Еден од клучните фактори во почетокот на разрешувањето на најголемата општествена криза од осамостојувањето на Репбулика Македонија, беше вклучувањето на политичките сили од десната опција во промената на власта којашто беше доминирана од декларираната за десна партија, ВМРО-ДПМНЕ. За да се разбере ова навидум противречно поведение на десните политички сили, треба да се согледа подлабоко изворот на кризата и ризиците со коишто бевме соочени. За тоа е потребно да се тргне од почетоците на партијата којашто од на почетокот главната моторна сила осамостојувањето ја доведе земјата до ризик од пропаѓање. Кревањето на ВМРО-ДПМНЕ беше долготраен и макотрпен процес. Иако на почетокот тргна со голем залет, со мотивирано членство и харизматичен лидер, тоа не беше доволно за да стане главна политичка сила. Со тогаш постоечките капацитети не можеше да му парира на СДСМ, наследничката на владејчката партија од претходниот систем. Наспроти политичката моќ на СДСМ и контролата од неа врз институциите како и влијанието врз изборните процеси, ВМРО-ДПМНЕ се најде во 1994 година пред ризик од огромно назадување. Прашањето за парлментарните избори од 1994 бара посебна опсервација и овде воопшто нема да биде допрено.
Наредниот период, до изборите 1998 година беше период на интензивно зајакнување на капацитетите, како од програмски така и од организациски аспект. Од програмски аспект беа направени огромни чекори за доближување до правците на движење на модерната европска десница. Од организациски аспект беа формирани ефикасни структури за работа на теренот и за организација на работата во целина, главно преку аналитичкиот центар на партијата и единиците на теренот.
Врз основа на така зајакнатите капацитети, во 1998 година за првпат партијата дојде на власт, наспроти огромните тешкотии и кочници во општествениот систем коишто не ја прифаќаа. И наспроти многуте изјави од типот дека таа власт ќе трае само неколку месеци, се одржа практично цел мандат. Нормалното довршување на мандатот, после сите турбуленции, беше прекинато со конфликтот од 2001 година. Прашањето за монтираниот конфликт, во социолошката литература познат како „речиси војна“, којшто ја поткопа тогашната власт и ја урна партијата, заслужува посебно внимание. Сепак, иако е поврзан со оваа тема, излегува далеку од контекстот и бара многу поширока елаборција што не може овде да биде направено.
На крајот од тој период, после сите удари, ВМРО-ДПМНЕ остана голема политичка сила со капацитет да дејствува и на теренот како политичка организација и во институциите со обезбедување на професионални кадри.
Пресвртот што настана со изборите за нов партиски лидер во 2003 година, за коишто сега има конкретни сведоштва дека се случиле по насилен пат, ја промени од корен судбината на партијата. Од партија којашто ја имаше како врвна вредност слободата, се претвори во заробена партија, што понатаму ни донесе и заробена држава. Последниве неколку години поради тоа, сите напори на општеството и меѓународната заедница се насочени кон спрвување со таа ужасно лоша состојба.
Состојбата во партијата ВМРО-ДПМНЕ може да се спореди со хаварија на атомска централа. Моќната машинерија што дошла во рацете на неодоговорни поединци беше злоупоутребена и излезе надвор од нормалниот режим на работа. Од мотор на развитокот, се претвори во бомба што само што не експлодирала, загрозувајќи ја целата земја, но заканувајќи се со штети и пошироко.
Во таквата состојба, обврската на секој одговорен поединец беше да се запре натамошниот развој на хаваријата, како кога тоа се случува со атомските централи. Штетата од тоа запирање е голема, но незапирањето беше во тек да донесе немерени штети на Македонија. Оттука, мора да им се оддде големо признание на сите оние што помогна да не се развие хаваријата до невидени размери.
Пишува: Проф. Д-р Ненад Новковски