fbpx
18 C
Skopje

Европска интеграција или европска изолација?

АКТУЕЛНО

Поминаа речиси три и пол месеци откако завршија предвремените парламентарни избори во Република Македонија, а влада се уште нема. СДСМ бараше и доби избори, а со тоа Македонија требаше да добие и трајно решение на две и пол годишната криза, која започна со објавувањето на таканаречените бомби од лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Шефот на државата, Ѓорѓе Иванов, мандатот прво го довери на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски кој преговараше, но не успеа да формира Влада. Потоа, мандатот беше вратен во рацете на Иванов, а тој за да му го довери мандатот на Заев, побара гаранција, дека обезбедил мнозинство за состав на нова Влада. Заев ги обезбеди потребните потписи, но, и покрај тоа тој не го доби мандатот.

Претседателот на државата сега го условува давањето на мандатот за состав на нова Влада со отфрлање на платформата на албанските политички партии, која, според него, ја загрозува унитарноста на државата.

Одлуката за недавање на мандатот, кај дел од домашната јавност предизвика честитки до Иванов, за како што велат тие, „државничкиот“ потег на претседателот, додека други, упатија остри критики и побараа Иванов да ја преиспита одлуката.

Реагираше и меѓународната заедница. Пораките кои доаѓаат од таму се дека Иванов треба сериозно да ја преиспита својата одлука и да го довери мандатот на мнозинството во Собранието на Република Македонија. Вакви пораки испратија шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, еврокомесарот за соседска политика и пристапни преговори, Јоханес Хан. Покрај претставниците на ЕУ, кои побараа во најкус можен рок да се конституира Собранието и да се формира Влада, ваквата постапка на претседателот е нелогична и за многумина наши универзитетски професори и политичари.

Универзитетската професорка Ана Павловска Данева во изјава за „Поглед“ рече дека претседателот Иванов воспоставува опасен преседан во уставната практика на државата, а со тоа покажува класично непочитување на Уставот. Таа истакна дека претседателот нема дискреционо право на избор какво дејствие ќе преземе, туку има обврска да го довери мандатот на партиите кои обезбедиле мнозинство во Собранието.

Со исто мислење како професорката Данева, е и поранешниот амбасадор на Македонија во НАТО, а сегашен универзитетски професор, Нано Ружин. Тој во изјава за нашиот портал го истакна својот став по однос на ова прашање, велејќи дека во сите демократски системи, доколку победникот на изборите не е во состојба да формира влада, тогаш правото за да располага со мандатот му се доверува на лидерот на втората по успех партија на изборите, односно како што вели самиот тој, во случајот СДСМ.

На исто гледиште се и политичарите, Љубчо Георгиевски, Стојан Андов, Павле Трајанов, Стојанче Ангелов кои во своите ставови изнесени во јавноста, рекоа дека претседателот го гази Уставот, а мандатот според македонската и европска демократска пракса треба да му се довери на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

За разлика од нив, универзитетската професорка Тања Каракамишева – Јовановска во целиот овој изминат период, цврсто го брани својот став дека мандатот не смее да и припадне на друга политичка партија, освен на победничката односно на ВМРО-ДПМНЕ.

И додека политичарите и универзитетските професори нудат решенија и предлози за излез од кризата, на улиците низ државата секојдневно се протестира, за како што велат, отфрлање на Тиранската платформа. Брисел очекува влада, а ВМРО-ДПМНЕ отфрлање на платформата. Истовремено, претседателот на државата не ја смени својата одлука и не се сретна со евркомесарот Јоханес Хан, кого испрати порака до македонските политичари да не си играат со оган, притоа повикувајќи, Иванов да ја преиспита својата одлука, итно.

Според одредени медиуми, во Брисел веќе се зборува и за можноста за воведување на ограничени санкции против поединци од Македонија.

На целата оваа сага на којашто се чини нема крај, заложници се сите граѓани на Република Македонија. Оттука останува прашањето, чија одлука на крајот ќе биде правилна, колку Македонија е далеку од европското семејство и имаат ли капацитет македонските политичари, наместо да ја изолираат Македонија од меѓународните институции, да ја интегрираат како полноправна членка во Европската унија?

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -