Голак чека рестарвација и враќање на нејзиниот сјај повеќе од 15 години, ќе остане ли планинската убавица изолирано место со тажна глетка?

Повеќе од 15 години планинската убавица на Делчево – Голак, која се протега помеѓу Делчевска Котлина и Разловечка Клисура на исток, Калиманско Поле и Кочанска Котлина на запад и долината на Осојница на југ, чека на рестарвација и враќање на изгубениот сјај од страна на институциите, државните, но и локалните органи.

Уште една зима е на прагот, а Голак и овој пат ќе остане веројатно атрактивно место но само за локалното население. И покрај тоа што и претходните, но и сегашните власти ветуваа дека Голак ќе стане повторно туристичка атракција, мувлата, прокиснатите тавани, искршените прозорци во руинираното детско одмаралиште е се уште тажната глетка која ќе ја видите доколку ја посетите планината. Единствената светла точка кон решавање на еден од многуте проблеми со кои се соочува планината беше реконструкцијата на регионалниот пат од Делчево до планината Голак. Комплетно беше завршено асфалтирањето на патот во должина од 12 километри и беа поставени заштитни огради со што се заокружи комплетно целата реконструкција.

Руинираното детско одмаралиште на Голак

Но и покрај овој мал напредок кон решавање на проблемите кои и натежнале на планината, сепак делчевскатта убавица се уште чека на инвеститорите, но и на поголема ангажираност од страна на надлежните органи кои имаат обврски да придонесат за развој на туризмот во градот.

Ветувања за нов ски центар имаа повеќе функционери, а во изјава за нашиот портал од 4 април 2018 година, делчевскиот градоначалник Горан Трајковски рече дека општината има изготвено Детален урбанистички план уште во 2005 година, притоа нагласувајќи дека Општина Делчево и МЕПСО имаат Меморандум за соработка за изградба на ски центар, без притоа да прецизира и информира дали и кога би се продолжил проектот за изградба на ски-центар на Голак. Зошто и покрај овој Меморандум за соработка за реализација на еден ваков проект нема конкретни резултати, засега не успеавме да добиеме одговор.

Претходно пак, во март 2016 година од страна на екс премиерот Никола Груевски беше најавено дека МЕПСО по инструкции од владата ќе инвестира околу 3,5 милиони евра во скијачки центар и жичара на Голак. Ако се земат во предвид изјавите на надлежните, тоа значи дека Голак околу 15 години и покрај изготвен детален урбанистички план со кој било предвидено да има околу 60 најразлични објекти, хотели и кампинг-простори, се уште чека на нивна реализација, а повеќе од речиси 3 години нема ништо од најавениот ски центар и покрај тоа што според информациите пласирани во медиумите, проектантското биро имаше  рок од 12 месеци да ја подготви потребната проектна документацијана за локацијата, а после тоа требше да се донесе одлука на кој начин ќе се изгради самиот ски – центар.

За дел од овие прашања се обративме до Општина Делчево, од каде што велат дека планината Голак е предмет на интерес на доста инвеститори од земјата и странство.

Бизнисмени од Шведска, Словенија, од Бугарија, како и од цела Македонија, но и од Делчево, ги разгледуваа условите на Голак, се интересираа за детското одморалиште, можностите да се изгради ски-центар и други форми за развој на туризмот, како и изградба на адреналинска патека на Голак. Очекуваме повратни информации од првичните разговори со потенцијалните инвеститори, се вели во одговорот од Општината.

Во однос на ДУП од 2005 година, од таму додаваат дека се предвидени да се изградат околу 60 објекти. Околу 20 од овие локации вклучувајќи ја и локацијата за хотел се отуѓени и општината очекува овие објекти да се изградат.

Од неодамна на Општината ѝ е отстапено руинираното детсткото одмаралиште за кое сега се бара јавен- приватен партнер.

Ние како Општина, остануваме посветени на развојот на туризмот на Голак и, во таа смисла, ќе ги користиме сите повици од донатори, но и од државните органи, за реализација на инфраструктурни проекти на Голак, но и за внесување нови содржини кои ќе ги донесат туристите на оваа наша планинска убавица, велат од локалната самоуправа за „Поглед“.

Дали овие ветувања и заложби ќе придонесат Голак да прерасне во вистинска планинска убавица на која ќе се врати детскиот џагор и смеа, или пак, планината ќе остане изолирано место со тажна глетка на мувла, искршени прозорци и руинирано детско одмаралиште, ќе покаже времето пред нас.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*