Интервју Самоил Малчески: – 2019 е година на нова политичка реалност

ПОГЛЕД: Г-дин Малчески. Вие сте дел од Форумот на слободумни патриоти, потоа ги поддржавте реформите во ВМРО-ДПМНЕ, за како што велевте, враќање на партијата на победничките патеки. Сметавте дека раководството на Груевски треба да замине во историјата бидејќи ја води партијата сосема погрешно и идеолошки, но и политички. Од денешна перспектива – колку ВМРО-ДПМНЕ расчисти со Груевски или таканаречниот Груевизам во ВМРО-ДПМНЕ?

Процесот е почнат и нема враќање назад. Мене ме радува тоа што некои личности кои и идеолошки и политички и нанесоа многу штета не ВМРО ДПМНЕ, криејќи се зад неа и правејќи зулуми во име на партијата, си го покажаа вистинското лице и сами се елиминираа. Нивниот клиентелизам, полтронство и сервилност кон новата владеачка врхушка, беа иницијална каписла за процесите кои се случуваат во партијата. Во овој момент рано е сеуште да се дава било каква проценка, но мое мнение е дека процесот ќе кулминира оној момент кога ќе го имаме новиот партиски Статут и ќе се релизира генерален реизбор на сите партиски тела.

ПОГЛЕД: На онаа популарна прес-конференција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на која беше соопштено дека партијата одржала „историска седница“ и дека ВМРО-ДПМНЕ расчистува со хипотеките од минатото, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски рече дека после долги години молчење во партијата се отворила силна внатрепартиска дебата за тоа што се случувало во партијата во изминатиот период. Значи ли тоа дека во времето на Никола Груевски никој немаше храброст да крене глас за тоа што се случува во ВМРО-ДПМНЕ?

Видете, и во тоа време имаше луѓе кои јавно, јасно и гласно зборуваа за состојбите во ВМРО ДПМНЕ, впрочем и јас бев еден од нив. Проблем претставуваше најблискиот круг на соработници на Никола Груевски, истите оние кои денес ги гледаме по ручеци, кафиња и состаноци со новата владеачка врхушка. Истите тие луѓе имаа формирано концентрични кругови на горди послушници (барем јас така ги нарекувам) околу Никола Груевски, кругови исполнети со лаги, манипулации, клевети итн. На тој начин ја гушеа секоја добра идеја и систематски ги ништеа сите чесни и искрени вмровци.
Тука сакам јасно да напоменам дека воопшто немам за цел да го изземам од одговорност Груевски, впрочем тој сам си избра да соработува со нив и уште полошо избра да им верува ним. На крајот, дали тоа биле негови добри или лоши одлуки, тој тоа најдобро си го почувствува на својата кожа. Јас со сигурност можам да кажам дека изборот на тие луѓе беше погрешен и тие луѓе и нанесоа голема штета на Република Македонија.

ПОГЛЕД: Екс премиерот Никола Груевски е во бегство односно се наоѓа во Будимпешта. Како го коментирате неговото бегство, каде ја лоцирате вината за истото и дали мислите дека можеби зад сето ова стои договор?

Јас лично не се согласувам со неговата постапка, сметам дека истата е неморална и неетичка. Но, тука има три моменти на кои треба да се обрне внимание. Прво, за него лично таа негова постапка беше најдоброто нешто што можеше во тој момент да го направи. Второ, што се однесува до ВМРО ДПМНЕ може да се каже дека ја ослободи партијата од хипотеките кои ги има и и остави чист пат. Трето, во однос на Република Македонија со сигурност можам да кажам дека сето тоа што го зборував изминатиот период се покажа како точно, институциите потфрлија, одговорност за бегството на Груевски е кај нив и во власта. Според мене, уште пострашно е тоа што оние политичари кои што зборуваа за одговорност кога беа во опозиција, сега со леснотија кажуваат дека не чувствуваат никаква одговорност, како ништо да не се случило. Оттука и шпекулациите во јавноста дека тандемот Заев-Спасовски намерно го пуштил Груевски да избега. Се ќе беше поинаку доколку истите тие не се кријат зад институциите и истрагата се водеше и се води транспарентно.

ПОГЛЕД: Господине Малчески. Вие отворено зборувавте, се залагавте за бојкот на референдумот и тој ваш став го искажувавте и јавно на социјалните мрежи, но и на емисии и дебати каде што бевте гостин. Вие сте долги години во политиката, имате искуство, ги следите процесите. Оттука, би сакал да Ве прашам, сметате ли дека е можен подобар договор за Македонија од овој и дали мислите дека цел свет поддржува погрешен договор, вклучително и нашиот стратешки партнер САД, ЕУ, НАТО и сите оние кои го поддржа овој договор? Кој е оној кој верува дека во иднина би можело да дојде до подобар договор ако знаеме дека во Грција имаме опозиција која има уште поцврсти ставови по однос на прашањето за спорот за името и од самиот Ципрас?

Едно нешто треба на сите да им е јасно. Со овој т.н. договор на Република Македонија и се нанесе голема штета и ќе треба многу години да поминат за да може истата да се поправи. За жал, ние имаме политичари кои јавно протажираат виткање на кичма и сервилност. И тука се разликуваме, многу. Јас никогаш, по никоја цена не би отстапил од моите ставови. Моето политичко делување од првиот момент се темели на конзистентност на ставови, изградени врз основа на сериозни анализи и добивање на мислење од релевантни експерти.
Со таков пристап во старт можеше многу повеќе да се добие, но со виткање кичма и со сервилност, според мене, го допревме дното, понижени на сите страни.
Што се однесува до нашите стратешки партнери, мое мислење е дека тие воопшто немаат вина во целиот овој процес. Вина имаат оние со свитканите кичми, кои ветувале нешто што не може да го реализираат, само за да се дограбат до власт. Па оттука, со лаги и измами водат процес спротивен на слободарскиот дух на ЕУ, спротивен на Уставот и позитивните законски прописи во Република Македонија, како и спротивен на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија. Притоа не бираат средства, па ги силуваат институциите, од Парламентот направија сточен пазар, си поигруваат со човечки судбини, амнестираат по сопствена желба и што уште не, само за да опстојат на политичката сцена. Но, за една работа мора да се свесни, нивното време е одбројано, сите видовме колку се неспособни и уште повеќе, сите видовме дека од првиот ден го прават она против што наводно се бореа, па дури може и полошо од тоа.
Притоа, тука сакам да напоменам дека Република Македонија нема друга алтернатива освен нашето членство во НАТО и ЕУ, но не вака понижени и посрамотени.

ПОГЛЕД: Заменик државниот секретар на САД кој беше во посета на Македонија, изрази надеж дека што поголем број на пратеници, без разлика на нивната партиска припадност, ќе го поддржат договорот. Тоа е една од многуте во низа пораки кои САД ги испраќа во однос на договорот. Како, во една ваква ситуација ВМРО-ДПМНЕ би требало да се однесува во иднина?

ВМРО ДПМНЕ има два избори. Едниот е да тргне спротивно на волјата на членството и поддржувачите, како и спротивно на волјата на мнозинството граѓани на Република Македонија, другиот е да ги залади односите со нашите стратешки партнери. Според мене, ако партијата ја изгуби поддршката во базата, тогаш и нема причини за нејзино постоење. За односите со нашите стратешки партнери секогаш има простор да се подобрат и унапредат и тоа се случувало во минатото. Па во не така далечното минато, во периодот од 2001 до 2005 година ние имавме скоро иста ваква ситуација, па во 2006 година ВМРО ДПМНЕ се врати на власт.
Мое мислење е дека нашите пријатели веќе сфатија дека оваа неспособна владеачка структура нема капацитет да го испорача тоа што го ветува, а ветувале многу. Оттука, очекувам во блиска иднина да ја изгубат поддршката и во Македонија да почне да се зборува за нова политичка реалност.

ПОГЛЕД: Кога последен пат сте биле во Делчево, Берово, Каменица, Пробиштип, Пехчево, Виница, или било кој друг град од источна Македонија, каде што мнозинството се македонци. Знаете ли дека таму светлото од секоја втора или трета куќа е исклучено, бидејќи луѓето ги напуштиле своите домови, но не со македонски пасош, туку со бугарски пасош. За само шест години односно од 2012 година до денес, близу 40 илјади македонци зеле бугарски пасош. Дали Вие мислите дека тие луѓе, меѓу кои има и цели семејства е подобро да бидат малограѓани од Македонија, со бугарски пасош и себеси по своја волја декларирани како Бугари во Софија, сиромашни, исплашени луѓе кои ќе живеат во беда и сиромаштија или пак е подобро да бидат граѓани на држава Република Северна Македонија интегрирана во ЕУ и НАТО?

Во последниве неколку години многу често патувам низ Македонија и секогаш кога поминувам во тој крај, срцето ме боли од тоа што го гледам и слушам. Едно на сите треба да им е јасно – тие луѓе ја напуштиле Македонија не заради тоа што ние не сме членки на ЕУ и НАТО, туку заради погрешните политики кои ги воделе претходните влади, особено од 2002 година до денес. Заради лагите и манипулациите, како и целосната негрижа за граѓаните, недомаќинското работење и неодговорноста.
Но, и после 15 јануари, датум на кој владеачката врхушка најавува дека на сила ќе го смени Уставот и ќе не прекрсти, нештата нема да се сменат. Можеби ќе добиеме покана за членство во НАТО, но уште долго време ќе чекаме за членство во ЕУ заради неисполнувањето на копенхашките критериуми и неспроведувањето на реформи. За жал, Република Македонија ќе продолжи да тапка во место, во овие 18 месеци не видовме ниту една реформа, а уште пострашно е што видовме дека се неспособни и некадарни да направат нешто корисно за граѓаните. Притоа чесно е да се напомене дека од ова што го зборувам има исклучоци, но неколку ластовици, две-три, не прават пролет.

ПОГЛЕД: Во 2015 година рековте дека мотивот да бидете во ВМРО-ДПМНЕ, која ја нема идеологијата како движечка сила за членството, е токму прашањето на самата идеологија т.е враќањето на идеологијата во ВМРО-ДПМНЕ и враќање на ВМРО-ДПМНЕ на основите за кои е формирана. Колку Мицкоски и неговите соработници ја враќаат партијата кон идеалите на ВМРО?

После се што му се случуваше на ВМРО ДПМНЕ, тој процес ќе биде многу тежок и ќе треба да помине многу време за да се залечат раните. Мене ме радува фактот што во сегашното раководство гледам многу луѓе со кои пораснав во УМС на ВМРО ДПМНЕ и со кои сум работел и соработувал во она време во кое чест беше да си вмровец, а не „вмровец“ заради некој интерес и вработување. Тоа е добар почеток на менување на работите, но сепак треба уште многу да се работи и сработи.

ПОГЛЕД: Се ближат претседателски избори, ќе дојдат настани на кои ќе треба да се донесат крупни одлуки. Ако се земе во предвид албанскиот политички фактор во Македонија, кој кандидат би можел да ги задоволи апетите не само на членовите на ВМРО-ДПМНЕ и македонците, туку и на оние десничари кои не се во ВМРО-ДПМНЕ но ете биле порано дел од таа партија или пак, се близу идеолошки до таа партија?

Во овој момент не би сакал да лицитирам со имиња. За Република Македонија и за демократските процеси во неа, битно е ВМРО ДПМНЕ да предложи истакнат интелектуалец за свој претседателски кандидат. Личност која ќе биде искра во ова црно време, искра која треба да ја врати надежта кај македонскиот народ!

ПОГЛЕД: Мицкоски истакна дека неговото идно делување ќе биде обединување. Дали тоа значи дека Љубчо Георгиевски како еден од основачите на партијата, но и нејзин прв претседател, би можеле да го видиме рамо до рамо со Христијан Мицкоски, Влатко Ѓорчев, но и сите оние кои некогаш беа дел од неговата Влада и од тоа ВМРО-ДПМНЕ кој тој го градеше?

Иако некои постапки на Георгиевски до ден денешен не ми се јасни и не можам да најдам логичен одговор за нив, сепак ниту јас, ниту кој и да било друг не би смеел да ја негира улогата на Георгиевски во основањето и етаблирањето на ВМРО ДПМНЕ на Македонската политичка сцена. Во вакво време окрупнување на десницата може да биде само од корист на Република Македонија. Доколку сакаме да ја победиме оваа неспособна владеачка врхушка, треба да прекинеме да лееме братска крв и да застанеме заедно, рамо до рамо. Но, имајќи ги во предвид поранешните искуства тој процес мора да се води многу внимателно.

ПОГЛЕД: Многу ветувања, малку остварувања. Тоа се вашите ставови кога ќе се спомне Владата на Заев. Каква порака ќе испратите до читателите на „Поглед“, за нивната сегашност, иднина, за политиките на Владата, за Република Македонија?

Овие денови работам на анализа на изборната програма „За живот“. Кога ќе се сумираат резултатите од досегашната анализа, може да се дојде до заклучок дека во 18 месеци откако се на власт, реализирале само три работи и тоа укинување на екстерното тестирање, укинување на радиодифузната такса и воведување на дневни ефтини тарифи за струја. Се друго се сведува на ЕПП (ефтина политичка пропаганда). За жал, по не знам кој пат се покажа дека млекото од државни јасли е послатко од принципите и борбата за поубава Македонија!
Моја омилена фоскула е „Главата горе“ и секогаш кога ми било тешко или сум се соочувал со голем предизвик, со тоа сум се мотивирал. Оттука, на читателите на „Поглед.мк“ сакам да им порачам дека еден ден Република Македонија ќе биде поубаво место за живеење, до тогаш „Главата горе“, не чекаат многу тешки битки, но нема предавање, нема откажување. Ќе успееме!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*