Очекувано беше дека експертот за сите прашања, од економски до историски, како што милуваат некој да го наречат „македонскиот цар“ Никола Груевски повторно се јави со свои експертизи за тоа како треба да се реши ситуацијата со коронакризата, но и да дели лекции по историја.
Човеков не може а да не излезе и да напише реферат од 567.999 илјади зборови со кои ќе каже колку тоа неговото време било сјајно, а колку сега се е лошо и распродадено. Меѓутоа очигледно човекот не разбира дека со неговото појавување прави штета на наследникот на партијата Христијан Мицкоски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ.
Човекот со секое свое појавување го става сегашното раководство во сенка. Едноставно, многу луѓе кои растеа под бајракот на Груевски се уште сонуваат за денот кога тој ќе се врати и ќе го предводи ВМРО, иако нормално тоа е science fiction ситуација која тешко би можела да се оствари. Значи човекот треба да разбере дека ВМРО-ДПМНЕ има нов лидер, кој треба да направи различна политика од неговата за да истиот може да биде препознаен во јавноста како нов лидершип, со своја автентична политика. Сега, во едни вакви околности човеков се јавува на фејсбук и добива сериозна поддршка на социјалните мрежи од луѓе на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека постојат две варијанти: Првата е дека ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски не сака да ја види реалноста дека за жал уште се перцепирани како раководство кое мора да добие „амин“ за секоја нивна одлука од поранешниот лидер на партијата Никола Груевски. Втората е дека тие ја гледаат таа состојба и се свесни дека тоа е така, но мораат да дејствуваат на начинот на кој го прават тоа бидејќи се зависни токму од поддршката на Никола Груевски.
Појавувањето на Никола Груевски го фрла во сенка лидершипот на ВМРО-ДПМНЕ е и тесно поврзано со некои, би рекол, катастрофални политички грешки како што е коалицијата со Титови леви сили, но и со партијата на Стевчо Јакимовски. Едноставно, не знам која вредност овие луѓе ја препознаа во овие две таканаречени „политички опции“. Пред да побегне од државата Никола Груевски беше пресретнат од новинарот Фуркан Салиу како во друштво на Стевчо Јакимовски се шета на улица „Македонија“. Претпоставувам дека таа лојалност на Јакимовски кон тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ денеска е преточена во лојалност и кон господинот Мицкоски. А и како не би била, кога тој самиот го предаде СДСМ и си ги затвори вратите за било какво политичко партиципирање и дејствување во таа политичка партија. Оттука, се поставува прашањето – што е потребно за да му бидеш пријател на ВМРО-ДПМНЕ? Да ја пееш „неможе нам нико ништа“, да ги мразиш бугарите, да го вееш југословенското знаме и да тврдиш дека ВМРО се најголеми крадци и криминалци? Па веројатно ако ги следиме постапките и она што го зборуваа овие луѓе тогаш ДА, за да бидеш денес говорник на митинг на ВМРО-ДПМНЕ треба прво добро да ги удриш, а потоа да им станеш сојузник. Но ете, не секој сојузник носи и политички поени, иако некој така гледа на работите, но на крајот на денот граѓаните ќе си кажат.
Груевски без одговор дали ќе излезе на референдум, Јакимовски ќе бојкотира
Груевски без одговор дали ќе излезе на референдум, Јакимовски ќе бојкотира Gruevski nuk ka përgjigje se a do të votojë në referendum, Jakimovski do të bojkotojë
Posted by TV21 on Friday, August 3, 2018
За разлика од господинот Јакимовски кој вака убаво се шеташе со екс премиерот Никола Груевски, помалите десничарски партии, меѓу кои и ВМРО НП на Љубчо Георгиевски се максимално оцрнети од страна на поединци од таа партија. Се поставува прашањето дали првиот претседател и основач на ВМРО-ДПМНЕ треба најпрвин да биде голем пријател на Никола Груевски за истиот да може да биде и пријател на ВМРО-ДПМНЕ. Или пак еден куп други личности кои јавно ја критикуваа политиката на Груевски, а кои потоа завршија на другата страна токму поради фактот што не можеа да најдат заеднички јазик со раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
И не е тука само Георгиевски. Тука се еден куп личности кои политиката на Груевски ги дистанцираше од ВМРО-ДПМНЕ. За жал новото раководство не ја научи лекцијата од својот претходник, па продолжи да си се дружи со вакви ликови како Стевчо, овие од Титови леви сили, или придавајќи значење на личности кои некогаш беа трет полиитчки ешалон во СДСМ и другите левичарски партии, а денес добија пратенички позиции на изборни листи на ВМРО-ДПМНЕ.
Пишува: Симон Митроски