Тој вели дека во моментов со топол оброк, храна и хигиенски средства покрива дваесет скопски фамилии. Доставата ја врши со сопствено возило и, како што нагласува, секој ден поминува по минимум 50 до 60 километри. – Топлите оброци ги купувам од ресторани, а почесто ми ги даваат по пониска цена. Ако купам поголема бројка оброци, некои ми ги даваат бесплатно. Не земам храна од ресторани ако им останала од претходниот ден, бидејќи не сакам нешто да им се случи на луѓето што им ја носам, пишува Вечер.прес
Чаирчанецот Али Февзи го стави во мирување берберскиот занает и во ова време-невреме реши поинтензивно да и се посвети на хуманитарната работа. За она што го тера од внатре да им помага на луѓето без разлика на нација и вера, постојано добива пофалби на социјалните мрежи, преку кои и ние дознавме за оваа негова активност, која, како што ни рече, ја прави од 2014 година.
– До пред пандемијата со коронавирусот им помагав на неколку фамилии во Скопје со тоа што секој ден им носев топол оброк, облека, стара бела техника и тоа го правев тивко, без да се знае пошироко. Сега, откако настана состојбава со вирусот, бројот на луѓе кои немаат што да јадат се зголеми. На мојот фејсбук-профил го објавив мојот телефонски број 070/501-628 и се приклучив кон некои групи со цел да ги поттикнам луѓето да почнат и тие со хуманитарна работа, како што ја правам и јас – во телефонски разговор ни рече Февзи.
Инаку, тој од 2009 до 2019 година работел во Виена, а потоа во берберскиот салон на неговиот 73-годишен татко. Поради еден настан кој се случил во 2014 година, тој решил парите што ги заработува да ги троши за потребите на тие што немаат.
– Се случи голем пожар во зграда во Чаир. Седумчленото семејство на сестра ми беше заробено од пламените јазици. Пожарникарите едвај ги извлекоа преку прозорец. Влегов во станот да помогнам и тогаш експлодира плинска боца. Десет дена бев во кома на Токсикологија. Кога се разбудив од кома, сфатив дека Господ ми даде повторно да живеам и оттогаш решив да им помагам на луѓето – вели Февзи.
Особено му е жал за децата. Вели дека во брак е 17 години, но нема свои деца. Затоа сака да ги направи радосни другите деца, купувајќи им барем едно чоколадо.
– Деновиве бев да однесам храна на едно семејство во Ѓорче Петров кои живеат во мизерни услови. Кога ме виде малото дете, сигурно има две-три години, ми скокна и со раширени раце како да сакаше да ми се заблагодари. Тоа чувство не може да се опише со зборови – раскажува Февзи.
Тој вели дека во моментов со топол оброк, храна и хигиенски средства покрива дваесет скопски фамилии. Доставата ја врши со сопствено возило и како што нагласува, секој ден поминува по минимум 50 до 60 километри, најчесто на релација Драчево – Ѓорче Петров.
Целиот текст прочитајте го на vecer.press