложник на овој децениски спор, додава тој.

Спорот како што вели Генчов е едно, а тоа е длабок антрополошки, национален, етнички, историски, води длабоко во процесот на создавање и одржување на нациите и не смееше да стане дел од таа фамозна евроатланска агенда која што веќе 30 години и кусур ја мантраме а не влегуваме таму. Кажав и ќе повторам: Народот е поделен како линија македонци – албанци, а да не зборуваме за внатремакедонскиот конфликт кој е страотен.

Александар Генчов за Поглед.мк

Башка, капак на сето тоа е што имаме ситуација која што ја нагласувам на постојано албанско обединување и македонски страотен расцеп, вели Генчов и притоа додава:

– Трендот на граница од инат по таа линија продолжува и ако не се запре неизбежни ќе бидат етнички линии кои неизбежно ќе водат до поголема сегрегација на општеството.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*