fbpx
37.8 C
Skopje

Договорот со Бугарија: Трамповска финта на Зоран Заев

АКТУЕЛНО

Македонија за прв пат има премиер -бизнисмен. Некој ќе рече дека е на подобро од претходниот список кој вклучуваше невработен инжењер, поет, банкар, професор и брокерче. Шо и да речете за Зоран Заев, бидете сигурни дека стилот на владеење ќе му биде далеку поразличен од досегашните, од проста причина шо во бизнис секторот правилата се радикално различни него во државната управа, во банката или на факултетите. Клучот на лидерството во бизнисот е човечката психологија. Без искуство во приватниот, бизнис сектор, што им недостасува на речиси сите македонски новинари и аналитичари, дејствијата на премиер од бизнис секторот може да делуваат неразумно или бессмислено. Меѓутоа, ако се погледнат низ бизнис призма, нештата стануваат елегантно јасни.
Во слична ситуација се наоѓаат и САД. За прв пат во својата историја, имаат претседател без искуство како политичар, ама со енормно искуство како бизнисмен. Од она што го видовме досега, администрацијата на Доналд Трамп е радикално различна од досегашните, не само по својата вонредна идеолошка определба, туку и поради стилот на владеење. Културата на бизнисот доаѓа од самиот врв, од „горе“, од Доналд Трамп и неговиот зет Џеред Кушнер, од државниот секретар Рекс Тилерсон и ред други бизнисмени кои се најдоа во администрацијата.
Промената на лидерството, т. е. примопредајата на власта е битен момент во политичкиот живот на една земја. Фактички, првите неколку дена од владеењето на новата власт се клучни за перцепцијата на целокупниот нејзин мандат. Дури и деновите кога е извесно превземањето на власта, но тоа сеуште не се случило се важни. Во бизнис секторот, пандан на овој период е периодот на транзицијата, деновите кога се узнава дека доаѓа нов директор.
Доаѓањето на нов директор знае да биде несигурно време. Една од најдобрите работи што еден нов директор може да ги направи е да потегне низа симболични потези со големо психолошко влијание за да влее самодоверба и надеж на вработените, акционерите и муштериите. Потезите не мора да се големи, или битни, но мора да бидат едноставни, видливи и со психолошка тежина, како и да адресираат перцепирана слабост или перцепиран недостаток на компанијата, на начин кој ќе створи перцепција дека „сега више вртиме нов лист.“
Уште во периодот на примопредаја на власта, во ноември 2016та година, Доналд Трамп, со помош на сегашниот потпретседател Мајк Пенс, успеа да ги убеди компаниите Форд и Кариер да не ги затворат своите постоечки фабрики во САД, кои планираа да ги заменат со погони од Мексико. Од чист фактички аспект, фабриките со своите работни места се капка во морето што е американската економија, со енормно население и бруто домашен производ. Меѓутоа, од психолошки аспект, потегот беше видлив, значаен, едноставен и во согласност со се она што Трамп го ветуваше током кампањата. Трамп се најде во улога на мајстор-преговарач кој се бори да ги спаси работните места на Американците од мултинационалните корпорации кои ги затвораат своите погони во Америка и ги носат во странство за да ја ползуваат ефтината работна рака на работниците од третиот свет. Потегот на Трамп влеа надеж во контекст на перцеперината стара состојба, каде никој не беше на страната на американскиот работен народ и мултинационалните корпорации го газеа под своите нелојални, глобалистички нозе.
Уште неколку такви потези следеа одма после инаугурацијата на Трамп за Претседател на САД, кога тој потпиша низ укази. Некои од указите имаа вистински дејствија, и делуваа во насоката која Трамп ја ветуваше во текот на кампањата, ама повеќето беа симболични, едноставни и видливи. Со други зборови, гротото од указите беа новодиректорски потези, чија цел беше да сигнализира дека има нов шеф, има ново раководство, се врти нова страница и више нема да биде по старо.
Битно е новодиректорските потези да бидат потези, а не зборови, бидејќи дејствијата се повидливи и поважни од зборовите. Воедно, сигнализацијата – сфатена како дејствие со цел информирање- е обично поефективен метод на информирање одошто комуникацијата –сфатена како кажување со цел информирање-, бидејќи секоја комуникација, а особено комуникација која доаѓа од политичар или нов директор, е предмет на скептицизам од страна на примателот, со оглед на вродената човечка способност за лажење, повторно, особено од страна на политичарите и новите директори, односно новите било што, со оглед на тоа што новодојдениот не е дел од претходната група каде контекстот на заедничкото дејствување ствара своевидна микрокултура која како дел од себе вклучува доза на доверба, која привилегија новодојдениот не ја ужива.
Нејсе, Зоки Заев ми изгледа као бистро детуле. Не знам дали го зел паметот на Доналд Трамп, или пак самиот му текнало, ама интересен ми е тајмингот и содржината на договорот за добрососедство со Бугарија.
Сам по себе, договорот е жива ванила, сличен на неброени исти и слични договори за добрососедство меѓу земјите во светот. Содржината нејќам многу да ја коментирам во овој текст, иако извесни членови ми се проблематични, ама од чисто правнички и дипломатски аспект, договорот е жива досада шо е еднакво релевантен за билатералните односи колку и неформалниот договор за купопродажба на кутија цигари, шо сабајлево го направив во пиљара. Бурната реакција е повеќе резултат на недостатокот на самодоверба на македонската нација, и очајната состојба на македонскиот национализам, кој е потиснуват толку долги години што има уште многу вурни леб да јајт пред да може да срочи елоквентен аргумент за себе и својата нација.
Меѓутоа, договорот за добрососедство со Бугарија е битен од новодиректорски аспект. Тој претставува едноставно, видливо и психолошко битно дејствие. Сигнализира на домашната јавност, како и на меѓународната заедница, дека ДПТУ Република Македонија АД Скопје има нов директор, кој врти нова страница и не се заебава. Дотолку повеќе што еден од клучните столбови на наративот кој доаѓаше од СДСМ и НВО секторот беше дека во времето на Грујо, Македонија беше дипломатски изолирана, со исклучок на шурувањето на брачедите со Путин. Наративот, нормално, е невистинит, иако има во својата срж зрнце вистина, како и сите добри пропагандни наративи. Меѓутоа, со подавањето рака на Бугарија, Зоран Заев упаќа јасен сигнал дека ерата на изолација завршува. Договорот е со Бугарија бидејќи, реално глеано, Бугарија е земјата која е најпријателски настроена спрема Република Македонија и најверојатно е дека ќе соработува во еден симболичен гест, со кој ќе си го појача и својот престиж во светот така што ќе се најде во улога на ментор на Р. Македонија, во најмала рака на полето на евроатлантските интеграции.
Договорот е воедно битен бидејќи во контраст на неговата едноставност и беззначајност стои аутистичното вриштење на ДПМНЕ и фалц-националистите кои тврдат дека Заев „ја продал државата на Татарите.“ ДПМНЕ се наведе во таква позиција да изгледаат како маалското мрчало шо со цел памет смета и се продерава на вруќините, дури комшилукот пробуе да пивне едно пивце у сенка.
Воедно, назначувањето на твитерџиите за советници е самото по себе новодиректорски потез на Зоран Заев. Со тоа тој сигнализира дека новата власт ќе го слуша „гласот на народот.“ Само што тука сум на мнение дека Заев го прецени угледот и престижот на твитерџиите, мада времето ќе покаже.
Нормално, егзекуцијата и имплементацијата на новодиректорските потези на Заев не се ни оддалеку добри како оние на Доналд Трамп. Апсурдно би било да се рече дека Трамп и Заев се во иста категорија, ама добро е да се знае дека играат исти спорт со исти стил.
Така да, драги мои, смирете страстите. Не ја шитнал Зоки државата, туку само влева самодоверба у рајата. Бидете ми поздравени and Make Macedonia Great Again.

Пишува: Никола Џилвиџиев

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -