За оние кои што не ме познаваат, јас сум Љупчо Божиновски, момче од општина Илинден, по професија адвокат и сум кандидат за пратеник на граѓанската листа на Македонски концепт во изборната единица 3.
Благодарност до pogled.mk за поканата и за можноста вака да ги искажеме ставовите и нашите погледи.
Пред да започнеме, би сакал да појаснам неколку работи кои што сметам дека е потребно да ги разјасниме бидејќи сметам дека во јавноста сеуште постои мала дилема, односно недоволна информираност за тоа што всушност е Македонски концепт.
Македонски концепт не е политичка партија, Македонски концепт е Граѓанска платформа којашто обединува, платформа која генерира нови иновативни идеи и решенија, тоа е свежа платформа за eдна нова, поинаква, за нормална Македонија и којашто не прави разлики на нашите етнички, религиозни или политички идентитети.
Во нашите редови имаме професори, доктори на науки, спортисти, келнери, обезбедувачи и тн.
Ова значи дека секој еден граѓанин на Републиката кој што смета дека е време за ново општество, за нови лица, за нова енергија, за свежа енергија, за нова платформа може да ни се приклучи и е добредојден.
Ние сме широка коалиција на граѓани која што има домашен интерес, односно граѓани кои што сакаат тука да останат и тука да создаваат. Не сме десното против левото и обратно, ние сме новото против старото.
Tемата на која што сум поканет да разговарам е Младите во Македонија.
Јас имам 29 години и сум повеќе од свесен дека Македонија е погодена од “белата чума” и од така наречениот “одлив на мозоци”. Тоа е така, зашто нема нормалност во државата. Не секогаш причината е во парите. Причината е да се најде место за нормален живот. Место каде секој си ја гледа својата работа. Место каде човек на човека гледа да му помогне, ако се може а притоа не гледа да му одмогне. Место каде не царуваат омразата и бесот. Место каде владее разумот и идеологијата на здравиот разум.Едноставно младите бараат место каде каде нормално се живее.
Пред нас како држава е мисијата младите да ја гледаат истата шанса за успех тука, како во развиениот цивилизиран свет. И тоа не е така лесна и едноставна задача во вакви услови.
Како држава ние имаме еден проект, a тоа е oној заеднички проект на МТСП, АВРМ и УНДП кој што всушност дава неповратни грантови на лица кои што сакаат да започнат сопствен бизнис. Тоа го подржуваме и тоа го охрабруваме но сметаме дека не е доволно.
Поради тоа, Македонски концепт има свој предлог проект и предлог решение како да им помогне на младите кои што се охрабриле и кои што сакаат да основаат свој бизнис а тоа е проектот “партнерство со младите”. Накратко објаснето, државата инвестира во бизнис идеи на млади до 35 години, а инвестицијата си ја враќа преку заработка во бизнисот, без никакви камати.
Инвестицициите ќе бидат удели во таквите старт ап компании и по одреден временски период, државата го продава уделот. Процесот ќе се одвива преку деловни/технолошки инкубатори кои ќе го следат овој процес со целосна логистика. Со тоа ќе раководи професионална компанија, без административна бирократија, а контролата на успешноста на реализацијата на бизнис планот, ќе ја прават ревизорски и сметководствени бироа, специјално овластени за таа намена.
Во случај на неуспех на еден проект, комплетните ресурси, материјални и човечки, во кои се инвестирало до тој момент, преку процес на трансформација ќе се стават на располагање на други успешни проекти! Така загубите и ризикот за инвестицијата на државата ќе се сведат на минимум.
Потребно е да работиме на тоа да Претприемништвото кај младите биде врвна вредност, затоа што младите со тоа и возвраќаат на државата преку создавање на нова генерација. Има ли поголем патриотизам од тоа? Тоа е врвна граѓанска и патриотска одговорност. Тоа е лојалност. Јас сум останал во Македонија и сум основал сопствен бизнис затоа што сакам да сум свој, затоа што сакам перспектива дома и сакам да останеме тука, сакам тука да творам, да работам и тука да создавам.
Младите не бараaт ништо повеќе и ништо посебно, туку само фер шанса и можност да бидеме свои.
Друг предлог проект кој го промовиравме како тим, односно како Македонски концепт е “Политиката во втор план”. Овој проект на некој начин се надополнува со претходниот затоа што една од целите на Македонски концепт е Жива Македонија.
Доколку тука дома не живеат млади, доколку не егзистираат среќни и просперитетни семејства, доколку наталитетот не го победи морталитетот, ние сме поразени.
Како што споменав претходно, не секогаш причината за иселувањето е во парите. Ние мислиме дека младите заминуваат од политиката, затоа што се угушени во оваа држава од политиката.
Немаат слобода, немаат простор каде да живеат, а политиката да не им го одзема и да не ги прати насекаде. Прв услов како до нормална држава е политиката да биде во втор план.
Прво слобода и здравје, па после политика.
Секако дека и политиката си има свое место во животот на сите нас. Но не во центарот на сите случувања, не во центарот на нашите животи.
Што во прв план?
Се знае, квалитет на животот, слободата, професијата и пред се спортот. Редно е спортот да се третира како превентивна здравствена заштита, а не само како хоби.
Треба да градиме култ на спортови, а не култ на политичари. Спортот треба да биде на пиедесталот на општеството. Спортистите треба да бидат славните јунаци на македонската нација, а не политичарите. Помалку политика на ТВ екраните, повеќе спорт!
Со цел оваа замисла да стане реалност, предлагаме да се донесе Закон за забрана на политичкото влијание во спортот. Што значи тоа? Ниту политичарите ќе може да се замешаат во него, ниту пак спортистите ќе може да бидат политички активни, се до оној момент додека се активни професионални спортисти.
Сметам дека мораме да го деполитизираме македонското општество за да добиеме слободни граѓани.
Дополнително, а поврзано со проектот “политиката во втор план” и нашата желба за жива Македонија, сакам да напоменам дека за жал во моментов надлежните немаат никаков слух за фитнес центрите и клубовите кои остануваат затворени и покрај многубројните апели и барања, и кои доколку не се отворат во блиска иднина голем број од нив ќе останат со катанецот на врата и сметам дека е крајно време државата да реагира.
Еве ја користам оваа прилика да ја поделам загриженоста, не само кон фитнес центрите туку и кон сите микро и мали бизниси кои во моментов се погодени од кризата, а кои што впрочем се суштината на домашната економија и значат живот за цели семејства.
Се надевам дека успеав да го задржам Вашето внимание и дека успешно ги презентирав главните два проекти на Македонски концепт кои директно ги засегаат младите и Ви благодарам уште еднаш на поканата.
Живи, здрави, се гледаме во некоја наредна прилика. Голем поздрав, чао.
Вклучување во живо на кандидатот за пратеник од Македонски Концепт г. Љупчо Божиновски
Posted by Pogled.mk on Friday, June 12, 2020