Ноле тепаше во полуфинале на Вимблдон: Македонија се тресе, статуси, еуфорија – гасете интернет

Денес по подолга пауза и апстиненција од врвни резултати во елитниот тенис, поранешниот светски рекет број 1, србинот Новак Џоковиќ, извојува победа на Вимблдон, против еден од своите најлути ривали, Шпанецот Рафа Надал. Секоја чест, браво за Новак. Светскиот тенис заслужува поголема конкуренција во недостаток на млади асови кои би им ги поматиле сметките на “вечните” Рафа Надал и Роже Федерер. Се разбира и Ноле веќе не е млад, но сепак, неговото враќање по повредите, ќе значи и поинтересни турнири во иднина.

Но, што е она што привлекува внимание кај нас кога е Ноле во прашање. Тоа е еуфоријата која се создава во Македонија. Како да е ноле од Гевгелија, Тетово или Скопје. Се постираат еуфорични статуси на социјалните мрежи, се скандира, се споделува. Ноле, Ноле, Ноле… Додуша, има и понекое “ВОЛЕ”, ама само понекое, секако, исвиркано и жигосано од мнозинството.

Немојте да ме сфатите погрешно, не сум јас против Ноле, против неговиот успех, против чувствата на неговите навивачи, не! Но се прашувам и сега како и порано. Чекајте братчиња, другари и другарки, браќа и сестри Македонци. Па имаме ние многу наши Нолиња, во лицето на каратисти, натпреварувачи во теквондо, автомобилизам… кои се враќаат со златни одличја од Европски и Светски шампионати. Нема никаква еуфорија, нема статуси, нема ништо.

Сега, ќе ми речат, ти си против србите, а тие ни се први комшии, наши браќа, зошто да не навиваме?! Но, не е така. Зошто не споделувате статуси на пример кога ќе победи исто толку добриот Бугарски тенисер Григор Димитров. Нели и Бугарите ни се први комшии Зошто не споделувате статуси кога ќе победи некој Грк, Албанец. Каде сте виделе вие статус да сподели србин кога победува нашата репрезентација. Видовте ли ваква еуфорија во Србија кога нашата кошаркарска репрезентација освои четврто место на шампионатот во Словенија? Не видовте. Напротив, на еден фудбалски натпревар во Србија видовме сплотени српски и грчки знамиња на кои пишува “Македонија е грчка”.

Секојдневно гледаме негирање на нашата држава, на нашата црква, на нашиот народ. Да, од србите. Токму денес Српсскиот патријарх Иринеј упати навреди од најдолен вид кон нашата Македонска Православна црква, нарекувајќи ја “Шизматичката црква на БЈРМ”. Србите пред неколку месеци ги променија патните табли кон Македонија во БЈРМ и.т.н.

Ама кај нас беше беше ден на национална жалост кога Србија испадна од Светско првенство во фудбал, се пониживме кога на утакмицата на МЗТ против Партизан во спортската сала во Аеродром, две третини од салата, Македонци, навиваа за Партизан, а против МЗТ.

И после ни смениле име, знаме, националност, не нарекувале Вардарска, Грчка, Илирида, не ни давале влез во Прохор Пчински… Ќе се свестиме ли да си го гледаме своето, ќе ни се развие ли некогаш националната свет? Можеби, само да не биде доцна.

Петар П.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*