fbpx
10.8 C
Skopje

Готово, ќе ја продадам куќата, нема веќе мир во Сопиште, сакаш-неќеш за викенд мораш свадба да слушаш

АКТУЕЛНО

Во нашата мила и прекрасна државичка сè е можно. Овој мирен народ може сè да истрпи! Колку пати сте ги чуле и прочитале овие фрази, присутни меѓу народот. Верувајте, тоа е навистина така. Очигледно е дека ние Македонците можеби овде, на овој свет ќе се соочуваме со потешкотии во нашето битисување, но затоа, царството небесно ќе биде сигурно наше! Зошто? Епа токму поради фактот што ги прифаќаме околностите онакви какви што се, молчиме и се приспособуваме кон нив.

Баш како што заповеда и нашиот Отец небесен, заврти го и другиот образ…

Најнов пример за нашата мирољубивост е општина Сопиште, селото Сопиште, во последниве години популарна дестинација за релаксација, но и за планирање на дом и живот надвор од градската средина.

До неодамна навистина беше така. Селото се наоѓа на надморска височина од околу 550-600 метри и на само 7 километри од центарот на градот. Со релативно добра инфраструктура, градски водовод, струја, канализација, добра сообраќајна врска со градот, автобуси…

Огромен е бројот на Скопјани кои ги продадоа становите во големиот град и со тие пари купија земја и изградија куќи во ова прекрасно место, во надеж дека тука ќе го пронајдат својот мир!

Меѓутоа, сè што е убаво трае кратко. Од пред неколку години, во средиштето на селото, на неколку стотини метри од општина Сопиште, се отвори шатор – ресторан, огромно место за свадби! Значи, не е тоа затворен објект, тоа е платформа врз која се наместени чадор – тенди, под кои, секоj петок, сабота и недела се одржуваат веселби кои траат до длабоко во ноќта!

Се работи за познат скопски ресторан, кој во желба за уште поголема заработка, својот бизнис го проширува овде на сред село, под шатор, и на своите гости, за огромни пари им приредува забави на кои сме сведоци и ние, целото население!

Внимавајте, тој некој (кој и да е) ПРАВИ ПАРИ, а ние сме должни сето тоа да го трпиме! А што е тоа што трпиме? Епа еве вака. Околу 14-15 часот доаѓаат музикантите и ја испробуваат својата опрема. Значи од 15 до 17 часот, кога во нормални средини е време за одмор, ние сме приморани да слушаме: Јен – два, јен – два, проба, пршшшш, шшшшш, јен – два, неартикулирани звуци, неретко пропратени со псовки, веројатно нервоза дури трае таканареченото “местење”.

Од 19 часот почнуваат да пристигнуваат гостите. Со оглед на тоа што ресторанот собирал околу 600 гости, можете да замислите која е таа гужва на улицата, бидејќи сите треба да пристапат тука со нивните возила. ХАОС!

После вообичаениот свадбарски валцер, почнува забавата. Тоа се оние познати свадбарски сплетови, потоа, српско, странско, труби, тапани…

Погодувате. Ние жителите на Сопиште мораме ова да го трпиме. Немаме каде. Од шаторите звукот пробива исто како да ги нема, а поради конфигурацијата на теренот во нашето село, тешко на оние што живеат повисоко, на околните ридови, како мене. Кај нив е како журката да им се одвива во дворот!

И повторно, еден прави пари, а цело село трпи!

Ама ова не е се! Од минатата година тие отидоа чекор понапред! Освен петок, сабота и недела, деновите на викенд кога во нормални средини луѓето одмoраат, а ние сме приморани да затвораме врати и прозорци и да се вариме во овие топли летни вечери, почнаа да прават свадби и во понеделник, вторник, четврток, ма секој ден!

Почитувани пријатели. Знам дека многумина уживаат да ги следат сериите или музичките шоуа на нашите телевизии, убеден сум дека многумина би уживале таа вечер, ама јас искрено, кога ќе ги видам и слушнам тие надсинхронизирани серии, веднаш менувам канал. Не дека имам нешто против музиката, ама кога гледаш телевизија, едноставно, имаш можност да ја гледаш програмата, да смениш канал, или едноставно да го исклучиш телевизорот!

НИЕ ТАКВА МОЖНОСТ ВО СЕЛО СОПИШТЕ НЕМАМЕ! Ние мораме да ја слушаме свадбарската програма од ресторанот.

И повторно, еден прави пари, а цело село трпи.

Извор: Галама

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -