Албанските политички партии кои освоија пратенички мандати БЕСА, Алијанса за Албанците, ДУИ и ДПА, по одделните средби со премиерот на Албанија, Еди Рама, излегоа со заедничка политичка платформа, која предизвика лавина од коментари, но и широка дебата во јавноста, а во која партиите од албанскиот блок бараат официјализирање на албанскиот јазик на ниво на втор официјален јазик во земјава и тоа пред да биде изгласана новата Влада.
За тоа како што велат од таму, не треба да се менува Устав туку само закон.
Документот односно платформата која е понудена од албанските политички партии е поделен на седум поглавја во кои се бара целосна еднаквост на двата народи, право и правда, сеопфатна дебата за знамето, химната, државниот грб на Република Македонија со цел државните симболи да ја рефлектираат општествената мултиетичност и етничка рамноправност.
Едно од барањата е и усвојување на резолуција во Собранието на Република Македонија со која се осудува геноцидот врз албанскиот народ во Македонија во периодот 1912-1956 година.
Албанската платформа ќе ги отежне преговорите за формирање на Влада, а лидерите на најголемите македонски политички партии се пред значајна и голема одлука за иднината на Република Македонија. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, во своето интервју за Дневник, истакна дека ќе се обиде да состави влада, но не по секоја цена, нагласувајќи дека на Албанците нема да им помогне двојазичност на целата територија на државата, туку отварање на нови работни места и проекти кои ќе значат развој на Македонија, државата во која и тие живеат.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во минатото не сакала коалиција со ДУИ, но се согласила бидејќи изборниот резултат покажал дека волјата на граѓаните албанци бил ДУИ да е во владата. Од албанските политички партии, Алијансата за Албанците и БЕСА донеле одлуки дека нема да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ односно со мандатарот Груевски, за кој како што велат, е осомничено лице пред СЈО.
После ваквите изјави се отвара прашањето дали албанските политички партии Алијанса за Албанците и БЕСА ќе бидат против коалиција и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ако се земе предвид дека во минатото, тој беше осуден, па аболициран од тогашниот претседател, Бранко Црвенковски.
Кој од лидерите на македонските политичи партии ќе ги прифати барањата на Албанските политички партии по цена за состав на нова влада останува да видиме во следниот период.