Го гледам младиот Иван Јорданов од Штип кој растел под бајракот на Груевски зборува за македонските симболи со Сонцето од Кутлеш, кое е најдено негде во 70-тите години на 20 век, а кое патем нема никаква врска со идентитетот на македонците, а најмалку со историското ВМРО.
Црвено-црното знаме е она по кое било препознатливо историското ВМРО, но и она кое цврсто може да се поврзува со независна и самостојна Македонија бидејќи токму ВМРО и нејзините револцуонери се бореле за слободна македонска држава. Но, нејсе. Младиот Иван растел во едно друго време во кое синоним за „македонштината“ во Македонија стана обновата на споменикот на српската окупација во Македонија односно обновата на српски офицерски дом, милитаристички дом на окупациона војска која малтретирала илјадници македонски граѓани и жртви.
Некогашниот лидер на Иван Јорданов, човекот кој сега дели лекции по историја од Будимпешта, во негово време направи карикатура од нашата македонска нација. Ако некогаш беше со ќотек и со сила, во време на Груевски самостојно се изгради нешто од што бегале нашите македонци. За ова малиот Иван не зборуваше, ниту пак му сметаше што неговиот лидер го правеше сето тоа на штета на македонскиот народ. Се направи договор за обновување на Зебрењак во Куманово, уште еден споменик на српската окупација во Македонија. Кој од ВМРО-ДПМНЕ од овие големи македонци кои денеска плукаат против сите кои размислуваат различно од нив, стана тогаш и се спротистави на овие постапки кои кои го уништуваа македонскиот идентитет? Никој. Тогаш кротко молчеа, удобно седеа во своите фотељи и немаа никаков проблем со новата историска „реалност“ која ни ја наметнува токму нивниот лидер.
Го читам младото момче од Штип како зборува и за верниот исток, оној кој дури беа 11 години власт во коалиција со ДУИ, го заборавија и се насочија кон исполнување на желбите во западна Македонија. Па во последните 6 години власт на ВМРО-ДПМНЕ во источна Македонија единствено нешто што беше променето е фризурата на Влатко Ѓорчев. Прво имаше долга коса, веројатно следејќи го примерот на неговиот идол од 90-тите Љубчо Георгиевски, а потоа во време на Груевски реши истата ја да скрати. Тоа е единствената промена во истокот направена во тоа време. Во тоа време исто како и денес се иселуваа млади и цели семејства, но младиот Иван немаше проблем со тоа, па никогаш не видовме да пишува за запустениот исток, кој беше најпогоден како регион во државата и по однос на мал број на инвестиции, но и по однос на невработени лица, ниски плати, мизерни здравствени услуги и образование.
Ама млад дечко е, може да прочита и да ги отвори очите не само сонцето од Кутлеш, туку и за реалноста од истокот. Белата чума го порази нашиот роден крај!
Пишува: Симон Митроски