fbpx
4.8 C
Skopje

Босански „Журнал“: Организаторите на нападот во македонското Собрание пристигнаа во БиХ

АКТУЕЛНО

Најмалку десет оперативци на српската Безбедносно-информативна агенција и други сигурносни служби од Србија се наоѓаат во Босна и Херцеговина, каде што се обидуваат да влијаат врз изборните резултати, дознава босански „Журнал“ од повеќе тамошни и меѓународни извори . Тројца од нив имаат дипломатски статус во БиХ.

Според официјалниот список на српската амбасада во БиХ, дипломатските работи во БиХ ги врши Горан Живаљевиќ, поранешен заменик-директор на БИА. Живаљевиќ неколку години ја извршуваше оваа работа во Македонија. Според документите на македонските служби објавени во медиумите, Живаљевиќ бил еден од организаторите на минатогодишниот напад во македонското Собрание.

Управата за безбедност и контраразузнавање на Македонија (УБК) во своите документи наведе дека го прислушкувале Живаљевиќ и заклучиле дека неговата цел била „да ја промовира руската политика и Груевски, но и да се бори против влезот на Македонија во НАТО“.

Македонските медиуми објавија дека Горан Живаљевиќ бил во македонскиот парламент за време на демонстрациите на 27 април минатата година. Тогаш маскирани лица го нападнаа прозападниот лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Зоран Заев, кој подоцна беше избран за македонски премиер, пишува порталот. Живаљевиќ после тоа потврди дека во Собранието бил службено, за да се увери дали некои од српските хулигани биле вклучени во упадот.

Кратко по нападот во Собранието, Живаљевиќ е вратен во Белград, а потоа прераспределен во БиХ. Во последно време тој се наоѓаше во Србија, но влезе на територијата на БиХ на 30 септември оваа година. Формално ги извршува должностите на „прв советник во Амбасадата на Србија во БиХ“.

Како што претходно беше објавено, во мај оваа година српската влада за амбасадор во БиХ го назначи Александар Ѓорѓевиќ, кој до средината на минатата година беше директор на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА).

Ѓорѓевиќ беше директор на БИА кога неговиот службеник Горан Живаљевиќ учествуваше во акцијата во македонскиот парламент. Значи, поранешниот директор на БИА е амбасадор на Србија во БиХ, а неговиот соработник и поранешен заменик-директор на БИА – прв советник на амбасадорот.

Освен Ѓорѓевиќ и Живаљевиќ, во српската амбасада од неодамна е ангажиран и Горан Драговиќ, кој формално е советник на амбасадорот, а извршува функциите на полициски офицер за врски. Драговиќ има ранг полковник во српската полиција, а до пред три месеци беше командант на Жандармеријата на Србија. Од таа позиција тој беше разрешен на 31 јули оваа година, по што беше назначен за дипломат во БиХ. На територијата на БиХ тој влезе на 19 септември оваа година.

Горан Драговиќ учествуваше во воените активности во Косово. Паралелно со работењето во специјални единици, тој работеше и во обезбедувањето на дискотеката на „Гранд Хотел“ во Приштина, каде што имаше контакти и со Жељко Ражнатовиќ-Аркан. По доаѓањето на Александар Вучиќ на власт, Драговиќ, според разузнавачките извештаи, имаше директни врски со братот на српскиот претседател Андреј Вучиќ.

Како шеф на Жандармеријата, тој беше во посета на Посебната дивизија за оперативни намени „Держински“, најелитната единица на Националната гарда на Руската Федерација. Покрај овие тројца високопозиционирани разузнавачи и полицајци кои неодамна добија дипломатски статус во БиХ, најмалку седум други оперативци влегоа во земјата.

– Тие изнајмија станови во пет градови, каде што работат против опозицијата во Република Српска – се вели во документот кој го поседува „Журнал“.

Оперативните лица на БИА се наоѓаат во Биелина, Добој, Приедор, Бања Лука и Требиње. Под команда на овие тројца високопозиционирани разузнавачи, тие треба да ги преземат сите активности за Милорад Додик да остане на власт, пишува „Журнал“.

Порталот потсетува дека рускиот претседател Владимир Путин во изминатите седум дена се сретна со Милорад Додик и со српскиот претседател Александар Вучиќ. Пред овие состаноци, Вучиќ ги обвини западните земји за мешање во изборниот процес на БиХ. Но, неговите оперативци во тоа време работат на територијата на друга држава, заклучува „Журнал“.

Извор: Република

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -