РЕФЕРЕНДУМСКА ДЕМАГОГИЈА-СИНДРОМОТ НА РАЗДВОЕНАТА ЛИЧНОСТ

Секој од граѓаните на Македонија може да се информира и да донесе избор за тоа дали е ЗА или ПРОТИВ и тука нема дилеми. Секој од нас има различни убедувања, вредности и разбирање за ова прашање. Би требало сите ние да размислиме добро, да анализираме убаво што губиме и што добиваме. Да се обидеме да направиме проекција за иднината и како едното или другото решение ќе се одрази на иднината на Македонија. Фактот што не ја прифатија нашата идеја за 2 прашања на референдумот, а имено: Дали сте за намалување на бројот на пратениците од 120 на 90 и промена на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица, а кандидатските листи ќе бидат отворени, зборува за лицемерието на актуелното владејачко мнозинство. Но тука не станува збор за нив, станува збор за демократијата и нејзините вредности, и правото на граѓаните да го кажат своето мислење за иднината на Македонија.

Јас не би ги убедувал граѓаните како да гласаат, само би се обидел да ги поттикнам да размислуваат и да донесат решение така како што мислат дека е правилно. Со убедувањето ЗА или ПРОТИВ мислам дека ја потценуваме интелегенцијата на нашите сограѓани. Оние истите кои ги избираат своите политичари. И се прашувам како граѓаните можат кога станува збор за нас политичарите „секогаш да се во право, вклучително и кога грешат“ за нивниот избор на власт, а за ова прашање ќе згрешеле. Не, не мислам дека ќе згрешат. Граѓаните добро знаат да проценат што е добро а што не е. Не ги разбирам и не ми е јасно како некои политичари си дозволуваат да спомнат дека можело граѓаните да решат нешто ама после институциите друго? Како така? Па нели сме демократи и веруваме во гласот на народот? Или веќе пу,пу неважи?! Но никако не можам да ги разберам оние кои повикуваат да не учествуваме, да не се занимаваме со референдумот. Едноставно да го бојкотираме. Ова многу ме збунува, дури ме зачудува. Во животот човек не се интересира, не учествува, со својот однос бојкотира единствено работи кои не се важни за него. Едноставно не го интересираат. Овие господа кои не убедуваат да бојкотираме од рано утро до доцна вечер веќе и од фрижидер ќе почнат да го бранат името. Тогаш ајде да направиме кампања обединети околу аргументи, ако веруваме во тие аргументи, и да гласаме против за да го отфрлиме предлогот. Или пак ако сме ЗА да правиме кампања во таа насока. Како тоа да не учествувам, како да не си го кажам моето мислење за името на мојата земја и иднината на моите деца? Едноставно не ме интересира, така?!

Почитувани, оваа одлука е решавачка, како за проблемите од минатото, така и за иднината. Ова решение го определува патот по кој ќе се развива Македонија. Нема како да глумиш патриот и голем комита а да не сакаш да учествуваш без разлика дали си ЗА или ПРОТИВ. Замислете ги војводите за време на Илинденското востание да го бојкотирале бидејЌи не се согласувале со нешто во Манифестот- прогласот на востаниците. Или пак да имало аргумент дека Карев е социјалист по убедување и десничарите да кажеле ние не учествуваме ќе бојкотираме. Навистина не разбирам како може да не учествуваш во референдум со кој се менува името на твојата земја за која се колнеш од утро до вечер дека си готов да загинеш. Истовремено со тоа решение на референдумот ќе се определи иднината на твоите деца!

Ова е меко кажано раздвојување на личноста. Никој од нас не очекува денеска да гинеме за Македонија, доволно наши предци изгинале и ја натопиле оваа земја со крв. Од нас се очекува да излеземе на референдум во нашата слободна, суверена и независна Македонија и да кажеме што мислиме! Сѐ друго е демагогија и тепање празна слама.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*