fbpx
21.8 C
Skopje

Груевски: Ги осудувам насилниците кои повредија пратеници, виновниците да се откријат и да одговараат

АКТУЕЛНО

„Токму кога ја одржував последната средба во Виена, претставник на обезбедувањето влезе и ме извести што се случува во Собранието. Пристигнав околу полноќ и одржавме извршен состанок. Го осудувам насилството кое поединци го направија, повредувајќи пратеници. Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, да ги откријат виновниците и да ги изнесат на суд оние кои нанесоа повреди на пратениците. Никогаш во животот не сум помислил да преку насилство да се одржам на власт. Повикувам да не се ставаат во ист кош огромното мнозинство граѓани и оние кои никој не повредија, со оние кои тоа го направија. Ги поздравувам напорите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, што дадоа се што е во нивна моќ и што помогнаа на нападнатите пратеници. 

Го осудувам начинот на кој СДС одлучија да изберат претседателот на Собранието, со што свесно допринесоа за зголемување на тензиите. Бројните провокации не само кон нас од ВМРО-ДПМНЕ, туку и кон огромното мнозинство се директен причинител за состојбите кои се случија оваа вечер. Начинот на кој се обидоа да изберат претседател е вон сите правни рамки и го прекршија Уставот, законот и деловникот. Слушнав дека вечерва славеле со музика во штабот на СДСМ. Овој ден не е ден за славење. 

Алчноста за доаѓање на власт по секоја цена, дури со прифаќање на Тиранската платформа и бегањето од ново соочување со народот на избори е директна причина заради која дојде до оваа ситуација. Во наредните денови ВМРО-ДПМНЕ ќе ги објави следните чекори. ВМРО секогаш била на страната на Уставот, на страна на народот и на националните интереси. 

Повикувам да се прифати инцијативата на претседателот Иванов за средба со партиските водачи, за по мирен пат да најдеме решение. Само преку дијалог ќе се изнајде решение. Се друго води до хаос и оди на штета на државата. Истовремено ги повикувам граѓаните да не подлегнуваат на провокациите на СДС. Некој вечерва сакаше да предизвика хаос и за тоа да ја обвини ВМРО-ДПМНЕ. Народот има право да си ја чува и брани земјата, но физичките пресметки одат на штета на Македонија. Оние кои го правеле сценариото посакувале да има насилство со цел да го стави во сенка противзаконското бирање на претседателот на Собранието. Нивната цел е прстот за вина да се впери кон раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ние повикуваме да не се кријат зад чинот на поединци, за тоа што денес го сторија. Ги повикуваме граѓаните да останат присебни, а политичарите да не предизвикуваат дејства кои би предизвикале меѓуетнички тензии“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -