fbpx
28 C
Skopje

БОГ СЕ ЈАВИ – Денеска е Богојавление!

АКТУЕЛНО

Со евангелискиот поздрав „Бог се јави, навистина се јави“ православните верници денес го одбележуваат празникот Богојавление кај народот познат како Водици.

„И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“ – (Матеј 3, 16-17)

Во околината на Јордан проповедал Јован Крстител, кој велел:  Се приближува царството небесно, доаѓа очекуваниот Месија, исповедувањето е потребно за влегување во царството небесно. Исус Христос, пред да почне јавно да го проповеда своето учење, од Галилеја дојде крај Јордан и му дозволи на Јована да го крсти, поради што Јован се нарекува Крстител.

Во спомен на Христовото крштевање црквата воспостави празник: „Крштевање на Господ односно Богојавление -„Водици“. Овој празник е еден од најголемите христијански празници. Познато е дека се празнувал уште во вториот век од христијанската ера.

Овој празник се нарекува уште и Водици, заради големиот водосвет, што го извршува Црквата на овој ден. Големиот водосвет е симбол на обновувањето на нашата огревовена природа и на целиот космос преку вода и Дух.  За осветувањето на водата и за чудесата на осветената вода Св.Јован Златоуст во својата беседа за крштевањето вели: „Овој е ден во кој Христос се крсти и ја освети природната вода. На полноќ на овој празник сите црпат вода и ја носат во своите домови и ја чуваат со години. Водата не се расипува“.

На празникот Водици завршуваат и таканаречените некрстени денови. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата. Карактеристично за празникот Водици е што тој се празнува во поголеми или помали групи што се викаат кумпании, кумства или братства. Некаде тие групи се формираат по маала, а некаде по фамилии. Сите членови од компанијата се сметаат за роднини и меѓусебно се обраќаат со „светијоване“, „побратиме“ и сл. Според дамнешните сфаќања што ги прифатила и црквата кумството е сродство па за кумовите како и инаку за крвните роднини важи законот за егзогамијата. Ако се земе предвид дека во христијанската религија Свети Јован го крстил Исус Христос значи тој го има кумството.

Секоја компанија има свој кум кого уште го викаат и Свети Јован. Тој го чува крстот една година, од едни до други Водици, што значи за тоа време го има кумството. Менувањето на кумството се врши по строго востановен ред, најчесто по старост.

На Богојавление главен настан е фрлањето на крстот во водата. Во Охрид крстот се фрла во езерото, во Скопје во Вардар, а по селата во реките откако претходно ќе се направи голем вир. Крстот го фрлал попот откако ќе отпеел молитва. По крстот скокале неколку момчиња, но нивниот број секогаш морало да е непарен (лио), тројца, петмина или седуммина. Тој што ќе го извадел крстот од водата добивал подароци. Се верува дека по овој обред водата станува осветена, а со тоа и лековита, поради што сите присутни полнат од оваа вода и ја чуваат во текот на целата година за лекување на разни болести како на луѓето, така и на добитокот. Попладнето по коледица одат мажите, но само по куќите од својата компанија. Собираат подароци, месо, леб, пари и друго, благословуваат и пеат песни.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -