fbpx
17.8 C
Skopje

Хан по средбата со Заев: Во блиска иднина ќе ве изговорам Северна Македонија

АКТУЕЛНО

Еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан денес оствари средба со премиерот Зоран Заев. По завршувањето на истата Хан ги истакна своите импресии, нагласувајќи дека Скопје во последно време е едно од најпопуларните места за политичарите од Европа и Светот.

Хан своето обраќање кон јавноста го започна со Поранешна Југословенска Република Македонија, но изрази надеж во блиска иднина да се обрати со новото име.

„Одлуката која ќе ја донесат граѓаните на Република Македонија ќе има влијание и на нив и на нивните деца, идните генерации. Референдумот е единствена, уникатна можност да донесат важна одлука која ќе има далекусежни последици.

Спогодбата која ја направивте со Грција е силно поддржана од Европската Унија, и чувар на иднината на Вашата земја. Граѓаните сега независно треба да донесат одлука на референдумот. Останува на Вас, се уште морам да кажам на поранешната Југословенска Република Македонија, и воопшто не ми се допаѓа кратенката, но се надевам дека во иднина ќе ви се обраќам со Северна Македонија, а Вие ќе одлучите дали ќе биде тоа така“, изјави Хан по средбата со Заев.

Премиерот Заев истакна дека во државата веќе се прават големи и важни реформи, а после референдумот реформите ќе бидат уште посилни, со цел Македонија да биде подготвена за преговорите во јуни 2019 година.

„Секоја средба со лидерите на ЕУ во оваа фаза кога сме пред членство во Унијата, е огромна придобивка и поддршка на нашата земја. Круна на нашиот напредок ќе биде почетокот на преговорите за членство во ЕУ во јуни 2019 година. На 27 септември ќе го започнеме скринингот кој е вовед во преговорите.

Веќе правиме важни реформи, а до јуни 2019 ќе покажеме двојно повеќе реформи како што се владеење на правото, борбата против корупцијата, реформи во јавната администрација и реформи во разузнавачките служби. Во таа насока Република Македонија и граѓаните високо ја ценат поддршката од ЕУ, за спроведувањето на неопходните реформи и за спроведување на договорот со Грција.

Денешната посета на големиот пријател на Македонија, Комесарот за добрососедска политика и проширување Јоханес Хан го подржува токму тоа. Граѓаните на Република Македонија никогаш не се чувствувале поблиску до ЕУ како сега“, изјави Заев.

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

- Advertisement -