Прочитај повеќе




Имаат право да го мразат и едните и другите. И неговите, оние од ВМРО-ДПМНЕ кои ги создаде и кои во 90-тите се натпреваруваа кој прв да застане до него зад камера, оние на кои им ги отвори вратите во политиката и ги направи од НИШТО, „нешто“ во македонската политика, но и оние од СДСМ кои пред 15. години го правеа национален предавник за да денес уште порадикално ги спроведуваат неговите политики во однос на надворешната политика.




Имаат право да го мразат бидејќи тој имаше храброст да го изговори тоа кога никој во државата не смееше ниту да помисли на такво нешто. Со декларацијата за добрососедство со Бугарија потпишана во негово време се обиде да ги затопли односите меѓу Скопје и Софија, да направи чекор напред кон нашата европска интеграција и европска иднина. За жал тогаш СДСМ односно оние кои беа надлежни да ја спроведуваат нивната политика повикуваа да се испита декларацијата потпишана од Владата на Љубчо Георгиевски и за истата нивниот тогашен секретар Ѓорѓи Спасов рече дека треба да се види дали претставуваат национално предавство.
Сепак, времињата се менуваат. Ако до пред 20 години Љубчо Георгиевски беше напаѓан поради своето визионерство, денеска токму партијата на Ѓорѓи Спасов ја покажа потребната одговорност да го потпише договорот со Бугарија, нешто што Георгиевски можеше да го направи уште тогаш.
Неговите пак, оние кои велеа „војводо“ никогаш нема да те предадеме и кои го извикуваа неговото име, кои се повикуваа на неговото име и кои тврдеа дека е икона на ВМРО-ДПМНЕ, денес се од другата страна и глумат најголеми „бранители“ на татковината. Е сега прашањето е од што и од кој ја бранат, но и како ја одбранија?
При промената на името на државата не видовме ниту еден посериозен протест од страна на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ индиректно дозволи да се случи промена на името. И се случи! Денес месеци подоцна никој не зборува за тоа. Нели идентитетот на македонците исчезна во тој момент? Како тоа сега пак се плашиме дека некој преговара за идентитетот? Како тоа сега немаме проблем со Грците, а наеднаш бугарските ставови се само огромен проблем? Толку ли брзо се заборави тоа?
Јас апсолутно сметам дека Северна Македонија не е ништо страшно, не е ништо катастрофално по ниту едно прашање за Македонија. За жал Владата, дел од некои разни интелектуални структури сметаат дека е голема катастрофа ако Македонија го направи тој компромис и едноставно сум песимист дека нешто може да се случи на тој план, вели екс премиерот и претседател на ВМРО НП Љубчо Георгиевски во 2011 година во интервју за БНТ.
Ова е само уште една од низата предвидувања, но и визионерски храбри изјави пред сите други македонски политичари на претседателот на ВМРО НП, кој важи за еден од првите македонски политичари кои имаше храброст, на штета на себе и на својата партија, јавно да каже дека е потребно да се направи компромис за името, со конечна цел, членство во ЕУ и НАТО.
Тоа е само едни од многуте прашања за кои немаат слух нашите „големи интелектуалци“ кога истите доаѓаат како совет од страна на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски. Да го слушавме на време, сега ќе бевме во Европа. За жал, сега во Европа се само ликови како Груевски, кои живеат во европски метрополи и развиени и средени држави. Ние, народот, обичниот граѓанин, ќе почекаме за тоа. Секако, доколку Бугарија не се реши да подели уште стотици илјади пасоши за да може македонскиот граѓанин да живее и работи во Европа…