Министерот за правда на Косово во посета на САД

Косовскиот министер за правда Абељард Тахири денеска отпатува во официјална посета на САД, само ден откако Приштина првпат ја посети американскиот обвинител на Специјалниот суд за воени злосторства на Косово Џек Смит, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во соопштението на косовското Министерство за правда се вели дека Тахири во САД ќе се сретне со највисоките претставници на американскиот правен систем, како и со претставници на Стејт департментот. Освен тоа, тој ќе биде и еден од панелистите на конференцијата „Недела за правда и развој“, во организација на Светската Банка.

Смит, кој на функцијата главен обвинител на Специјалниот суд беше именуван во септември годинава, за време на еднодневниот престој во Приштина не се сретна со ниту еден косовски челник, освен со Тахири и со неколку други претставници на косовското Министерство за правда.

Во соопштението издадено по повод неговата посета се наведува дека Смит е обвинител со искуство во истражувањето на меѓународни криминали и дека неговата канцеларија во Приштина ќе се занимава со наводите од извештајот на Советот на Европа од 2011 година за можна трговија со човечки органи за време на војната во Косово во 1998-1999 година.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*