Минатото, иднината, патриотизмот и некои маски

АHistoria magistra vitae est.,(Историјата е учителка на животот!) Повеќедецениските историски фалсификати врз кои се воспитувани барем две поколенија во комбинација со великосрпската пропаганда, доведоа до етноцид врз македонските Славјани. Етноцидот како историски процес и феномен означува културолошки геноцид. Тоа значи оневозможување на културна репродукција на одреден културен колективитет. Го гледаме преку потиснувањето на македонската музика од медиумите за сметка на српскиот шунт, историски фалсификати, присуството на српски верски обичаи, на пример т.н. куќна панагија (крстна слава), вметнувањето на србизми, особено во младинскиот жаргон итн, итн… Тоа доведе до тоа прогласувањето на назависноста во ’91-та да биде сфатено како чиста формалност, козметичка корекција.

 

Впрочем цели десет години ни беа потребни за демаркација на границата со Србија, тогашна С.Р.Ј. Сето кажано важи во целост за т.н. ,,елити”, но и за значителен дел од јавното мнение. Нација која беше неопходно да биде изманипулирана со фамозното референдумско прашање од ’91, за да ја изгласа сопствената независност и да биде фатена за уво од Американците и сосила исфрлена од Југославија. Тоа е темелот на антиамериканизмот кај нас, доследна копија на политиката на Милошевиќ!

 

 

Т.н. македонски патриоти се единствените во светот кои се нарекуваат патриоти, а ја мразат независноста на сопствената земја. Тоа се српски радикали, со лажно македонско име и говорна деформација. Служејќи се со албанофобија и бугарофобија тие работат на предизвикување граѓанска војна во Македонија. Не успеаа во 91-ва нема да успеат ни сега, повторно ќе ги разочараат своите белградски и московски ментори. Да не заборавиме дека од шестте републички УДБ-и на С.Ф.Р.Ј., само македонската остана без благодетите на военото профитерство, благодарение пред се’ на С.А.Д. Тие .(бојкотирачите и на нив слични противници на Преспанскиот Договор) се пиромани, закана за националната безбедност, а не патриоти. Спорот со името и антиквизаторската политика се само уште една епизода од нивното полтронство кон безбедносните служби на оската Белград – Атина, која како стратешко партнерство е стара повеќе од 100 години. Тоа е единственото логично објаснение зошто Мицкоски и Мицотакис се против овој Договор истовремено. Се извинувам, кој беше едниот, а кој другиот? Јас не ги распознавам! Но, денес се одвиваат и некои други процеси.

 

И покрај масовното иселување, сепак и иселените млади луѓе, остануваат барем делумно во врска со родната земја, поради социјалните мрежи и средствата за масовна комуникација. Тоа води до пласирање на нови идеи и концептот за демократија и слобода на говорот и личноста, индивидуализмот како светоглед воопшто, новите знаења и технологии, кои овозможуваат независна индивидуална понуда на пазарот на трудот и економска независност. Тоа го разјадува споменатиот вертикално поставен хиерархиски систем со силна полициска поддршка и тоа многу побрзо отколку што навидум се чини. Новите генерации, воспитани во духот на индивидуалната иницијатива и лична одговорност, многу потешко би направиле такви тешки историски грешки како во минатото.

 

 

Младината се организира и самооорганизира преку цивилниот сектор, од кој стариот систем е наполно избезумен. Невладини организации, младински иницијативи, под покровителство на меѓународни организации поврзани со дипломатските претставништва на најразвиените демократски земји, овозможуваат, младите да добијат многу поквалитетно образование, кое ќе им гарантира дека самите ќе бидат креатори на сопствената судбина и тоа е светски тренд. Во такви околности, доаѓа до драстично намалување на суверенитетот на државите, при што на последните им останува само одбраната, полицијата и судството во целосна надлежност. Целата економска сфера пак е наполно либерализирана. Тоа влијае и врз меѓународните односи, каде што државите се доминантните, но не и единствените субјекти на меѓународното право. Невладини организации, големи меѓународни корпорации, па и влијателни поединци со голем капитал се се’ повлијателни на меѓународен план и таквиот тренд ќе продолжи и во иднината, бидејќи капиталот не познава граници.

 

Преку овие глобализациски процеси, се чини дека кејнзијанскиот сон и идеал станува јаве. А, веќе длабоко застарените државни структури на тоталитарниот Левијатан, кои се во завршна фаза на распаѓање, неизбежно се движат кон своето исчезнување, наоѓајќи се во свет кој не го разбираат и кој како да има имунолошки систем против нив, отфрлајќи ги како туѓо тело! Во нашиот случај пак, копирајќи го својот вечен идол Милошевиќ, тие направија и дополнителна геостратешка грешка, бркајќи со повеќе прсти во двете очи на најмоќната земја на светот, кон која и Сталин чувствувал восхит и стравопочит. И сето тоа поради погрешното воспитание на југословенската кинематографија со бизарни партизански филмови како ,,Одпишани”, ,,Битката на Неретва” и слични пропагандни апсурди, според кои ,,нашите” се секогаш со надчовечки способности, како русокосиот ѕвер на Фридрих Ниче. Епа сега Господ нека им е на помош!

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*