fbpx
37.8 C
Skopje

Гласот на Тоше Проески ги буди и довикува децата во „Михајлово“

АКТУЕЛНО

,,Фрли поглед преку рамо ако одиш, сакам да ти бидам патот кој те води, како суво лисје згази ме под себе, ништо не е грубо ако е од тебе’’ – започнува да одекнува гласот на Тоше Проески низ буковата шума на Кожуф планина, по што стотици деца, како во сцена од филм, веднаш се упатуваат кон влезот на одморалиштето ,,Михајлово’’.

Сместено во пазувите на Кожуф планина, на надморска височина од 1.200 метри, веќе неколку години наназад детското одморалиште ,,Михајлово’’ нуди интересно летување за  деца од најразлина возраст.

На само 40 километри од Кавадарци, односно на околу 130 километри од Скопје, одморалиштето опкружено со столетна борова и букова шума е омилена дестинација на голем број на деца од училиштата во Неготино и Кавадарци, кои овде доаѓаат ораганизирано со своите наставници, но и на голем број на туристи од сите краеви, љубители на планинарењето, на свежиот воздух и на недопрената природна убавина.

Реконструиран пат, реновирани соби, игралишта за пинг понг, кошарка и фудбал, вкусни оброци, богата забавна и едукативна програма и многу весели деца беше сликата која што екипата на ,,Фокус’’ ја затекна за време на викендот во ,,Михајлово’’.

Освен децата кои летуваат во девет смени, со осум полни пансиони, забележавме и многу туристи, кои го користат хотелското сместување што го нуди одморалиштето.

Она што е интересно, е дека дури неколку пати во тек на денот, преку разгласот се слушаат звуците на песната ,,По тебе’’ еден од големите хитови на легендарниот Тоше Проески, песна која е еден вид на неофицијална химна на ,,Михајлово’’. Веднаш штом ќе започнат првите ноти на нумерата, сите деца се упатуваат пред влезот на одморалиштето, и застануваат во ред.Токму со оваа песна, наставниците и воспитувачите ги буделе децата, ги повикувале на појадок, на ручек, на ужина…

,,Веќе неколку години сум дел од екипата која што е задолжена за престојот на учениците во ,,Михајлово’’. Наместо да ги будиме и довикуваме децата, на пример со звук на труба или ѕвоно, решивме дека најдобро е тоа да биде со песна. Во разговор со многу деца, сфативме дека сите тие најмногу ги сакаат песните на Тоше, иако многу од нив дури и не биле родени во времето кога Тоше беше жив. Без многу двоумење одлучиме неговата песна ,,По тебе’’ да им биде знак кога треба да се соберат пред влезната врата, за потоа заедно сите да се упатиме на ручек, на прошетка низ шумата, или пак за некоја друга активност’’ – ни раскажа една од наставничките која со своите ученици летува во одморалиштето.

За да имаат исполнет одмор, за децата постојано се одржуваат разни натпревари. Покрај спортските игри, во тек на вечерните часови се организираат и натпревари во пеење, маскенбал, им доаѓа кловн, театарски групи…

Обезбедена е 24 часовна здравствена заштита од доктори и постојано има дежурно амбулантно возило.

Ресторанот во кој се хранат децата е отворен и за останати посетители, кои доаѓаат од сите краеви на земјава. Во него, цените се доста пристапни, а има и богато мени со традиционални јадења како и сите видови на скара и салати.

Одморалиштето беше многу популарно пред повеќе од дваесет години, а потоа десеттина години беше затворено. Владата неколку години го огласуваше за продажба, и во 2013 година го купија неколку бизнисмени по цена од 152 илјади евра, по што следеше негово реновирање и повторно пуштање во употреба.

Денес тоа повторно сјае како во минатото, кога голем број на генерации таму минуваа незаборавни моменти.

Извор: Фокус

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -