Од понеделник тимови од министерството за здравство ќе бидат подготвени за мобилни тестирања, а ќе ги опфатат лицата и категориите коишто ќе бидат посочени од страна на епидемиолозите, рече на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој додаде дека таквите тестирања ќе се спроведуваат во местата и градовите коишто ќе бидат посочени како критични од страна на епидемиолозите.
Покрај за новите 24 случаи, Филипче информираше и за двајцата излечени пациенти. Едниот е маж од Дебар кој веќе е испишан од Инфективната клиника и е испратен на домашно лекување откако во два наврати неговиот тест бил негативен.
Втората излекувана пациентка е жена од Скопје, која исто така имала два негативни теста. Документите за неа се спремаат и во текот на денот и таа ќе биде пуштена од Инфективната клиника.
Инаку, од новите 24 случаи, 15 лица се од Скопје, четири лица се од Куманово, двајца се од Дебар, и по едно лице од Штип и Тетово.